Нурнување

Нурнување

Нурнување
Во магла
Заспан свет

превод од англиски: Магдалена Хорват

Милоста е законот на движењето надолу.
– Симон Вејл

Крик се кине како удар на крилја:

меѓу звуци и шумови на јазикот
твојот глас доаѓа и си оди.
Фрагменти од болнички кревет.

Дали ова ни е одредиштето?
Се вика патување,
но ти не бараш ништо –
не сакаш да стигнеш
тука
во мракот зад преградата
таму
на крајот
отаде ходникот осветлен од ноќта.

На самрак, влага се крева од реката.
Зеленото топче
во цевката за инфузија
пушта само малку
да помине.

Одиме кон самиот раб,
кон мракот
во кој прозорците ги нишаат своите кајчиња.

Твојата болест е еден вид пакт;
да се издржи
е да се издржи дури и смртта
во ова име – љубов.

По полноќ, се навалувам на ѕидот
да пуштам една количка да помине.
Секогаш истото лице е изложено,
две исти јаболчици ја креваат кожата
како шаторски шипки,
твоите ноздри

темни
од ветувањето на воздух.

Ова е реката за која сонуваме и која нè плаши.

Еднаш, видовме јагула
фатена од жерав,
птицата ја испиваше
небаре е црна река.

Слушај –

разбрануван сјаен линолеум, еве доаѓа,
раната
во грлото на ходникот –
твоето викање
што го кине и отвора мракот.

Огромното слушање врз мојот јазик
набабрува
со звукот,
чекорам низ ходникот
небаре има нешто да се изброи,
небаре плочките се знаци
или бројки:
се губат лизгајќи се
зад мене.

Дури и кога стегам поцврсто
ти исчезнуваш.
Како телескоп во својот сопствен црн центар.

Ова ли е?
Целата гозба на љубовта
оваа солена
инфузија?

Осаменоста на твоето голо тело
пред лекарите и нивната опрема
ме открива;
го чувствувам речното долго
студенило врз кожата –

додека стануваш непознат
дури и на самиот себеси,
продолжувајќи да чукаш и тропаш во непознатото
каде што се бориш или предаваш, покоруваш –
додека кислородот ти ги детонира белите дробови,
катетарот
ти го молзе мочниот меур –
или се давиш.

Остана ли нешто убаво
на светов?

Ми стави страв на прстот,
прстенеста речна птица.

Повлечи ја завесата.
Креветите се полнат, празнат и полнат.
Има ли музика што ова ќе го оправда?

Врати ме до реката сред лето
скриена под грмушките –
тие капки на значење.

Твојот страв
и мојот
прават строфа без одговор.

Колено, колк, рамо:
во огледалото на прозорецот
види го
телото
како плута нагоре
кон површината на ноќта.

2018-08-21T17:21:14+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Поезија, Блесок бр. 57|