Срамежлива еротика

/, Блесок бр. 05, Галерија/Срамежлива еротика

Срамежлива еротика

#13

Завршни разгледувања

Наведената изјава на една посетителка на изложбата нè упатува на мислењето на Адолф Лос (еден од творците на модерниот архитектонски стил без украси) искажано во 1908 година: „Сета уметност е еротична“. Тој секако ги имал предвид примордијалните творечки енергии на човекот и неговата проекција, порив за вникнување, вживување и сочувствување, неговата потрага по другото јас. Еротичната сушност можеме да ја побараме на повеќе начини и во мноштво различни манифестации и мотиви, така што и едно поконкретно мислење ни изгледа исто така соодветно – дека: „Не постои ништо толку драгоцено или деликатно во целоста на нежниот секс како што е убавиот женски задник“ (Gilles Nèret, Twentieth Century Erotic Art, Benedikt Tachen, Köln, 1993).

Ако тргнеме од првото мислење ќе можеме да пронајдеме мноштво примери на „ликовна еротика“, примери на дела во кои се соединуваат или допираат амбивалентни или спротивставени мотиви, со помалку или повеќе јасни назнаки. Второто мислење, напротив, го дефинира поблиску еротскиот аспект, мотивот на уметничката креација. Интерпретацијата на едно уметничко дело подразбира личен приод и сензибилитет што ја осмислува. За ликовното вообличување, за формата и изразот е напишано многу, но за суштината на творечкиот механизам се знае многу малку. Сепак, постојат определени сведоштва. Анри Фосијон ќе напише „пофалба за раката“, а Блаже Конески, сеќавајќи се на разговорот со Димитар Кондовски за цртачката вештина на Никола Мартиноски, ќе размислува за „интелигенцијата на раката“, за раката како „посебен орган“. Драмскиот писател Ежен Јонеско дава значајно сведоштво: „Кога сликам, имам чувство дека мојата рака потполно сама ја создава сликата; тоа не е повеќе главата, бидејќи раката е многу поблиска до потсвесното во мене. Фантазиите, стравовите и соништата многу побрзо се искажуваат на тој начин“. Така можеме подобро да го сфатиме апстрактниот, асоцијативниот или фигуративен еротизам во делата на Петар Мазев, Томо Шијак, Васко Ташковски и други автори. Ако се согласиме, дека по повод македонската уметничка практика, може да се говори за „скопена еротика“ тогаш со сигурност можеме да утврдиме „вистинска“ или „расна“ еротика во делата на Никола Мартиноски и Вангел Наумовски. Всушност, нивниот целокупен уметнички опус е проткаен со еротски мотиви кои се развивале и преобразувале во одделни творечки етапи. Никола Мартиноски, почнувајќи од триесеттите и посебно од половината на педесеттите години разви забележителна цртачка и сликарска вештина во претставувањето на своите еротски мотиви. Тие се изработени во карактеристичен реалистичен лирски експресионизам, во кој има и радост и тага, и благост и жестина. Следиме претстави на сензуално доживување на светот кога ги сликал девојките од кафеаните како и љубовните занесени двојки со цветови, со мотив на месечина, идилични, како и во танцови движења – некогаш поттикнати од балетската кореографија.
Во нив веселоста се сменува со трагичноста и болно чувствително доживување. Експресионистичкиот нерв му овозможил да оствари дела со претстава на експлицитната еротика, во кои има гросовска или дибифеовска инспирација (во колекцијата на семејството Мартиноски, во МСУ, Уметничката галерија и на Елпида Паковска – примабалерина од Скопје). Никола Мартиноски, кој располагал со извесна вештина и сила на изразот, умеел да сака и да напише писма, поетично, занесно и духовито комбинирајќи текст и цртеж итн. Таквите моменти поттикнуваат да се размислува на релација биографија-уметност. Ако во средниот век името на уметникот не било познато, тогаш во ренесансата неговиот приватен живот и неговата уметност биле одделени. Во модерното време ние трагаме по врските меѓу уметниковиот талент и тајните на неговиот приватен живот. За нас, меѓутоа, е релевантно мислењето дека единствената биографија која е важна за уметникот е неговата животна приказна како уметник, т.е. Развитокот на неговата способност за преобразување. Да се пишуваат писма, пак, „значи да се разголува пред духовите“. Александар Прокопиев (во книгата „Антиупатства за лична употреба“) забележал, исто така: „Посветено, предадено на другиот, љубовното писмо е и самопредавање и самопрочистување“. Тоа важи особено за Вангел Наумовски кој своите писма и поезија посветена на жените од повеќе градови ги објави, под друго име во книгата: Ван Сан, жена во мојата орбита (објавено од „Зумпрес“, Скопје, 1996). Тоа најдобро ја отсликува неговата поетска душа и сликарството во кое пантеистички, во еден лирски танц се проткајуваат облите форми на жената и на природата, на љубовните парови и на езерото. Во цртежите и платната тој ги евоцира претставите на рајската градина, на вечното создавање и на вечната љубов. Покрај тоа, Вангел Наумовски во својата куќа во Охрид промовираше постојана галерија на слики која го носи името на неговата почината сопруга Љубица.

Потребно е да се укаже уште на два карактеристични примери. Така, скулпторот Јордан Грабулоски само неколку години пред смртта, во 1982-83, создаде серија еротски актови во мала пластика. Потоа, сликарот Милош Коџоман, покрај примерите на експлицитна еротика од почетокот на седумдесеттите години, создаде серија слики и цртежи на тема еротика на еден карактеристичен илустративен „попартистички“ начин.

Кирил Ефремов, во слика и цртеж, ги проектирал своите опсесивни теми.
Глигор Чемерски, во поновите слики, се претставува како автор со дионизиска чулност и ведра разиграност.

Примената на груб детерминизам во било кој друг дел од овие разгледувања не би бил соодветен, како што не е применлив ниту по прашањето на поврзување на фактите од животот и естетските факти – или ликовните дела. Сепак, може да се констатира дека во доменот на современата македонска уметност, барем за сега, може да се говори општо за срамежлив еротизам. Од 1986 година до денес не се случи изложба од типот „Еротика II“, а најслободен израз на љубов и еротика, во животот и уметноста наоѓаме во личноста на Вангел Наумовски. Причините за тоа сега нема да ги бараме, меѓутоа треба да се констатира дека во животот на еден долго поробуван народ и на еден поширок општествен фон можат да се набележат некои интересни податоци. Во Македонија во периодот меѓу двете светски војни се продолжиле некои обичаи од турско-османлиската традиција, но опстојале и елементите на локалната традиција. Мотивите на кафеаната и кафеанските девојки ќе најдат место и во одделни ликовни творби. Во исто време некои проучувачи и научници ќе набележат разновиден еротски живот меѓу населението, сè до примери на содомија итн. Влијанието на политиката и интимниот живот добиваат нови форми за време на војната, потоа после 1945 година. Бранот на сексуалната револуција и популарната култура во светот до шеесеттите години ги заплисна и нашите простори. Следеа децении на сè подлабока криза во рамките на социјалистичкото општество од југословенски тип. По неполни две години од изложбата „Еротизмот…“ порнографијата се понуди #14(во кино салите, од видеотеките итн.) на слободно консумирање за било која возраст, (без оглед што секогаш стоеше налепницата – забрането под 18 години). На фонот на апатичноста и безнадежноста се разви ноќниот живот на младите, а артистите на хумористичната серија „К-15“ можеа шегобијно-сатирично да забележат како „младите денес рано се сексаат“. Македонските телевизии, покрај тоа, воведоа термини за еротска програма и отворени разговори за сексот, се разбира по примерот на западниот концепт за ослободување и терапевтски ефект. Во македонското собрание веќе се постави прашањето за отворање на јавни куќи. Веројатно некои веруваат дека со консумирањето на „слободен секс“ (кај нас направено без мерка и вкус) можат да се намалат не само психолошките туку и социјалните тензии на осиромашениот, деградиран и депресивен човек кај нас.

АвторВладимир Величковски
2018-08-21T17:22:14+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Осврти, Блесок бр. 05, Галерија|