За значењето на несвесното и за силата на имагинацијата

/, Критика, Литература/За значењето на несвесното и за силата на имагинацијата

За значењето на несвесното и за силата на имагинацијата

Со камен по девицата или еротика на споредните скалила

Еден од најсуптилните раскази на овој полски писател, говори за адолесцентното „искуство“ на главниот лик – младата Алиција – уметничко олицетворение на претставата за несвесното. Како главен протагонист, поставен во средиштето на расказната постапка и фокусиран од аспект на омнисцентниот раскажувач, овој типично женски лик – сместен на границата меѓу инфантилната наивност и чедната женска зрелост – се наоѓа во исчекување на неизвесноста што ќе ја донесе младиот љубовник претставен во ликот на Павел свршеникот. Така, уште од самиот почеток на оваа суштинска релација маж – жена, имплицирана во пропозицијата од типот: „Не е лесно да се сочува она суштество чија единствена причина за постоење е – привлечноста5F“, Гомбрович го иницира проблемот на половата зрелост. Имено, како фундамент на машката претстава за моралноста на жената, тој ја отсликува онаа често цитирана феминистичката девственост околу која се обликуваат, всушност, сите машки инстинкти; изедначена со несвесното и инстинктивното, девственоста во истоимениот расказ на Гомбрович е идеализирана до границите на една алогична комбинација од физика и метафизика, од конкретно и апстрактно. Наспроти женската девственост изразена преку специфично гомбровичевски симболи, машката девственост е сместена на рамниште на општествено институционализираната доблест. Оттука, аналогно на релацијата маж – жена, дистинкцијата меѓу Природата и Културата ќе ја сведеме на опозицијата Несвесно и Свесно конвенционално.
Од тие причини, семата на невиноста сугерирана во самиот наслов, лесно можеме да ја прифатиме како архисема на една „прасостојба“, што во основа го открива митот за првиот грев и за исконското сознавање на доброто и злото. Овој библиски мит разнишан од болката – која согласно со фабулата на нашиот расказ, ја предизвикува еден рамнодушен и циничен удар со камен – претставува, според Гомбрович, начелно чувство од кое сè почнува и на кое сè се сведува. Во суштина, тој е еднаков на свеста кај првите рајски луѓе и нè наведува на помислата дека секое осознавање, во суштина, е болно! Еве ја клучната митема што во расказот Девственост ја потврдува оваа сугестија: „Кога првите родители по наговор на сотоната, ги вкусиле во рајот плодовите од дрвото на сознанието, како што знаеш, сè тргнало удолу. – О, Господи – преколнувале луѓето – удели ни макар малку од изгубената чистота и невиност. Но, Господ Бог беспомошно го гледал мноштвото и не знаел ни како, ни каде да ги смести Чистотата и Невиноста во тоа погано стадо. Тогаш ја создал девицата, урната на невиноста, ја затворил цврсто и ја пуштил меѓу луѓето во кои таа разгорува носталгичен немир“ (стр. 18).
Имајќи го предвид интертекстуалното обележје на овој цитат, како и истражувањата на Клод – Леви Строс изнесени во книгата За пресното и печеното, можеме да кажеме дека сознанијата по однос на ацентричната структура на митот, го навеле Жак Дерида6F на мошне интуитивен заклучок: митот не може да има свој апсолутен предмет, ниту апсолутно средиште, но затоа пак, самиот тој може да биде центар за еден епистемолошки начин на мислење; тој е онаа точка во која супституцијата на содржините, на елементите или термините, веќе не е можна. Оттаму, и ставот дека – во улога на средиште – митот не дозволува никаква пермутација, ниту каква било трансформација на елементите. Затоа ќе речеме: тој би бил она нешто кое, и покрај тоа што, на извесен начин, владее со самата структура, сепак непрестајно се оддалечува од неа. Во тој случај, кажано со зборовите на Дерида, митот не може да биде средиште во вистинска смисла на зборот, зашто не ѝ припаѓа на структурата, ами се наоѓа некаде другаде, некаде вон неа – во епистемата на авторот.
Логично, сега се поставува прашањето – дали токму оваа митема е она јадро околу кое, мошне интуитивно, Гомбрович ја изградил својата уметничка фикција, или – можеби – откриваме нешто друго во длабинската структура на неговите раскази?
Колку за пример, ќе го илустрираме „искуството“ на младата Алиција видено со очите на Витолд Гомбрович: „… оној камен, знаеш, во мене разгори посебен немир. Немој ништо да ми зборуваш, не сакам ништо да знам – но, сепак, ме мачи градинава, и розиве, и ѕидот, и белината на моето здолниште и ох, што знам, можеби сакам сиот грб да ми биде полн со модринки… Каменот ми шепна, му дошепна на мојот грб дека таму, зад ѕидот има нешто – и јас тоа нешто ќе го изедам, ќе го изгризам… всушност, ќе го изгриземе заедно, Павел, ти со мене, јас со тебе, морам, морам… инаку, без тоа ќе си умрам млада“ (стр. 21 – 22).
Очигледно е дека инсистирањето на болката и на несвесната потреба за прекршување на строгите норми, ја дезавуира Културата и доблесните придобивки во расказниот свет на Витолд Гомбрович. Опседнат од феноменот жена-девојка кој, од уметничка гледна точка претставува еден „суптилен идеализам“, овој уметник својата литерарна профилација ја формира под влијание на еросот; затоа сите негови естетски цели изгледаат како да се потопени во плотна, инстиктивна и деликатна еротика.
Расказот На споредните скалила, претставува извонредна стилизација на Втората Човечка Природа. Преку прикриените, но помамни доживувања на ликот Филип – аташе на Министерството за надворешни работи, потсекретар на Владата и обожувач на дебели, забрадени слугинки кои го враќаат во минатото – Гомбрович нè опоменува дека тој кон нив, сепак, не чувствува никаква страст, „барем не од таков вид“, вели јунакот во расказот На споредните скалила, „само длабоко некаде во мојата душа, некаква голема, премногу слатка бојазност. Единствено таа ми остана од детството, кога срцето ми тупкаше додека без здив ја гледав нашата слугинка… Задушена од отменото држење, таа бојазност засекогаш ги засака кујнските женишта што се туткаа околу бакалниците, и во нив наоѓаше спокојство“ (стр. 56).
Исплашен од впечатокот што би можел да го остави пред колегите од Министерството, Филип решава да ја прикрие својата внатрешност: неговата млада женичка е типичен антипод на слугинките од неговата фантазија. Но, нејзината прециозна грижливост кон телото, нашиот јунак ја доживува како сурова, тиранска интенција која би можела да го задуши дури и последното зрнце носталгична возбуда од минатото. Сепак – скриена дури и под отмените поли на вештачки стекнатата префинетост – возбудата си останува возбуда. „Е, забранети, избледени спомени – какво неразумно суштество е човекот… чувството во него секогаш го победува разумот“ (стр. 61).
Да резимираме: она што начелно важеше за првиот расказ на Гомбрович, може со извесна резерва да му се припише и на вториот. И во него имаме замена на сема во архисема; и овде се обидува да надвладее онаа „индивидуална природа“ на ликовите – она што е забрането и од кое зазира сета општествена Култура, она „непожелното“ што предизвикува „слатка бојазност“ во расказниот свет на полскиот писател. Но, и покрај тоа што индивидуалните вредности на неговите ликови влегуваат во социјализирани инстанции, тие не се нужно вклопени во општествениот закон на целината. Затоа на оваа точка од расказот се можни престапи. Но, бидејќи срамот и стравот како афективен производ на заедницата, ги вбројуваме во допуштените придобивки на Културата, тие се оние причини што ги принудуваат ликовите од расказниот свет на Гомбрович, да ја поднесуваат тиранската репресија врз „нагонот“. Говорот на тие ликови открива превртени вредности, симболична еротика и несвесна парадигма: „Во оној час пред смрачување, во време кога се палеа првите фенери, сакав да излегувам в град и да ги пресретнувам слугинките. Тоа незабележливо ми прејде во навика, а како што знаете – consuetudo altera natura“ (стр. 55), вели главниот протагонист од расказот На споредните скалила.
Ќе потсетиме: интронизирањето на несвесното и на природните пориви за сметка на угладените, свесни и институционализирани односи, е клучната тема во расказите на Гомбрович. Тие го доведуваат во прашање природното, атавистичкото и ако сакате – приватното морално. Значи, клучен е инстинктот, оспорената несвесна реакција која постојано ги доведува во опозиција Природата и Културата. Затоа јазикот на Гомбрович делува (не)свесно и автентично. Таков е и неговиот стил. Во поголем дел од неговите раскази шегата спонтано преминува во сериозност, а онаа инфантилна неодговорност – во одговорност. „Ќе признаете дека сум сосема пристоен произведувач на примитивноста во нејзината чиста состојба7F“, ќе рече за себе овој полски писател. И навистина – за неа и за виртуозно водената раскажувачка постапка на овој уметник од светски ранг, конечно и на овие простори, треба да му се оддаде признание.

#b
5. Gombrovič, Pripovetke, Beletra, Beograd, 1989, str. 13.
6. Jacques Derrida, Struktura, znak I igra u obradi ljudskih znanosti, во книгата на Miroslav Beker,Suvremene knjizevne teorije, Zagreb, 1986.
7. Витолд Гомбрович, Дневник II, Београд, 1985, стр. 175

АвторАнгелина Бановиќ-Марковска
2018-08-21T17:22:16+00:00 јуни 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 03, Критика, Литература|