МЕТАТЕАТРАЛНИ ЕЛЕМЕНТИ ВО ДРАМАТА НАРОДЕН ДЕМОКРАТСКИ ЦИРКУС САКЕШВИЛИ НА РОК ВИЛЧНИК

/, Литература, Блесок бр. 151/МЕТАТЕАТРАЛНИ ЕЛЕМЕНТИ ВО ДРАМАТА НАРОДЕН ДЕМОКРАТСКИ ЦИРКУС САКЕШВИЛИ НА РОК ВИЛЧНИК

МЕТАТЕАТРАЛНИ ЕЛЕМЕНТИ ВО ДРАМАТА НАРОДЕН ДЕМОКРАТСКИ ЦИРКУС САКЕШВИЛИ НА РОК ВИЛЧНИК

Мултимедијалниот уметник Рок Вилчник, кој за себе го избра псевдонимот Рокгре, е еден од најзначајните словенечки современи драматурзи и културни дејци воопшто. Се занимавал со ликовна уметност, има објавено три стихозбирки, три романи, повеќе од 35 драмски текстови и учествувал во проекти на многу словенечки театри. За драмата Народен демократски циркус Сакешвили ја доби Грумовата награда (негова трета по ред), која претходно ја доби и во 2000 и 2008 година. Критичарите го опишуваат неговото драмско творештво како иновативно и некохерентно, од една страна се издвојуваат драмските текстови напишани на сосема секојдневен и груб јазик, кој ја истакнува реалистичноста на драмското дејство, додека вториот дел на неговите драми е напишан со поетски интониран јазик, кој е згуснат, метафоричен и асоцијативен, со што неговото драмско творештво се приближува до лирската драма.

Во образложението на жирито за Грумовата награда за 2016 година, се наведува дека драмата Народен демократски циркус „Сакешвили“ е „драма на апсурдот во неговата лудистичка варијанта“ и дека станува збор за драма што „константно се поигрува со рецепцијата на читателот/гледачот и постојано ја менува ситуацијата создадена од четири лица чиј идентитет цело време се менува“. На самиот почеток на текстот, читателот може да забележи еден крајно необичен елемент; во театарската листа се наведени пет лица, од кои четири се со исто име Сакешвили, а петтиот е именуван само како „уште некој“ (Вилчник, 2016: 2). Оваа драма во целост го претставува настапот на Народниот демократски циркус „Сакешвили“, и тоа прв настап по смртта на нивниот доживотен претседател, кој го носи истото име како и сите други лица – Сакешвили. Не се дадени ниту времето, ниту местото на драмското дејство, што може да се толкува на различни начини: како маркер што се користи за универзализација и обопштување на драмата или како средство за конкретизирање на драмското дејство во одреден час на изведба, односно на драмското „сега“. Оваа драма е настаната врз основите на традицијата на драмите на апсурдот, што е лесно да се забележи од мноштвото навидум неповрзани сцени, како и од присуство на апсурден хумор поврзан со постапките на овие лица.

Сепак, оваа драма ја обележува и изразит критички аспект. Имено, драмата е критика на состојбата во тоталитарни системи кои го ограничуваат поединецот и вршат контрола врз него. Еден од најсилните критички аспекти на оваа драма е начинот на кој индиректно се прикажува односот на тоталитарниот систем и индивидуалноста на поединецот кој живее во него, на што, меѓу другото, алудира и именувањето на ликовите. Со помош на сценска комедија, која се реализира низ апсурдните ситуации, претставена е остра критика кон властите и потчинетите, кои во тоталитарниот систем живеат апсурден и циркусантски живот.

            Има многу различни начини на кои драмава може да ја надмине традиционалната рамка. Средиштето на оваа анализа е претставено со три меѓу себе блиски концепти, кои се однесуваат на идејата дека драмата може да внесе во себе поинакви идеолошки елементи. Со други зборови, можноста да се оддалечи од традиционалната поделба на драма на актери како носители на фиктивно драмско дејство, и на гледачи исклучиво како реципиенти на она што го претставуваат актерите на сцената. Идејата за драмата како самосвесен книжевен конструкт е својство на драмата на дваесеттиот век, иако почетоците на таквата шема може да се забележат многу порано во минатото. Три концепти од овој вид, кои ги споменува Барбара Орел, се: драма во драма, театар на светот и метатеатар (Орел, 2001: 110). Метатеатралноста претставува посебен вид  самосвест на драма и првпат се споменува како таква во збирката есеи на Лајонел Ејбл: Metatheatre: A New View of Dramatic Form од 1963 година, кој со тој термин го нарекол секое театарско творештво што ги тематизира театрализираните форми на живот, т.е. живот во кој театралноста е иманентна, што значи дека драмата што е свесна за својот живот на сцената е таква што може да се означи барем како драма со метатеатрални елементи. Двата најважни сигнали за самосвеста на драмата се: постоењето на лик поделен на дел од ликот што останува во драмскиот свет и дел што излегува од него, со цел да го привлече вниманието на гледачот кон она што го гледа и кон театарските карактеристики на драмата; друг сигнал е драма во драма. Иако овие две средства за метатеатар се, всушност, основни и фундаментални, има многу повеќе метатеатрални елементи кои не се толку очигледни, па затоа треба да им се посвети поголемо внимание, вели Зоран Милутиновиќ (1994: 9–11).

Во драмата Народен демократски циркус „Сакешвили“ е очигледно тоа дека самата драма, односно драмското дејство ја надминува традиционалната рамка и што во голема мера се присутни елементи на драмската самосвест. Имено, како најголема и најраспространета форма на самосвест на оваа драма е фактот што тој Народен демократски циркус „Сакешвили“, внатре во истоимената драма, всушност е циркус и дека гледачите на драмата истовремено го гледаат настапот на тој циркус:

САКЕШВИЛИ: Почитувани дами и господа, би сакал да ја искористам оваа прилика да се извинам бидејќи денешниот настап ќе се одржи во нешто посебни услови. Како што веќе спомнав, нашиот (…) реквизитер полуде. Инаку, секогаш со нас носиме цела палета костими и реквизити, но ништо од тоа сега не е достапно. Тој полуде… и не малку. Денес, кога дознавме за смртта на нашиот доживотен претседател Сакешвили.[1]

 (Вилчник, 2016: 4)

Имајќи предвид дека амбивалентноста на оваа драма се манифестира во текот на целото нејзино траење, тоа резултира со посебен вид драматичен ефект. На тој начин, целата драма може да се сфати како драма во драма и поради тоа метатеатралните елементи во оваа драма се втемелени како нејзина клучна карактеристика. Затоа, на самиот почеток, границата помеѓу театарот и животот е избришана, а авторот создал драма свесна за себе, т.е. метадрама.

Во обидот да се осветлат метатеатралните елементи во оваа драма, важно е да се имаат предвид истражувањата на Барбара Орел во нејзиниот труд за структурата на пиеса во пиеса како еден од елементите на самосвесноста на драмата. Орел, имено, ги наведува поимовите што ги сочинуваат конститутивните елементи на пиеса во пиеса како драмско средство:

1. Примарна, матична, односно рамковна драма, т.е. драмскиот текст во кој е интегрирана пиеса во пиеса, 2. пиеса во пиеса, односно театар во театар, т.е. пиесата што се вметнува во примарната драма и во однос на другото драмско дејство, кое истовремено тече, се прикажува како театарска претстава, 3. фиктивна публика се личностите што за време на одигрување на пиесата во пиеса имаат улога на негов гледач, 4. реалната публика се посетителите што ја гледаат претставата во која е вметната пиесата во пиеса. Дефиницијата на театар во театар се воспоставува од нивна гледна точка (Орел, 2001: 102).


[1] Сите цитати од драмата го претставуваат преводот на авторот на трудов, кој е направен исклучиво за оваа намера.

АвторДарко Илин
2023-10-01T12:30:11+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 151|