Црнила како национална драма

/, Литература, Блесок бр. 57/Црнила како национална драма

Црнила како национална драма

Сигнираната година на појавувањето на „Црнила“, 1961, индикативно се има „преклопено“ со уште две годишнини, исклучително релевантни за тогашниот идеолошки (социјалистички/комунистички) имагинариј, интернационалистички (а не национален!) по свото битие: 20 години од почетокот на антифашистичкото востание (1941-1961) и 15-тина години од конституирање на македонската држава, АСНОМ-ска Македонија, која за народ без простор не може да е само политичка констелација, туку мора да е и еманација на долго потиснуваната национална носталгија (или носталгија по националното).
Авторот Чашуле е учесник во тоа историско востание од првиот миг (од фамозниот 11 октомври 1941, дури и од пред него!), ама националната носталгија – носталгија по националните митови, по националниот имагинариј, суштествено ќе го модерира не само неговото семејно потекло (дедовците му се Спиро Црне и Пере Тошев!), но и целото негово творештво. Бездруго, во името на таа носталгија, во истата еуфорична и јубилејна 1961, активистот Чашуле интензивно партиципира во уште еден вистински културален подвиг: со архитектот Богдан Богдановиќ, авторот на меморијалниот споменик на востанието во Прилеп, тој го менаџира градењето на ова култно место со моќен симболичен набој, коешто самиот (на крај) успева да го именува со носталгична/патетична синтагма „Могила на непобедените“. (Попатно, Чашуле важи за писател трајно наклонет кон „тешка терминологија“, фиксирана и во насловите на неговите книги: Црнила, Вител, Постум, Горчила, Имела… се некои од тие наслови). Меѓутоа, славеничкиот, еуфоричен, помпезен, дури и помпиеристички социјалистички/комунистички zaitgeist овој национален патос го дочекува со одобрување. Шеесеттите беа некои добри и либерални години, години на дебелите крави. На Македонија, како (впрочем) и на тогашната заедничка држава, и одеше сјајно, на сите полиња.
Токму во таков миг на безмалку идилична, либерална социјалистичка стабилност, во македонската литература и во театраликата влетува Чашулевиот „црњак“. И тоа, парадоксално, најпрвин преку фрагмент објавен во празничниот илиденски број на „Нова Македонија“! Драма што ја афирмира една необична и прилично неочекувана интеракција помеѓу уметникот и неговото време (Адорно), драма што ја прагматизира онаа амбициозна и славна теза на Сартр за уметноста која што треба да е одговорна за свеста и за совеста на епохата (Sartre, 1981/3). Денес ова може да изгледа како провокација: во мигот кога на Македонија и оди од добро подобро, една непријатна драма упорно ја наметнува/театрализира идејата дека таквата добрина стои на стаклени нозе и дека, просто, македонското метафоричко јаболкото (на сознанието) го длабее фаталистичкиот црв на сомнежот.
(Попатно, ама не и неважно: во средината на истите либерални шеесетти, во негогашната Југославија ќе расцути – во литературата, особено во филмот – трендот што естетичарите го нарекоа „црниот бран“. Драмата „Црнила“ е неспорен доказ во прилог на тезата дека за еден од автентичните промотори, „првоборци“, дури и предвесници на овој енервантен бран кој комунистичките идеолози во текот на седумдесеттите интензивно го обвинуваа за „ширење на безнадежност и деструкција“, треба да биде сметан и еден македонски автор).
Интересно е што комунистичкиот романтизам, како што често велеше големиот филмски режисер Жика Павловиќ, еден од најважните „црнобрановци“ во некогашата Југославија, никогаш (освен, можеби/малкунѕе, на самите почетоци, помеѓу 1945 и 1949) не успеал да го контаминира творештвото на Коле Чашуле. Напротив.7F Активист кој интензивно го живеел историскиот миг и непосредно учествувал во најкрупните општествени задачи – формулирање на националната програма, афирмирање/„модернизирање“ на самата нација, создавање и зацврстување на државата… – едновремено се искажувал како автор мачно оптоварен со нејасна/интуитивна свест за некоја хередитарна грешка, што „фабрички“ е вградена не само во системот, туку и во целата кауза, во самиот национ. Во една своја подоцнежна книга (објавена 2000), својот национ Чашуле го детерминира како болно племе.
Всушност, сите книги на Чашуле (класификувани според поединечните наслови, тие се дури 53 на број!), постојано ја варираат – драматизираат, есеизираат, проблематизираат… – фаталистичката реплика на Луков, големиот манипулатор на големиот механизам што ја раздвижува не само драмата со наслов „Црнила“, туку и сите македонски црнила (една од честите синтагми на авторот!), ама и „сите црнила на овој свет“ (Чашуле, 1980:254). Таа реплика е позиционирана на самиот крај од четвртиот дел од драмата со стигматичен наслов:
Македонија е мртва, одамна мртва, првин во нашите срца а потоа таму каде што ја бараш ти – во Историјата.
(Чашуле, 1980:346).
Познавам некои циници кои што сметаат дека оваа реплика е поактулена денес отколку тогаш кога била напишана.

Консултирана литература:

Anderson, V.B. (1983), Imagined Comunities. London:Verso
Kovač, Mirko (2006), Strogo povjerljivo. Zagreb:Meandar
Матевски, Матеја (1968), Долги години на црнила. Скопје:Разгледи Х/1968/6, 733-738
Pavis, Patrice (2004), Pojmovnik teatra. Prev. Jelena Rajak. Zagreb:Antibarbarus
Павловски, Јован (ред.), 2002, Личности од Македонија. Скопје:МИ-АН
Петковска, Нада (1996), Драмското творештво на Коле Чашуле, Скопје:детска радост
Sartre, Jean Paul (1961), Što je književnost?, in: Izabrana dela, sv. 3, Beograd:Nolit
Стефановски, Горан (1985), Тетовирани души. Во: Собрани драми (2003), Скопје:Табернакул
Чашуле, Коле (1980), Црнила. Во: Чашуле, Трилогија. Скопје:Мисла
Чашуле, Коле (2000), Болно племе. Скопје:МИ-АН

#b
7. Системот на социјалистичките вредности, каков што континуирано го пропагираше практичната политика (во која, nota bene, самиот писател учествува мошне активно, убеден дека помага во нејзината изградба или – дури – во нејзиното спасување, за што е добар, односно лош пример неговиот истап на последниот конгрес на југословенските писатели, 1986), неговата литература трајно и безмилосно го „поткопува“, демитологизира, первертира…

2018-08-21T17:21:14+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 57|