Зен во јапонските уметности

/, Литература, Блесок бр. 28/Зен во јапонските уметности

Зен во јапонските уметности

Втората слика која ја одбрав е насликана од славниот Зен мајстор и самурај, Мијамото Мусаши, кој беше, воедно, и реализиран сликар познат под името Нитен. Голем дел од тоа што беше речено за претходната слика може да се рече и овде. Првиот потез ја изведува формата од шуњата. Очигледно, првиот потез е тој што ја осликува силуетата на Бодидарма. Сите други потези се додадени на првиот. Уште еднаш, нема комплексност, не е почитувано фиксно правило, нема ранг ниту кај Бодидарма ниту кај Нитен. Очигледно, авторот не се грижел за префинети потези, немал никакви претензии. Исто како и во претходната слика, би можеле да ја видиме аскетската префинетост на зрелиот уметник, неговата природност, спонтаност, длабочина. Но, истовремено, нема ништо наивно или случајно. Уште еднаш, нема дно на длабочината, што е сигурен знак дека сликата е израз на Буда-умот.

Зен поезијата имаше сопствен развој и специфични манири, различни од останатите форми на Зен уметноста но, и таа е производ на Зен будистите па, доаѓа од истиот извор – Буда-умот. За да укажам на манифестацијата на Буда-умот, ќе разгледаме две кратки песни на Башо:
Кршејќи ја тишината на стариот базен,
жаба скокна во водата –
ехо.
Се чини соодветно да се одбере оваа песна зашто го репрезентира зрелиот стил на мајсторот. Во воведот на Башовото дело „Тесниот пат до длабокиот север“, Нобујики Јуаса раскажа приказна за настанокот на поемата. Приказната вреди да биде повторена и овде со цел да се илустрира Буда-умот. Имено, мајсторот седел во медитација покрај стариот базен кога една жаба скокнала во водата предизвикувајќи звук што ја прекршил тишината. Природно, настанот заслужил хаику. Вториот дел на поемата веќе бил познат: „Жаба скокна во водата – ехо.“ Останал уште првиот дел. Еден од учениците на Башо кој седел во близина предложил: „Насред цветовите на жолтиот трендафил…“ Како што вели Јуаса, тоа бил елегантен почеток кој ги содржел сите стандарди на правилен хаику. Но, Башо, после извесно размислување, одбрал: „Кршејќи ја тишината на стариот базен…“ Јуаса ги спротистави двете отворања со цел да ја илустрира префинетоста на мајсторовиот избор. Навистина, зборовите на Башо се без претензии, без лимитираност од формата и многу подиректни. Само после споредбата станува очигледно колку многу вистина содржат и колку длабоко допираат со својата едноставност и искреност. Јуаса приметува, „Грубото персонифицирање и итрото себе-драматизирање потполно исчезнаа од неговите песни“ (33-34).
Зборувајќи за оваа песна, би сакал посебно да го спомнам кусиот но длабок коментар на Вил Питерсен. Предмет на неговата дискусија беше камената градина во Рјоан-џи и само накратко ја спомна славната хаику од Башо. Сè што рече е следново: „Звукот на шлапнувањето на жабата во мирниот базен ја креира тишината во Башовото славно хаику. Звукот ѝ дава форма на тишината – шуњата“ (107). Би сакал да го приложам моето толкување на овој коментар. Пред сè, тоа што Питерсен го сугерира е дека тишината која беше нарушена со шлапнувањето на жабата беше Башовиот симбол за шуњата. Реализацијата на шуњата е, всушност, реализација на сопствената Будина-природа. Но, како може некој да реализира шуњата? Како може шуњата да стане позната? Ако добро разбирам, Питерсен го кажува токму тоа. Без звукот, тишината не ќе беше реализирана. Тоа значи, без формата шуњата не ќе беше реализирана. Да не скокнеше жабата во базенот, не ќе беше предизвикан звук и не ќе беше предизвикано препознавање на шуњата. Но, истовремено, без тишината (шуњата), звукот на шлапнувањето на жабата во базенот не ќе беше препознаен. На тој начин, формата предизвикува шуњата а шуњатата предизвикува форма. Овој заклучок изгледа потполно во согласност со најславната теза во целиот Махајана Будизам, изразена во една реченица во „Праџњапарамита хрдаја“ сутрата и цитирана од Питерсен : ‘Формата е шуњата, шуњата е форма.’ Ако добро го разбирам Питерсен, тој сугерира дека Башовата песна дава ништо помалку туку поетско објаснување на таа најдлабока философска теза. Доколку ова е точно, тогаш би заклучил дека не само што будистичката филозофија влијаеше на Зен уметностите туку деликатната будистичка филозофија е објаснета и афирмирана преку уметноста подобро отколку преку аналитички студии.

АвторДрашко Митриќески
2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 28|