Срамежлива еротика

/, Блесок бр. 05, Галерија/Срамежлива еротика

Срамежлива еротика

#5 Но, виталноста пробива во разно време и на разни места, негирајќи ги на свој начин пречките на пуританизмот, хипокризијата и разните забрани. Така, и во време на средновековието, со неговото традиционално христијанско учење, напоредно со живото народно творештво постои официјална уметност диктирана од црковното учење и канони. Сепак, не треба да ни се туѓи размислувањата за постоење на извесна, додуша мошне потисната, што е израз на репресија, еротичност и тоа како се насликани формите и распоредени фигурите во некои композиции со оплакувањето на Христос, или во неопределеноста на полот на некои светители, определени ликовни и иконографски отстапувања итн.
Богомилското духовно движење во XII век, кое проповедаше чистунство и одрекнување од сетилното, претставуваше еретичко движење за ревизија на класичното христијанско учење. Тоа доведе до сфаќања за подвојување на душата од телото, за издвојување на телесното од хармоничната целина на духовно-телесното. На тој начин ќе се прошири поимот на грев и грешност, до табу на определени зборови и поими. Последиците на христијанските религиозни догми се чувствуваат сè до денеска, условувајќи ги нашите идеи за сексуалниот морал, нашата дефиниција за тоа што е правилно и нормално, а што отстапување (девијации) во тој поглед. Но, исто така, треба да се има предвид мислењето дека поимите на еротизам и на еротска уметност во своето денешно значење #6се разликуваат од она значење и функција што го имале во поранешните, поинакви и туѓи традиции (кинеската, хиндуската, африканската, грчко-римската итн.) со постоење на извесна врска меѓу новата еротичност и некои пагански и митски облици на култура.
Инаку, на тлото на денешна Македонија на повеќе археолошки локалитети, од преисторијата и античката епоха, пронајдени се предмети со применета, ритуална и декоративна функција со јасни еротски белези.
Во делата создадени во подоцнежните епохи на европската традиција се следи долгата историја на еротизмот, во нејзините потиснати и експлицитни форми, движејќи се меѓу афирмација и негација, на противречности вткаени во релацијата – духовно и телесно, тело и порок, чедност – духовност, пекол и рај, цинизам и идеализам, од сензуалност до порнографија. Тоа се епохите на ренесансата, барокот и рококото, класицизмот и романтизмот, потоа модерните движења – импресионизмот, остимпресионизмот, особено експресионизмот, надреализмот, поп-артот, како и фигуративната уметност во втората половина од XX век, посебно појавите на перформансот и уметноста на телото7F, трансавангардата итн.
#8 Меѓутоа, како што е веќе забележано, уметноста е секогаш стилизација, метафора, „иреализам“ (Дени де Ружмон), а еротизмот сугестија, алузија, симболика.
Во XX век се забележува засилен интерес за сексот и еротизмот изразена низ разни форми на човековото дејствување и творештво. И тоа со таква распространетост која нема преседан во другите епохи. Таа „опсесивна“ сексуалност на нашето време, пред сè во западните земји, се шири насекаде во светот добивајќи најразлични форми на изразување (плакати, илустрирани ревии, филмови, литература, популарни списанија и стрипови, помодни песни, игри, стриптиз, музика, ликовните уметности (со фотографијата), театар, некои филозофии итн.). Подведени под механизмот на комерцијалниот интерес и морал, тие од средствата за комуникација во смисла на демократизација и рушење на некои застарени норми и табуа, преминуваат во средство за манипулирање, неизвршувајќи ја функцијата на ослободување од некои стари и нови фрустрации. Мислењето дека со ослободувањето на еротиката „нашиот век веќе ја депорнографирал неа“8F е прифатливо во смисла на отворање нови прашања и дилеми. Така, нема цврсто утврдени критериуми за тоа до каде станува збор за еротизам а од каде тој преминува во порнографија, бидејќи се работи за променливи и темпорални категории. Но, сепак, може да се каже дека претставувањето на експлицитен секс не ја исклучува уметноста.

#7Модерното движење во уметноста често пати се поврзува со еротизмот и сексуалната револуција. Постојат повеќе мислења, според кои, еротичната уметност не е само хедонистичка, дека не треба да се изедначува со наслада, која често има второстепено значење во уметничкото дело. Еротизмот се согледува низ повеќе аспекти и теми, при што уметничкото дело може да биде „полно со еротско чувствување а да не прикажува сексуална активност, според ниедна потесна дефиниција на тој термин.“9F
Уметноста, како чин на творештвото и како средство за комуницирање, тежнее кон Другото и пренесување пораки носи во себе извесна иманентна еротска мотивираност. Тоа, меѓутоа, не значи дека одделна творба ќе поседува и изразува тематски определена еротска содржина. Индивидуалните расположби, збогатени со разни искуства и сознанија, како што е допир и фантазија се пренесуваат во дела кои ја претставуваат рефлектираната стварност, и свесно или несвесно, прават нејзина симболична транспозиција.
Кога се зборува за еротизмот во современата македонска ликовна уметност треба да се имаат предвид некои моменти. Така, нејзиниот 4 – 5 децениски континуиран развој, без непосредна историска традиција, услови разни противречности, брзо односно мошне бавно сменување на одредени стилски низови, без можност за нивно поцелосно развивање. Покрај тоа, имајќи го предвид и наследеното, се чувствува понагласено, отколку во другите југословенски средини, онаа уметничка стилизација, која е резултат на извесна неодлучност и затвореност, приклонетост кон одредени норми, дури и автоцензура. Македонскиот уметник зборува со јазикот на хедонист, но уште повеќе со посредниот, срамежлив јазик на симболичното, метафоричното претставување, ослободени речиси од пренагласени гестови и поексплицитно означување на сексуалноста. Но, истовремено се среќаваат одделни примери на несопирлива, без хипокризија, изразена еротика која на современ начин ги оживува паганските дионизиски занеси на денешниот човек.
Исто така се допираат поетските, лирски аспекти на еротизмот, неговите агресивни и садистички интонирани содржини, потоа темите како што се актот, проституцијата, некои перверзни сижеи, невротични претстави итн. За сето ова може да се заблагодари, имајќи го притоа предвид индивидуалниот темперамент, природа и ликовна поетика на одделните уметници, на разновидниот развиток на современата македонска ликовна уметност, овозможен со ослободувањето, демократизацијата во нашето општество, особено од педесеттите години наваму, како и отвореноста кон светот и прифаќањето, помалку или повеќе селективно, на нови искуства и сознанија од светот. Притоа, не без противречности и недоследности, во животот и уметноста се развива процесот на ослободување и разбивање на некои предрасуди, табуа итн. И тоа оди бавно особено кога се знае дека еротиката значи и побуна, чекор преку границата на допуштеното, закана и слично, што само го покажува степенот на нашиот културен развој.
Или, како што луцидно запишува Данило Киш: „Еротската фикција, за да досегне до културна вредност, мора да ја претставува целокупната реалност во една упростена форма, па така сè она што ја прави непристојноста, како и визијата на бескрајното задоволство, се само еден вид на стилизација, и постојат единствено за тоа стварноста да може да се замени со сон за еден посреќен живот.“

#b
7. За еротските импликации во уметноста на телото види во есејот на Соња Абаџиева Димитрова. Ars erotica. Ликовна Уметност 10 – 11. Скопје 1985 година.
8. Pierre Cabanne. Psychologie de l’art èrotique. Somogy. Paris 1971.
9. Edward Lucie Smith. Erotizam u umetnosti I zapada. Jugoslavija. Beograd 1973

АвторВладимир Величковски
2018-08-21T17:22:14+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Осврти, Блесок бр. 05, Галерија|