Црнила како национална драма

/, Литература, Блесок бр. 57/Црнила како национална драма

Црнила како национална драма

За да ја провери/прагматизира својата авторска намера да се „поигрува“ со црнилата на својот народ, Чашуле се определува за една специфична жанровска форма – таканаречена драма на идеи, драматуршка матрица која е просто идеална за истражување (експериментирање) со какво решил да се зафати. Драма на идеи (идејна драма) е прилично ригиден тип/вид драмска форма, која што француските егзистенцијалисти (Ками/Camus, Сартр/Sartre) ја доведоа безмалку до пароксизам, ама некои други луцидни автори („од формат“ на Џорџ Бернард Шо/George Bernard Shaw, Оскар Вајлд/Oscar Wilde, Жан Жироду/Jean Girodux…) мошне жовијално ја практикуваа во некои навидум „побенигни“ цели: за да го „искараат“ општеството во кое што живеат, цинично да му се поднасмеат на своето време и на своето племе, да предупредат на опасностите од моралната и етичката ерозија што ја сведочат, пред таканаречената стварност да го исправаат „театарското огледало“. Драми на идеи не се занимаваат со театрализации на настаните, ниту ги раскажуваат „историите“ на некои драмски лица, туку функционалната драмска форма ја користат како модел преку кој ефикасно и ефектно го расправаат (дискутираат, драматизираат…) статусот на некои големи/сериозни/респективни постулати или концепти (идеи-како-такви), што ги сметаат за важни за животот на заедницата. Драми на идеи секогаш се и драми со теза. Нивната тензија, но и нивната релеванција треба да се проценува/изведува токму од нивниот нагласен/намерен ангажман.
Пишувајќи ги „Црнила“, Чашуле приоритетно го искажува токму својот авторски ангажман: егзистенцијалистички („сартровски“) по својата определба, реалистички („крлежијански“) по поетиката што ја развива, левичарски и радикален по целите кон кои се насочува. Тие цели не се само естетички. Напротив, тие се приоритетно етички.
Читајќи ги „Црнила“, денешните реципиенти во нив не треба да ја бараат, триж помалку триумфално да ја „откриваат“ тажната македонска историја. Напротив, од беспрекорно развиената текстура на оваа драма, која што театролозите одамна ја дефинирале како текстура на „добро скроена пиеса“/piece bien faite (Петковска, 1980/1996), тие – нејпрвин на ниво на драматуршкиот занает! – можат да ги препознаваат нејзините прегнантни и исклучително интригантни/полисемични интертекстуални релации со некои од најрелевантните драми на ХХ век. Поточно: со европската модерна/модернистичка драмска традиција воопшто.
Една мала, маргинализирана и „отпатна“ литература, што сопствената афирмација започнува да ја гради дури по создавање на националната држава, по одвај петнаесеттина години од кодификација на сопствениот литературен јазик (што значи: кон самиот крај на модерна култура!), успева – ете – да создаде драма од калибар на „Црнила“: драма која што сосема рамноправно кореспондира со најдоброто од европскиот модернизам.

*

Меѓутоа, вистинската релеванција на оваа драма – дури и нејзината пресвртна улога во историјата на современата македонска драматика – неспорно е содржана во нејзината автентична, модернистички оригинална мисија. Се разбира, во прашање е мисија што произлегува од авторскиот/авторовиот ангажман, егзистенцијалистички („сартровски“) воинствен, ама напоредно и идеалистички безнадежен. Литературен!
Пишувајќи ги „Црнила“, таа дефетистичка, во секоја смисла клаустрофобична драма5F, Чашуле искрено верува дека тоа го прави затоа што мора. Во времето на „Црнила“ тој е сè уште убеден дека литературата (особено онаа драмска) мора да функционира како совеста на сопствената епоха, за да ја додржува моралната вертикала што поревнатото време постојано ја подрива, заканувајќи се сосема да ја урне. Токму затоа што има таква голема и одговорна задача, литературата (особено онаа драмска!) мора да ги отвора, дури и да ги наметнува големите теми – оние што битно го засегаат самото битие на нацијата.
Во случајот на оваа своја најпозната и најизведувана пиеса, Чашуле го расправа – ефикасно и ефектно го драматизира! – и денес отвореното (и болно!) прашање за македонскиот национален идентитет: решително (ниту малку нежно!) го испитува карактерот на „замислената заедница“ (Anderson, 1983) која што ја именуваме како нација, нејзиниот статус, емоционален и ментален капацитет, нејзината кадарност од ethnos да се трансформира во demos, во модерна државна асоцијација. Како и секој друг ангажиран автор, Чашуле напоредно ги испитува и модалитетите/аспектите на патриотизмот кој таквата (модерна) држава би требало да умее да ги развива, кадарноста таа иста држава да ја овозможи, но и постојано да ја потврдува не само националната (колективна) слобода, туку и да ги стимулира индивидуалните слободи од секој вид, вклучително и слободата на уметничкото творештво.
Зошто, како и кога Чашуле сето ова го прави?
Пишувана долго и во повеќе верзии, драмата „Црнила“ е завршена во средината на 1960 година. Интересно е што прв фрагмент од нејзиниот текст бил објавен во празничниот илинденски триброј на „Нова Македонија“ (31.07-1/2.08.1960). Интегралниот текст, потоа, последователно е отпечатен во три броја од списанието „Разгледи“, за својата праизведба да ја доживее кон крајот на јануари наредната 1961 година. Авторот – роден 1921 година, што значи: истата година во која се лоцирани и историскиот настан (убиството на Ѓорче Петров), но и имагинативното дејствие на неговата драма6F – ја завршува својата можеби најважна пиеса токму во четрдесеттата година од животот, на прагот од сопствената авторска и интимна зрелост, најавувајќи се како писател од нерв (а не само како писател од страст и дарба). „Писател од нерв се познава и по културата на насловите на своите книги, ама и по културата на давање имиња на јунаците на своите текстови“ (Kovač, 2006:363). Безмалку веднаш по својата литературна и театарска промоција, ономастиката на црнила на голема порта влегува во македонскиот модернистички дискурс, но и во културен имагинариј, прераснувајќи во моќен симболички топос, постапно дури и во стереотип. Насловот на еден од важите текстови што го тематизираат творештвото на Чашуле, напипшан шест години подоцна, ова го потврдува експлицитно. Имено, тој гласи: „Долги години на црнила“, му припаѓа на Матеја Матевски а датиран е во 1967 (Матевски:1967).

#b
5. Драмата „Црнила“ и буквално е лоцирана во „пустелија врамена во четири ѕида“, како што вели нејзината воведна дидаскалија (Чашуле, 1980:247); несомнено, во прашање е метафора (за Македонија) од која поубиствена тешко дека ќе се најде!
6. Во авторската ремарка, испишана на почетокот на текстот, стои: Лицата и настаните во оваа драма се измислени. Секоја сличност со постојните лица е случајна и ненамерна. Авторот. (Чашуле, 1980:243).

2018-08-21T17:21:14+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 57|