Зен во јапонските уметности

/, Литература, Блесок бр. 28/Зен во јапонските уметности

Зен во јапонските уметности

Следната песна е многу слична на првата:
Во потполната тишина на храмот,
Само гласот на птицата
Ги пробива карпите.
Ќе направам обид за реконструкција на опишаниот настан. По мое мислење, на оваа песна треба да ѝ се пристапи аналогно на поемата за жабата. Се чини дека и овој пат Башо седел апсорбиран во медитација кога звукот продрел низ него и му предизвикал свесност за шуњата. И овој пат нема ни трага од претензии, намерен симболизам или метафора. Сепак, длабочината на изразот му дозволува на читателот да најде многу значења. На пример, би можело да се дискутира што претставува карпата – дали само објект или, самиот Башо е карпа? Но, од гледна точка на авторот на зборовите, очигледно, ниту дистинкција, ниту трага од дистинкција, е забележана или сугерирана. Напротив, нема ниту разлика ниту алузија дека би можела да пости разлика меѓу авторот на песната и карпата. Уште еднаш, звукот го прави можно препознавањето на тишината. Уште еднаш, преку формата, шуњата е препознаена.
#3 Последната форма на Зен уметност за која ќе дискутирам е уметноста на градинарење. Би сакал да кажам неколку збора за градината која ме фасцинира со години – камената градина во Рјоан-џи. Како што спомнав погоре, истата беше дискутирана и од Питерсен. Тој го објасни нејзиното философско значење укажувајќи на славните зборови на „Праџњапарамита хрдаја“ сутра: ‘Формата е шуњата, шуњата е форма.’ Ќе го следам неговиот пример зашто не верувам дека можам да направам нешто подобро и да дадам подлабок коментар.
Градината е рамен правоаголник покриен со песок и содржи петнаесет камења. Камењата се аранжирани асиметрично и неформално, нерамни се и даваат впечаток како да не било следено правило во поставувањето. Градината е едноставна, без екстра детали и со минимум на варијации меѓу елементите. Содржи само песок и камења. Како во сите форми на Зен уметност, нешто мора да ја репрезентира шуњата. Во овој случај, тоа е песокот. Сега би можело да се постави реторичко прашање: – ако песокот ја репрезентира шуњата а репрезентацијата на шуњата е цел на Зен уметноста,, зошто тогаш се потребни камењата? Питерсен си го поставува истото прашање и одговара дека камењата се тука зашто само преку формата може да биде реализирана шуњата. Исто како што Башо стана свесен за шуњата само после звукот на шлапнувањето на жабата во базенот, така овде гледачот ќе ја реализира шуњата преку камењата.
Приближувајќи се кон заклучокот, би сакал да кажам дека многу години сум фасциниран од будистичката филозофија и интригиран од славната „Праџњапарамита хрдаја“ сутра. Ги прочитав сите постоечки тибетски и многу кинески коментари но не најдов потполно убедлив одговор или, барем, не толку едноставен и силен како овој од Питерсен. Сега сум начисто дека камената градина ми помогна да ја разберам најдлабоката поента на Махајана филозофијата – релацијата меѓу формата и шуњата. Тоа ме доведе до заклучок за релацијата меѓу Зен уметностите и Зен философијата. Имено, навистина, Зен философијата е темелот на Зен уметностите но, од друга страна, таа философија најдобро се објаснува преку Зен уметностите. Се чини дека Питерсен бил во право кога рекол : ’Идејата за шуњата не е концепт до кој се стасува со аналитичко расудување туку е таков кој мора да биде разбран во естетски термини. Естетската форма е пре-реквизит на концептуалната перцепција’ (107). Со други зборови, невозможно е шуњата да се мисли апстрактно. Само што ќе ја одвоиме од формата – ја губиме.


Цитирани дела

Basho, Matsuo. The Narrow Road to the Deep North. London: Penguin Books, 1966.
Dumoulin, Heinrich. Zen Buddhism: A History. Volume I: India and China. New York: Macmillan Publishing Company, 1988.
Fisher, E. Robert. Buddhist Art and Architecture. Thames and Hudson. 1993.
Hisamatsu, Shin’ichi. Zen and the Fine Arts. Kodansha International Ltd. 1971
Keene, Donald. “Japanese Aesthetics.” Philosophy East and West 19 (1969): 293-306.
Petersen, Will. “Stone Garden.” The World of Zen. Nancy Wilson Ross, ed. New York: Vintage Books, 1960, pp. 104 – 111.
Wilson Ross, Nancy. The World of Zen. New York: Vintage Books, 1960.
Williams, Paul. Mahàyàna Buddhism: The doctrinal foundations. London: Routledge, 1993.

АвторДрашко Митриќески
2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 28|