Зен во јапонските уметности

/, Литература, Блесок бр. 28/Зен во јапонските уметности

Зен во јапонските уметности

#1 Првата слика која би сакал да ја разгледам е направена од Хакуин и претставува портрет на Бодидарма. Најдоминантна импресија од оваа слика остава снажниот потез кој направил дебела црна линија на долниот дел од листот. Тој потез заслужува посебен коментар. Како што реков погоре, еден од клучните концепти на сите Махајана Школи е шуњата. Буда-умот е ум кој директно ја разбира шуњата. Природно, шуњата мора да биде репрезентирана на листот. Пред да биде повлечена првата линија, површината е само лист оризова хартија. Но, штом ќе се повлече првата линија, хартијата не е веќе хартија туку станува репрезентација на шуњата. Од шуњата излегува сè друго. Формата излегува од шуњата. Но, шуњата не може да биде изразена без форма. Затоа, првиот потез е тој од кој шуњата и формата се појавуваат. Таков е првиот потез на Хакуин – првата дебела, црна линија на дното на сликата. Само после неа, како од прво раздвојување на формата и шуњата, излегуваат останатите форми.
Бодидарма беше Првиот Кинески Патријарх. Природно, беше потполно просветлен. Сепак, во сликата на Хакуин не е претставен како совршен, како што на пример на сликите на „Чиста Земја“ Школата ги претставува будите и бодисатвите. Исто така, наспроти сликите на „Чиста Земја“ традицијата (во Индија, Кина и Тибет), каде будите и бодисатвите се претставени како млади и убави за да се симболизира спиритуалната перфекција, овде е Бодидарма насликан како стар и сув. Нема ништо формално во оваа слика. Потезите се слободни и нерамномерни. Сликата е многу едноставна. Нема никаква декорација. Но, тоа само сведочи дека авторот е зрел и далеку над младешките грижи. Само најважното останало на оваа слика. Осврнувајќи се на техниката на мајсторот, станува очигледно дека нема претензии во која било линија. Секој потез изгледа природно, без најмала грижа за техничка префинетост. Сепак, поради отсуството на детали и прецизност, изразот не е лимитиран. Можеби највпечатливата карактеристика на оваа слика е реализацијата дека Хакуин искрено немаше никакви претензии. Неговиот Буда-ум спонтано се изрази себе. Нема ни трага од желба да се направи поента, да се „докаже ранг“ или да се креира ремек-дело. Нема ни знак на пречка во изразот, нема колебање ниту треперење. Морам да ја напуштам за момент мојава техничка дискусија за да соопштам едно лично искуство. Пред повеќе од десет години купив книга која ја имаше оваа слика на корицата. Во тоа време мислев дека сликата е едноставна. Како што поминуваа годините, наоѓав сè повеќе и повеќе длабочина во неа. Сега можам со сигурност да речам дека нејзината длабочина нема дно.
Можеби не е надвор од контекст да се каже #2 и некој збор за изразот на лицето на Бодидарма. Очите му се големи, веројатно зашто тоа е имиџ на човек кој нема очни капаци (како што знаеме од познатата легенда, Бодидарма си ги исекол очните капаци за да не заспие додека медитира). Но, настрана од тоа, целата појава има нешто комично во неа – очите се свртени настрана, Бодидарма изгледа како да нема заби, челото му е многу високо… Накусо, не е појава која некој навикнат на индиски, тибетски и источно-азиски „Чиста Земја“-слики на буди, бодисатви и арахати, би очекувал да претставува патријарх. Но, тоа е во согласност со една важна карактеристика на Зен будизмот: – штом сите имаме Буда-ум, (што значи, штом сите сме веќе просветлени од раѓање), нема потреба за специјална почит на буди и на патријарси. Всушност, тоа само би било пречка зашто е претпоставка на умот кој мисли во контекст на дуализам. Зен уметноста не сугерира повисок респект за Буда отколку за кое било друго суштество. Зен уметноста не се воздржува од гледање врз Буда од комична страна. Зен уметноста не сугерира светост, зашто светост е термин кој има значење само во светот на дуалните спротивности.

АвторДрашко Митриќески
2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 28|