Три есеи

Три есеи

За стравот
За спиењето
За возраста

Разумот ни наложува дека секогаш треба да се придржуваме до истиот пат, но не секогаш и со истата брзина; иако мудриот човек не смее да дозволи неговите човечки страсти да го одвлечкаат од правиот пат, тој сепак може без пристрасности кон неговата должност да ја зголеми или намали својата брзина, а не да се закова како некој безизразен и пасивен Колос. Ако Добродетелта би можела да се инкарнира, тогаш, верувам, нејзиниот пулс би бил забрзан, многу повеќе ако го напаѓа својот непријател, отколку ако треба да вечера – односно, потребно е да биде возбудена и разбеснета.
Како нешто доста невообичаено, забележав кај некои големи луѓе дека во моментот на нивните највисоки потфати и најважни одлуки тие биле во толку спокојна и смирена состојба што дури и воопшто не сакале да го скршат својот сон. На денот кој бил закажан за гневната битка помеѓу Дариј и Александар Велики, првиот бил во толку долг и длабок сон поради што Парменон бил принуден да влезе во неговата одаја – часот на битката сè побргу се ближел – и да го извика неговото име неколку пати.
Истата ноќ кога императорот Отон одлучил да се самоубие – откако ги намирил личните обврски, ги разделил своите пари на следбениците, го изострил сечилото на мечот кој бил наменет за таа цел, а потоа чекајќи неговите пријатели да си заминат безбедно – тој паднал во толку гласен сон што и неговите слуги можеле да го слушнат како ’рчи од спалната. Смртта на тој император е слична со смртта на големиот Катон, а особено таа одлика (спиењето); откако ги дочекал вестите дека Сенаторите кои ги испратил отпловиле од пристаништето Утика, Катон, кој бил подготвен да си го одземе животот, паднал во толку длабок сон што неговото дишење можело да се слушне во соседната соба; и човекот кој бил испратен да го разбуди за да му каже дека биле спречени да отпатуваат заради бурата, тој испорачал друг гласник, продолжувајќи да спие мирно во својот кревет сè додека другиот не се вратил за да го извести дека тие си заминале. Понатаму, можеме повторно да го споредиме со Александар Велики, за време на бурната и опасна катилинска конспирација која му се заканувала со востанието на трибунот Метелус, кој бил цврсто решен да објави декрет во кој ќе го повика Помпеј со неговата војска во Рим. Само Катон му се спротивставувал на декретот и со Метелус размениле многубројни навреди и закани во Сенатот; но одлуката требала да се донесе следното утро во Форумот. Метелус не бил само поддржан од плебејците и од Цезар кој тогаш бил обединет со интересите на Помпеј, туку утрото бил придружуван и од група робови и гладијатори, додека пак Катон ја имал само својата храброст и свитата која ноќта ја поминала заедно без желба да спијат, да јадат или да пијат заради опасноста која му претстоела; особено неговата жена и сестри не правеле ништо друго, освен исполнувајќи му го домот со лелеци и плач додека пак тој, спротивно на сето тоа, ги тешел сите. Откако вечерал во вообичаеното време, заминал да спие и потонал во длабок сон сè до утрото, кога еден од неговите блиски трибуни не го разбудил за средбата. Знаењето кое го имаме за големата храброст на овој човек ни дозволува да дадеме веродостоен суд дека неговата индиферентност доаѓа од една душа која е толку многу издигната над ваквите настани, што не дозволува повеќе да ги земе при срце од било која друга вообичаена работа.
Поморската битка кај Сицилија во која Август го победил Секстус Помпеј, само што требала да започне, кога тој бил совладан од толку силен сон што неговите пријатели морале да го будат за да го даде почетниот сигнал. Подоцна, тоа му обезбедило оправдување на Марко Антониј да го обвини за немање доволно храброст да им ја издаде наредбата со отворени очи на сопствените трупи, не осмелувајќи да се соочи со војниците, сè додека не дошол Агрипа со вестите дека победата е нивна. Но, да се свртиме кон младиот Мариус кој сторил многу полошо: на денот на последната битка со Сула, ги собрал своите трупи и издал знак да се започне, а потоа заминал да прилегне на починка во сенката на некое дрво и толку брзо заспал што едвај можел да биде разбуден од разбрануваните викотници на неговите војници, без да види ништо од битката; велат дека тоа се случило од преголемиот замор кој го чувствувал и желбата за сон, по што веќе не можел да издржи да остане буден. Сега, за сето ова што беше кажано, докторите би можеле да одлучат дали спиењето е неопходно и дали нашите животи зависат од него: затоа што со сигурност знаеме дека кралот Персеј од Македонија кога бил затвореник во Рим, бил убиен со тоа што не му дозволиле да спие. Херодот споменува некои нации коишто половина година се будни, а другата половина ја спијат, а биографите на Епименид Мудриот потврдуваат дека спиел педесет и седум години по ред.

АвторМишел Екем де Монтењ
2018-08-21T17:20:45+00:00 мај 15th, 2014|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 95|