Зона, забранет град

/, Литература, Блесок бр. 51/Зона, забранет град

Зона, забранет град

Прв ориентир

Историскиот тек покажува јасна насока. Модерниот, нововековен картезијански свет во политичко-глобална смисла започнува со превласта на Шпанија која станува светски хегемон по присвојувањето на прекуокеанските територии на Новиот свет. За секој хегемон е значајно со политички средства да ја шири својата монолитна култура што е всушност основа на неговата идеологија и концепт со кој наводно го штити човека и го подобрува светот. А во тоа се крие голема опасност зашто одредена култура станува политика и со тоа терор кој не дозволува развој на противречја меѓу различните одредени култури и отворен дијалог со другите, поинакви култури. Како по железно правило следуваат ужасни нешта: етноцид и геноцид.
Се чини дека ако приказната на модерната историја започнала на југозападот на Европа покрај другото и со изгонувањето на арапската, исламска култура од Европа, дека завршува точно половина век после тоа со уништување на мултикултурното општество на југоистокот на Европа. Ист модел како оној што го употребивме за ознака на почетокот на истекот на модерната историја би можел да понуди објаснување за издигнувањето на некој друг хегемон, империја на Западот. Монолитната култура на овој хегемон беше во ембрионална состојба на породување токму во времето кога првите европски бродови почнаа да ја откриваат Америка и да ја населуваат. Проблемот на оваа култура е нејзиниот комплекс на повисока вредност кој не произлегува од моќта на самата култура туку од политичко-економската моќ на Западот кој во економската заостанатост на останатиот свет, Исток или Југ, ја гледа својата улога на надреден. Можеме да зборува за „неразвиен“ свет кого поради различните вредности и културни значења, а уште повеќе од непознавање и предрасуди брзо го потиснува во темницата на ирационалноста и со тоа завршува со него. Кога почнува по западни, универзално цивилизациски модели да го „просветлува“ и култивира обично стануваме сведоци на избивање на ужасно насилство. Насилство во кое се фаќаат во костец две спротивности, две сили, еден човек против друг. Жално, но вистинито е дека колку повеќе постојат луѓе што веруваат во толерантност, демократија, просветителство и напредок, тие побрзо и подобро се подготвени да станат доброволни жртви на задушеност и самоизмама. Се зборува само уште во жаргонот на Големиот напредок чија вера преставува наследство на западното просветителство. Модерните општества посегаат во сè, во себе опфаќаат сè до толкава мера што во својата конечна појава мислат дека се цел на историјата. Тоа секако особено се гледа во радикалното потценување на сите претходни култури и особено на нивните мистерии. Човечкото битие не се препознава повеќе како начелно таинствено и отворено туку како општо препознатливо, одредливо и изразливо. Ако на балканското тло се појави култура што ја препознаваме како принцип на европскиот човек, култура што произведува мулти-мистерии што подоцна историското христијанство ги редуцира на еден или едно, во денешното профано општество и „тој единствен“ е исфрлен од светот. Од светот како потполно устројство на општествените односи. Уредувањето, односно светот кој ја издржува и сè повеќе ја трупа мрежата на институциите и правилата што се размножуваат на денешниот пасивен човек му дозволува само „вера како илузија“. Станува збор за вера која со илузијата на потрошувањето ја надоместува примарната човечка комуникација, верата во непоколебливиот економски напредок кој по пат на квантитативно поголема благосостојба би требало да го подобри светот. Повеќе од загрижувачки е што е очигледно дека на човекот му се измолкнал надзорот над тоа „самодвижечко“ тркало на продукцијата што го ставил во сила нововековниот човек. Овде повторно се појавува проблемот на „недвижечката слика“. Имено предрасудите секогаш го следат она што преовладува како општа ознака за нешто што не го познаваме, иако не сакаме да признаеме или со кое не можеме да се соочиме, со кое не сакаме да се сретнеме зашто се плашиме или ужаснуваме од него. Затоа тие предрасуди се повеќе од корисни за конструкција на мислења кои дејствуваат како моќен симбол, а кога тие симболи ќе почнат да се користат во политиката (значи вон времето) сме на прагот на катастрофа. Катастрофата на војната која се одвиваше на подрачјето на поранешна Југославија во последната декада страшно го оптовари искуството на цивилизацијата која на цел глас се прогласува себеси како хумана. Општествената дихотомија меѓу Исток и Запад имено денес не е повеќе толку очигледна, но затоа пак е фракталска и хаотична внатрешно-цивилизациска разлика која се одвива во внатрешноста на истата територија без разлика дали се наоѓа во т.н. развиен или неразвиен свет. Затворањето очи пред стварноста е повеќе од опасно. Се чини дека еден дел од светот што мисли дека е цивилизациски супериорен се откажува од својот втор и многу поширок пол како од „несакано дете“. Но, тоа е начин на размислување кој во сите историски епохи назначил „аларм“ за промени. Лицемерното криење зад цивилизациските причини со намера да се прикријат вистинските причини за некое дејствување влијае на светот во неговата целосна појавност како отров што парализира. Во духот на овој факт секако под различни агли на гледање досега пропаднаа сите империи, на крајот на краиштата дури и онаа што сам низ моето раснење и зреење ја доживеав и преживеав. Оваа југословенска приказна би морала да биде само предупредување и опомена за сите останати приказни кои сè уште се немаат случено до крај. Во време кога со светот владеат корпорации се чини дека на овој простор еден модел на идолатрија надоместува друг: евро-идолатријата и ја продолжува зависноста од светските метрополи на модернизацијата. Досадата која сè повеќе станува универзално расположение на модерниот човек е опасна затоа што се измолкнува од одговорноста за своите постапки или не-постапки. Претпочита да се препушти на оперативноста. Затоа денешниот човек е сè поповодлив и пасивно и подлегнува на негативната идентификација, но не останува на неа туку тоа станува преовладувачки модел на негативната реализација на личноста. Згора на тоа монолитната култура насилно и ја потиснува. Истрајноста во илузијата на толку одрекуваните разлики автоматски создава травматична слика на Другиот. Можеме да почнеме токму со признавањето на оваа тешкотија…

Втор ориентир

Само уште неколку нанижани мисли. – Не смееме да дозволиме да го отфрлиме искреното егзистенцијално искуство, потребно е да го отвориме. Може да го отвори само слободата. Затоа за тоа не може туку така да се зборува. Треба човек да се сконцентрира и да се сети на своето искуство, на она заборавеното, најтравматичното искуство во внатрешноста. Тоа секако ни го попречува сопствениот страв кој лесно може да го попречи изборот. Кога ќе ја признаеме тешкотијата всушност сме направиле избор.
Настаните во нашата блиска околина отворено сведочат за крајот на хуманистичката самодоволност и задоволството на човекот со самиот себе. Секако дека секое такво разоткривање задава болни рани. Главоболката е страшна: појавата на лицемерие и резигнација оди паралелно со изгубата на идентитетот, на моќта. Аритметиката на моќта кога-тогаш пропаѓа. Кога најприкриената желба се сее низ ситото на трпението љубовта станува подлабока од хуманистичката подготвеност – безграничното сочувство – и со страшната суровост – не темели повеќе на онтолошкиот модел туку на етичкиот принцип на сожителствување кој другиот го препознава како ближен. Тогаш маските паѓаат и „сметката“ не може да излезе. Само така можеме да го избегнеме дејствувањето на „империјалната“ логика дури и по пропаѓањето на империите, „насилното поедноставување на сиот народ“ и не е важно дали се работи за насилниот универзализам на Рим или за идеолошкиот империјализам на Византија, во културата или во политиката.
Клучот е во тоа колку сме погодени! Имено, токму во себе затворената рамнодушност овозможува замав на непоколебливиот деспотизам. Кога размислува за своето минато човекот станува подобар, вели Андреј Тарковски. Тогаш може да ја пресече длабоката осаменост на човекот кој мисли дека во животот не му успеало. На крајот секогаш треба да се избере…

Превод од словенечки: Лидија Димковска

2018-08-21T17:21:21+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 51|