МЕТАТЕАТРАЛНИ ЕЛЕМЕНТИ ВО ДРАМАТА НАРОДЕН ДЕМОКРАТСКИ ЦИРКУС САКЕШВИЛИ НА РОК ВИЛЧНИК

/, Литература, Блесок бр. 151/МЕТАТЕАТРАЛНИ ЕЛЕМЕНТИ ВО ДРАМАТА НАРОДЕН ДЕМОКРАТСКИ ЦИРКУС САКЕШВИЛИ НА РОК ВИЛЧНИК

МЕТАТЕАТРАЛНИ ЕЛЕМЕНТИ ВО ДРАМАТА НАРОДЕН ДЕМОКРАТСКИ ЦИРКУС САКЕШВИЛИ НА РОК ВИЛЧНИК

САКЕШВИЛИ: Мислев да почнеме со Сакешвилии бидејќи немаме костими и реквизити.

САКЕШВИЛИ: Знам, Сакешвили, знам. Само што да правиме. Кој можеше да предвиди дека Сакешвили одеднаш ќе пукне. Вчера изгледаше толку здраво.

САКЕШВИЛИ: Изврши нужда во фоајето.

САКЕШВИЛИ: Знам. Тој сѐ може. Многу е способен.

САКЕШВИЛИ: Па барем не го направи тоа на сцената.

САКЕШВИЛИ: Ајде, не е тој режисер. Мајка му сакешвилска, мора да ја изведеме претставата. (Нервозно поминува со раката низ косата.) (Вилчник, 2016: 8)

Споменатото фоаје истовремено го претставува просторот во претставата, но и фоајето низ кое реалните гледачи ќе си одат дома по претставата. На овој начин, Рок Вилчник ги користи просторите на самиот театар како реквизити, бришејќи ги границите меѓу драмското дејство и реалноста. Просторите на реалното и фиктивното во оваа драма се вкрстуваат на најразлични начини, од користењето на публиката до театарските простории, меѓутоа, важно е да се спомене дека оваа драма не си поигрува со реалноста само на театарски план. Имено, оваа претстава е осмислена како еден вид уметнички проект, кој имаше своја интернет димензија.

За време на првата премиера на претставата Народен демократски циркус „Сакешвили“, беше активна фејсбук-страницата Peoples Democratic Circus Sakešvili[3], која служела како инфо-страница на социјалната мрежа, чии објави биле мешавина од реални и фиктивни информации објавени од претставници на циркусот „Сакешвили“. Поигрувањето со дополнителното читање на интернет не заврши само на најголемата социјална мрежа, туку ја вклучуваше и најголемата онлајн енциклопедија. Покрај тоа, Народниот демократски циркус „Сакешвили“ има и своја страница на Википедија[4], каде што читателот може да најде информации за историјата на циркусот, вредностите за кои тој се залага, како и за ансамблот. Сите овие информации се поврзани со светот на творештвото на Рок Вилчник и се интернет додаток на самото дело. Така што поигрувањето со вистината, фикцијата, замисленото и реалното во циркусот на Вилчник е реализирано на повеќе рамништа, па така ова дело истовремено може да се сфати како драма во потесна смисла, односно драма со метатеатрални елементи, но и како целосен мултимедијален и интердисциплинарен уметнички проект проткаен со силна критичка свест.

Зоран Милутиновиќ смета дека прашањето за општествениот идентитет е прашање на реалноста и кога се исклучува сѐ што е променливо, елементите што го одредуваат човековиот идентитет се наоѓаат во личните документи како: лична карта, пасош итн. На посебен начин и тоа ги одредува лицата во драмата, бидејќи во метатеатарот тие се, всушност, дел од реалноста. Во последниот сегмент од драмата Народен демократски циркус „Сакешвили“, лицата што дотогаш имале флуидни идентитети, односно идентитети што често се менуваат во текот на драмата и стануваат Струмецки, Лебе и сл., сега се во позиција да го утврдат својот идентитет, добивајќи можност да ги видат своите документи:

САКЕШВИЛИ: Гледајте тука… Секој сам нека си прочита. До сликата пишува…

(Им ги покажува и секој си чита…)

САКЕШВИЛИ: Реквизит.

САКЕШВИЛИ: Реквизит.

САКЕШВИЛИ: Реквизит.

САКЕШВИЛИ: Реквизит.  (Вилчник, 2016: 57)

На ова место во драмата најјасно се претставува катарзичната улога на метатеатралното на елементите и тоа тука го достигнува својот врв. Уште повеќе, во еден од деловите на драмата, гледачот веќе беше соочен со сознанието дека тој, всушност, е дел од претставата и дека е вовлечен во неа, што беше постигнато со користење на некои средства за метатеатралност, а потоа во еден момент реквизитерот Сакешвили дури и го убива еден од гледачите, што укажува дека и гледачите се реквизити на оваа претстава. На тој начин се постигнува спој на метатеатрални со критички елементи, а претставата успева да ги избрише или барем да ги замагли границите меѓу реалноста и фикцијата претставени во драмата, барем за нејзиното времетраење. Во овој случај, замаглувањето на границата помеѓу реалноста и имагинацијата дејствува посилно и покатарзично врз гледачот и преку комични и метатеатрални ефекти гледачот може многу подлабоко да ја интернализира општествената критика претставена во драмата. Со други зборови, значењето на овие последни реплики во кои драмските ликови се дефинираат и конституираат како реквизити е со помош на бројни метатеатрални елементи, универзализирано и ја вклучува публиката, која преку катарзичниот ефект на оваа претстава би станала свесна дека таа самата по себе е реквизит во оваа претстава, која всушност е циркус. Потоа доколку претставата, која всушност е циркус, се интерпретира низ призмата на метатеатралноста и се добие увид во тоа како се бришат границите меѓу драмското дејство и реалноста, публиката тогаш би можела да стане свесна дека таа е само реквизит во циркусот што, всушност, е реалноста на еден општествен и политички систем. Таа, всушност, станува дел од комичниот и циркускиот систем кој, како и оној Сакешвили од Народна Демократска Република Сакешвили, не е толку оддалечен од гледачот како што изгледа на почетокот.

Превод од српски: Винсент Вилчник


 

Референци:

Vilčnik, R. (2016) Ljudski demokratični cirkus Sakešvili. http://sigledal.org/w/images/9/95/ Rokgre_Ljudski_demokrati%C4%8Dni_cirkus_Sake%C5%A1vili.pdf Пристапено на  28.02.2019.

Milutinović, Z. (1994) Metateatralnost. Beograd: Studentski Izdavački Centar.

Obrazloženje Grumove nagrade 2016. http://sigledal.org/w/images/6/61/Nagrada_Slavka_ Gruma_2016.pdf  Пристапено на 24.02.2019.

Orel, B. (2001) Struktura gledališča v gledališču. Primerjalna književnost. Vol. 1, no. 24, 101–117.

Ljudski demokratični cirkus Sakešvili, https://sl.wikipedia.org/wiki/Ljudski_demokrati%C4%8Dni_cirkus_Sake%C5%A1vili Пристапено на 26.02.2019

Peoples Democratic Circus Sakešvili, https://www.facebook.com/sakesvili/ Пристапено на 26.02.2019.


[3] https://www.facebook.com/sakesvili/

[4] https://sl.wikipedia.org/wiki/Ljudski_demokratični_cirkus_Sakešvili

АвторДарко Илин
2023-10-01T12:30:11+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 151|