Три есеи

Три есеи

За стравот
За спиењето
За возраста

Не би можел да го прифатам начинот на којшто ние самите си ја одредуваме должината на нашите животи. Сум забележал дека мудреците го намалуваат животниот опсег во однос на вообичаеното мислење: „Молам“, рекол Катон помладиот на оние кои сакале да го одвратат од самоубиството: „сè уште ли сум на возраст во која ако го напуштам животот, ќе ме обвините дека е прерано?“ Иако имал само четириесет и осум години, сметал дека тоа е зрело и напредно доба, имајќи предвид колку мал број луѓе го достигнувале. Оние коишто мислат дека „природната“ должина на животот им ветува уште неколку години повеќе, се надеваат дека само тие ќе бидат поштедени од бројните несреќи на кои секој човек наидува во текот на животот.
Лудост е да се очекува да умреме од изнемоштеноста која старите години ја носат и тоа да биде нашата крајна животна цел, кога тоа е најретката и најневообичаената смрт. Само тоа го нарекуваме природна смрт, небаре е неприродно ако некој човек си го скрши вратот при пад или пак ако се удави во бродолом или ако го изненади треска од плеврит – како нашата нормална состојба да не нè изложува на сиве овие несреќи. Нека не нè заведат овие зборови: можеби би требало сето она кое е општо, генерички и универзално да го нарекуваме и природно. Смртта предизвикана од старост е ретка, посебна и надвор од нормалниот ред, поради тоа и помалку природна од другите. Тоа е последната, апсолутна смрт; колку што е подалеку од нас, толку помалку се надеваме дека некогаш ќе дојде; тоа е крајната граница преку која нема да прејдеме и која природата ја создала за никогаш да не биде премостена: но, чудна е таа нејзина привилегија која ни е дадена за да дотраеме дотогаш. Тоа е исклучок, индивидуална услуга, која таа ја дава на еден човек во распон од неколку векови, ослободувајќи го од товарот на сите тие пречки и тешкотии што ги разнела низ тој долг процес. Заради тоа, моето мислење е дека кога веќе имаме четириесет години треба да сме свесни дека таа возраст е ретко достигната од други, штом во нормалниот тек на настаните луѓето не стигнуваат толку далеку, тоа е знак дека сме добро напреднати. Тоа значи, кога веќе сме ги преминале свикнатите граници – кои ја одредуваат вистинската мерка на нашиот живот – не би требало да се надеваме дека ќе продолжиме многу подалеку. Избегнувајќи толку многу смртни провалии во кои сме виделе други луѓе да загинат, мора да си признаеме дека таа неверојатна среќа што дотогаш нè следела и била нашиот спасител, не може да дотрае уште долго време.
Не е в ред што нашите закони ја одржуваат таа грешка: велат, човек кој не е способен да се позанимава со своите обврски додека не наполни дваесет и пет, нема да може да го стори тоа ни за сиот свој живот. Август одзел пет години од античкиот римски стандарден закон и одредил дека се доволни триесет години за човек да ја врши службата на судија. Сервиус Тулиус го ослободувал од задолжително служење во војската секој витез кој ја минал возраста од четириесет и седум години; Август одредил тоа да биде четириесет и петтата година. Иако, мене ми се чини малку неразумно луѓето да бидат пензионирани пред педесет и петтата, односно шеесеттата година. Мојот совет би бил да се издолжи времетраењето на нашите професии и занимања за општото добро; мислам дека грешката е од другата страна, односно не нè вработуваат доволно рано. Овој император кој владеел со светот на деветнаесет години, решил дека човек мора да има триесет години пред да може да одлучи каде ќе биде поставен одводниот канал!
Лично, мислам дека нашите души најмногу се ослободени од стегите кога имаме дваесет години и сме поспособни од кога било во животот. Душата која дотогаш не дала доказ за својата сила и доблест, нема тоа да го стори ни потоа. Дотогаш – или никогаш повеќе – убавината и силината која се крие во природниот квалитет и способност излегува на виделина.
“Si l’espine non picque quand nai A pene que picque jamai”
(„Ако трнот не боцка кога ќе се роди, тогаш тешко дека некогаш воопшто ќе боцка“) – како што велат во Дофин.
Меѓу сите големи дела за коишто сум слушнал или за коишто сум прочитал, од античкото доба, а и од нашето, повеќето ги извршиле луѓе пред да наполнат триесет години, отколку откако наполниле. И тоа често во животот на истиот човек: можам ли со најголема сигурност да ги наведам оние постигнувања на Ханибал и неговиот голем противник Скипио? Поголемиот дел од нивните животи го минале во слава која ја постигнале во младоста: тие биле големи луѓе, а и потоа, во споредба со другите, но не и во споредба со самите себе. За себе пак, верувам дека оттогаш мојот ум и тело не се зацврстиле, туку ослабеле односно се забавиле, повеќе отколку што напреднале. Можно е за оние кои добро го користат времето, знаењето и искуството да раснат со текот на годините, но виталноста, брзината, цврстината и другите квалитети кои по нивната суштина се повеќе наши, да опаднат и избледат:
“Ubi jam validis quassatum est viribus aevi Corpus, et obtusis ceciderunt viribus artus, Claudicat ingenium, delirat linquaque, mensque.”
„Кога телото е потресено од моќните удари на староста и ја губи крвта и силата, нашиот ум, исто така, станува скржлавен и јазикот заедно со паметта започнуваат да талкаат“ (Lucretius, iii. 452.)
Некогаш телото е прво кое ќе се предаде на староста, некогаш, пак, тоа е умот (душата); сум видел многумина кај кои слабоста настапила попрво во нивната памет отколку во нивните нозе или стомаци; и колку повеќе таа болест е невидлива за болниот и не страда од неа, толку таа е поопасна. Јас не се жалам дека законите не ни дозволуваат да работиме, но се жалам зашто тие не нè вработуваат порано. Земајќи ја предвид кревкоста на животот и на колку природни несреќи тој е изложен, не смееме да му дадеме толку голем простор на детството, безделништвото и учењето.

Превод од англиски: Горјана Јордановска

АвторМишел Екем де Монтењ
2018-08-21T17:20:45+00:00 мај 15th, 2014|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 95|