Срамежлива еротика

/, Блесок бр. 05, Галерија/Срамежлива еротика

Срамежлива еротика

#9 Кога би сакале да издвоиме оригинални придонеси во еротската уметност кај нас тогаш прв, разновиден, буен и неспоредлив е опусот на Никола Мартиноски, кој во сликарството, цртежот и графиката, преку еротската тематика на свој начин укажува на својот уметнички развој и ја предаде својата творечка личност. Во делата работени во стилот на класичен реализам до модерен експресионизам 1927 – 1973, тој предаде разни еротски теми, од смирена до крајно вознемирена, лирична и груба еротичност (еротска фантастика и еротски натурализам?)10F
Следејќи го експресионизмот во некои нови форми значајни се остварувањата на уште двајца сликари. Перо Мазев во самиот чин на сликање и чувствување на бојата, деформирањето на фигурите укажува на една спонтано изразена еротичност во кое има драма и агресивно чувствување на љубовта.11F
#10Глигор Чемерски има нагласен интелектуален и емотивен однос кон тематиката, доведувајќи ги до пароксизам своите еротски претстави, покажувајќи симболичен начин во изразувањето, нагласена драматичност, немир и еден вид остар, бунтовен лиризам. Тој широко и уверливо комуницира со некои класични или архаични мотиви, покажувајќи како и претходните двајца уметници дионизиска, паганска несопирливост во чувствувањето и толкувањето на еротските содржини. Во автентичното дело на Вангел Наумовски се согледува своевидна идеализирана, пуритански чиста и речиси детски невина, претстава на еротизмот во кој поетично се спојуваат човекот и природата. Тоа се имагинарни предели на сонот, предадени на симболистички, надреалистички, сецесионистички и апстрактен начин откривајќи мошне стилизирани асоцијации на кружните елипсовидни форми – боја (сперматозоиди, делови од тело и растенија, матка, пештера итн.)12F
Треба да се укаже на една неоекспресионистичка струја која во делата на Димитар Манев, Томе Аџиевски, Ратко Несторовски, Гроздан Крстевски и други, кои откриваат нови теми и начин на чувствување на еротиката, со извесна симболичност, иронија и гротескност и во претставувањето, (Аџиевски) некаде со поистоветување на љубовта со омраза, итн.
#11Значаен број дела, главно претстави на женски актови, спаѓаат во доменот на тивкиот хедонизам, како оние на Димитар Пандилов од Аврамовски, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Томо Владимирски, Димо Тодоровски, Рашко Муратовски и други, или експресивно предадени „голи тела“, Данчо Ордев, Ѓоко Крстевски. Филтрирана и мошне суптилна еротска симболика среќаваме во делата, со фалусни форми, и значење од материјалот на Евгенија Демниевска.

„Еротското визионерство“13F на Спасе Куновски содржи слоевити претстави за односот живот-еротика и минливост-смрт во атмосфера на запрено време и „реална фантастика“ во чувствувањето. На построг и пооптимистичен начин тоа е предадено во делата на Васко Ташковски, додека Васили Кирјазовски изразува грозоморно отуѓување во еротиката. Славољуб Игњатовиќ е речиси медитативен во симболичната еротика.
Гротеската, со архаични антрополошки белези ја среќаваме во делата на Анета Светиева, како и во видеото на Петре Николоски, на примитивен начин предадена кај Благој Чушков, а со наивна непосредност кај Крсто Славковски и духовитост кај Димче Коцо. Егзистенцијалниот немир и тегобност во претставувањето на љубовта прозвучува во делото на Родољуб Анастасов. Извесен неоромантизам се чувствува во тивката интимна еротичност на творбите од Рубенс Корубин и Димитар Малиданов. Еден вид на „ексцесна еротика“ се среќава во сликите и графиките на Билјана Унковска, а одредени неврози и фрустрации се забележливи во цртежите на Кирил Ефремов, Владимир Богоевиќ, Милош Коџоман и други. Кај Александар Ивановски – Карадаре, Ристо Мијакоски, го пронаоѓаме урбаниот простор во кој се одвива „стилизирана“ еротика. Васко Василев негува специфичен вид на однегувана примитивна „скулптурна еротика“ со симболични белези фигуративна, непосредна и духовита.
Се издвојува опусот на вајарот Јордан Грабулоски кој создаде творби со посредна, потисната и асоцијативна еротичност, во која се крие амбивалентноста во чувствувањето и односот кон оваа проблематика. Во тие „апстрактни“ форми и фигуративни дела се крие здржан сензибилитет и одредена затвореност во психолошка смисла.
Индиректна, сликарски директно определена еротичност среќаваме во полуфигуративните дела на Слободан Филовски. Интересни се по разновидната тематика и непосредност на доживувањето цртежите на Ристо Лозановски, и, особено, на Симеон Силјановски. Владо Павлески е јасен во сугерирањето на ироничноста на мотивот кастрација, додека вајарите Петар Хаџи Бошков, Глигор Стефанов и други се интересираат за асоцијативната еротика на формите и значењето на материјалот во делото.

Божидар Дамјановски е рефлексивен во својот еротски „сциентизам“, а Ордан Петлески сензибилен и симболичен во претставувањето.

#b
10. Борис Петковски. Никола Мартиноски. Култура. Скопје 1982.
11. Борис Петковски. Денешното творештво на Петар Мазев. 1977-1982. Уметничка галерија. Скопје
12. Ото Бихалји Мерин. Вангел Наумовски. Езеро. Афиони. Ерос. Култура. Скопје 1983.
13. Владимир Величковски. Ликовен меѓупростор. Млад Борец. Скопје 1986.

АвторВладимир Величковски
2018-08-21T17:22:14+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Осврти, Блесок бр. 05, Галерија|