Хаикот на танчарката

/, Литература, Блесок бр. 63/Хаикот на танчарката

Хаикот на танчарката

Таа имаше лесни и брзи чекори; зад сета таа леснотија се криеше грижливо избрана пресметаност. Секој нејзин потег низ просторот кажуваше збор. За да не се открие докрај, за нејзините зборови да бидат колку таинствени толку и длабоки, таа танцуваше во скапоцен хаик.

* * *

Тој беше умно и палаво момче. Неговиот татко ткаеше хаици, продолжувајќи ја семејната традиција стара осум колена. Едвај понекогаш, некому од семејството му успевало да исткае хаик со вџашувачка убавина. Тоа се случувало еднаш на секое колено; откога ќе завршел со хаикот, ткајачот паѓал во нешто што наликувало на ментална затапеност и физичка исцрпеност. Тоа траело неколку денови, за кои сето семејство се молело за оздравување на ткајачот.
На првото колено, семејството било прилично збунето, и – исплашено. Тие ределе разни претпоставки за тоа колку би можела да трае таа чудна замореност, кои се нејзините причини, какви би можеле да бидат последиците… Во меѓувреме, грижливо ги распределувале парите, за во случај ткајачот да не се поврати семејството да биде способно да опстои додека првиот и тогаш единствен син на ткајачот не почне да заработува.
Ткајачот не само што се поврати од чудната и подмолна болест, туку потоа почна да ткае со многу поголема брзина, како да сакаше да го надомести загубеното време. Така мислеа оние што го гледаа и што се восхитуваа на вештината на неговите раце. Само тој самиот знаеше дека прекрасниот хаик е плод на бавна и упорна работа. Длабоко во себе, копнееше да исткае уште еден таков, па макар му бил и последен, но мислата за обврска спрема семејството го тераше да работи со половина душа, повеќе мислејќи на следниот, отколку на хаикот што во моментот го ткаеше. Оваа работа, се разбира, му донесе дополнителни приходи на семејството, така што кога ткајачот од третото колено по тринеделна работа на еден единствен хаик падна во бессознание, семејството не беше толку загрижено; молитвите не беа толку ревносни и сите знаеја дека се потребни само неколку денови за ткајачот да продолжи со својата работа. Неговиот хаик беше сместен крај другите два. Овде намерно не велам дека бил помалку или повеќе убав од другите, затоа што секој хаик од оние што семејството ги чуваше како ретка скапоценост и реликвија во знак на почит спрема маките на неговиот создател, беше убав, волшебен и прекрасен, на некој свој, посебен начин, што не оставаше место за споредба со другите. Кога кој било од тие хаици би бил издвоен од другите, вие веројатно би рекле дека е тоа најубавиот хаик што постои, но тие хаици беа чувани заедно, и си имаа некој свој, заеднички печат. Некои велат дека тоа е печатот на судбината, други пак – на убавината.
Тој потоа исткаја уште многу такви платна, но ниедно не беше ни одблиску толку убаво како хаикот што го фрли во тешка зашеметеност.
На шестото колено, се роди ткајач што исткаја два хаика со волшебна убавина. Првиот го исткаја неколку месеци откога го презеде занаетот од неговиот татко. Жените од семејството, особено оние постарите, гледаа во тоа некаков злокобен предзнак: им се чинеше премногу рано. Ткајачот од шестото колено ја победи болеста по само два дена, што беше и восхитувачки и застрашувачки. Тоа придонесе жените да му се иставаат од патот како да е туѓинец во сопствената куќа. Мажите, откога ќе излезеа од џамијата и кога ткајачот ќе тргнеше одново да ткае седнуваа и по долго молчење почнуваа гласно да размислуваат за него. Неговиот татко велеше дека тоа ќе му донесе брза пропаст и сите се согласуваа со тоа. Сепак, сите знаеја: на ткајачот не може да му се наложува што било во врска со неговата работа. Глаголеа така, и на сите им се чинеше дека зборовите им бегаат напразно, како да првнуваа кон небото над нив и празнотијата што ја чувствуваа потоа беше слична на недостаток на облаци. Најстариот од браќата на ткајачот се бореше со жестината на зборовите што се роеја во неговата глава и успеваше да ги задржи зад стиснатите усни. Никогаш не рече дека тој би ја продолжил работата на брата си, зашто знаеше дека семејството може да има само еден ткајач од едно колено. Ткајачот во семејството беше на некој начин осамен и издигнат над сè, како џамија. И сè се вртеше околу него, како околу џамија. Разговорите на мажите продолжуваа сè додека самракот не почнеше врз нив да истура модри бои.

* * *

Кога беше момче, изгледаше дека ништо не го интересира толку колку што го интересираа приказните. Минуваше часови кога ќе наидеше на добар раскажувач; се чинеше дека ги голта зборовите и долго потоа приказните што ќе ги чуеше ѕунеа во неговата глава. Сакаше да прави сценографии за приказните што самиот ги смислуваше. Прво го правеше тоа зад затворени очи, потоа почна да црта по ѕидовите на куќата.
Најмногу ги сакаше приказните за тврдината…
Било тоа во една единствена ноќ: околу градот почнале да раснат ѕидови. Сиот град бил на нозе, да го види тоа чудо. Ѕидовите се појавиле одненадеж, како цвет што вирее, што цути и прецутува во еден ден. Ѕидовите останале.
Бучавата не била толку голема како што можеби би требало да се претпостави, но никој не спиел таа ноќ. Престрашени, тие гледале во камените зданија што почнале да ги опкружуваат. Го барале одговорот во претсказанија и стари книги, го барале одговорот во своите гревови. Кога ѕидовите престанале да растат, разбрале дека одговорот е во нивните доблести; градот бил заштитен со неосвоива тврдина и сите почнале да се чувствуваат полагодно во него.
Следната ноќ, градот повторно бил на нозе: овој пат бучавата била многу посилна, градот почнал да трепери во темелите. На источниот дел од градот, во самите ѕидини, се отворил процеп и се ширел со таква брзина што луѓето во паника почнале да бегаат кон спротивниот, западен дел на градот. И, одеднаш, сè се смирило. Од некаде, како дотогаш да не постоела, во новата клисура се појавила река.
Сега, тврдината била отворена, и некои од нив се исплашиле дека повторно ќе бидат незаштитени. Други, пак, се утешиле што сега треба да се бранат од само една страна. Третите, тие биле радосни што градот е повторно отворен кон светот. Воздухот им станал полесен за дишење, и тегобноста што ѕидините им ја донеле речиси ја снемало.
Реката ја нарекле Румел. Течела кон Исток, во пресрет на светлината на новиот ден…
Тоа беа некои од сликите што момчето ги имаше сочувано во себе. Таа река го возбудуваше на некој недокрај јасен начин. Кога беше пред неа, чувствуваше страв. Кога беше во неа, му се чинеше дека ја гледа историјата на градот. Ги споредуваше своите видувања со приказните за градот и виде дека сето тоа се совпаѓа. Не само тоа – му се чинеше дека тој знае многу повеќе детали отколку кој било раскажувач. Потоа се обиде да се убеди дека премногу детали можат да ја задушат приказната, и ги чуваше приказните за себе. Веруваше, кога ќе порасне, ќе стане – раскажувач. Си ги прераскажуваше приказните во себе, менуваше некои поединости, ги збогатуваше онака како што мислеше дека ќе биде најдобро, и го чекаше денот кога ќе почне да раскажува. Но, тој беше најстариот син на својот татко и мораше да го наследи занаетот. Стана ткајач.

* * *

Во модрите бои на доаѓањето на ноќта, реката стануваше заканувачки страшна. Ткајачот стоеше пред неа, и му се чинеше дека го слуша гласот на брат му, гласот на татко му, измешани во неверојатна какофонија на непрепознатливи зборови. Многупати, така застанат крај реката, тој посакуваше да каже дека сака да прекине со сè – и со ткаењето, и со изедначеноста на јазлите во хаиците… Па и со семејството, ако треба. Но, молчеше и ткаеше понатаму, исплашен од последиците, како што порано се плашеше додека ја гледаше реката. Некаде во него, тлееше верба дека сè ќе се смени на подобро ако се обиде да ги истера работите на чисто, но потоа помислуваше дека неговото влегување во реката е она што му го изменило животот и се маткаше низ своите мисли како мислите да му беа незавршени јазли на обичен, бел хаик.

* * *

Велат дека секое семејство си има свое проклетство. Проклетството на ова семејство беше преточено во прекрасни хаици, и ткајачите го носеа со себе како вечно да минуваа низ чистилиште трагајќи покајание. Некои од семејството веруваа дека проклетството може да стане уште пострашно, сега кога младиот ткајач толку рано се втурна во него.
Тој си ја работеше работата како ништо посебно да не се случило, ниту пак ќе се случи. Воопшто не забележуваше дека жените се однесуваат онака како што се однесуваат, ниту пак се чинеше дека забележува што прават мажите. Го бунеше какофонијата на блиските гласови кога стоеше крај реката, но оставаше времето да ги донесе одговорите.
Во себе го носеше убавиот хаик, но колку што поминуваше времето, чувството на воодушевеност полека се претвораше во чувство на спомен, што имаше вкус на мелено нане.

2018-08-21T17:21:09+00:00 декември 29th, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 63|