Зона, забранет град

/, Литература, Блесок бр. 51/Зона, забранет град

Зона, забранет град

Метеорит

Достојната за почит стара дама Европа во последната декада се однесуваше прилично инертно до некои органи од своето тело. Нејзината моќ стана толку парализирана што остана речиси без вистинското значење. Самозаштитнички ја употребува само уште рационалистичката половина од главата, а во својата старечка умореност ги затвора очите и ушите пред горчливата вистина на својата важност која и подлегнува на слабостите на сопствената пресметливост. Во однос на тоа е толку многу предвидлива што станува здодевна. Од тоа се ужаснува кога по секоја цена се колне во самодопадливата, спектакуларна слика на самата себе и со тоа и во сликите на својата спротивност… идеолошката самокорекција. Западот ги затвораше очите и тивко се согласуваше со митот иако реалните анализи можеа да бидат возможни и посакувани, дури и повеќе од тоа, беше потребно да се спроведат и со тоа да се направи добро дело за заштита и корист на целото тело, што нема ништо заедничко со моделот на политички концепт на преовладувачкиот евроцентризам. Тој им служи на интересите само на одделни органи на кои таквиот модел им е сервилно верен. И потоа човек се збунува: да не се чека – секој миг сè е поинаку. Дури и да се нуди слободата во толку дарежливи бои, сепак, најчесто се расплинува во конзумирачки ограничениот деспотизам на диктатот на корпорациското либертантство кој се нуди сам од себе како сеопфатен модел – како основна матрица на пост-индустрискиот, глобално капиталистички свет. Не можеме да чекаме за да видиме што ќе се случи. Зашто кога сето тоа ќе се случи ќе биде веќе предоцна. Никој од вмешаните нема повеќе да се извлече. За среќа оваа линеарност кога-тогаш ќе се прекине и ќе заѕвонат дисонанците на животот.
Ако на една страна стои предвидливоста на цврстиот и мирен западњак, на друга страна стои непредвидливоста на „дивиот“ Балканец која верно ја дополнува оваа слика. Ако ја прифатиме оваа слика можеме да речеме дека светот на рационализмот кој е свет на нужноста се огледува во својата спротивност, светот на слободата, на ирационализмот. Ако го свртиме назад овој филм му подметнуваме демонизам во кој се прикрива своевидната убијка на Западот, испразнетото и блуткаво одѕвонување на преживеаните просветителски пароли за слободата и шупливите фрази за правото на другост, за свеста за нејзиното самопотврдување. Но, токму балканското искуство ни потврдува дека самопотврдување не постои. Тоа што на хоризонталата денес е односот Запад-Исток, на вертикалата е односот Север-Југ. Во тоа се изразува глобалната ситуација на ерата, своевидна рамнотежа на ужасот. Што е со добрата или лошата информираност и дали тоа воопшто нешто значи? Единственото известување овде е отвореното соопштување, во спротивен случај не постои, а достоинството и предимството на човекот се доведува во прашање. Особено кога доаѓа до збеснување на масата и со тоа на „природната идиотизација на човечката природа“ и кога се губат сите критериуми на доброто и злото. Имено, притисокот на масата секогаш е нечовечки притисок. На грозната атмосфера полна со крв и убиства не може да и одговара рационализацијата која на прашањето за злосторството би понудила нормативен одговор. Човекот како слободно битие е одговорно за злото. Безличната сила на масата не може да одговара за злото (вистинската причина е во личноста, во внатрешната длабочина на погоденоста која е дел од личната култура). Насилството предизвикува насилство: помирувањето со злото секогаш значи смрт иако некој со потсмев може да додаде дека тоа постои само кај внатрешниот човек (пред телевизиските екрани на Западот цело време ни се наметнува сликата на кое било убиство и суровост). Преку лошите вести се огледува карактеристичната демагогија на денешната резигнација – биполарното отсликување на реалноста која познава само наши и нивни, добри и зли, вредни и палави. Но, во реалниот живот постои мноштво фрагментирани патишта кои не поднесуваат биполарни означувања и ознаки на демонизација. Едноставно не смееме да дозволиме такви поедноставувања. Никогаш. На крајот на краиштата за тоа не е потребна некаква механичка демонтажа на филмот Подземје од Кустурица. На крајот на краиштата сите од нас биле во Бункерот. Едни на овој, други на оној начин – да не се создаваат нови стереотипи! Кога ќе се отиде предалеку нема повлекување. Но, сигурно дека Европа чии идеали веќе толкупати преминале во својата спротивност има и друга можност во препознавањето на битните разлики и во богатството на разликите.

2018-08-21T17:21:21+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 51|