Низ минатото, Берлин ја испишува сегашната историја

/, Галерија, Блесок бр. 53/Низ минатото, Берлин ја испишува сегашната историја

Низ минатото, Берлин ја испишува сегашната историја

Ревидирање на митовите

#14 Но, кога говориме генерално за филмовите, она што се наметнува е фактот дека добри филмови имаше, дека културната различност беше реалност во која свесно или не секако сте вовлечени, дека на фестивалот видовме шаренолика и итнригантна лепеза на филмови, но дека и покрај сè она што се наметнува е фактот дека не би можеле да издвоиме ниту кинематографија или водечки автор како што некогаш беше Рајнер Вернер Фасбиндер, кој го смени ликот на германскиот филм; како што во 1950-тите години беше Артур Пен, годинешниот добитник на „Златна мечка“ за животно дело, а кој беше предводник на „новиот Холивуд“; не можеме да издвоиме некој правец како што тоа беше „новиот бран“ во француската кинематографија или неореалистите во „златниот период“ на италијанскиот филм. Интересно е дека Берлинскиот фестивал, намерно или не, годинава го направи и тоа, направи посвета на некои великани за да нè потсети на едно друго време или визија, да нè потсети на некои други ракописи чие влијание постоеше и сè уште трае. Една од најинтересните, секако, беше почеста која му беше дадена на Фасбиндер на кого, по повод 25-годишнината од неговото самоубиство, му беше прикажана целата култна серија „Берлин Александерплац“ од 1980 година. Оваа серија. која трае 15 часа, беше прикажувана секојдневно на Берлинскиот фестивал, а беше издадена и дигитална ремастеризирана верзија за која и после толку години постоеше огромно интересирање. #15 Тука беше и една од легендите на Холивуд, Артур Пен, кој, пак, остана познат по своето демистифицирање на Холивуд. Тој со радост и задоволство зборуваше за својата работа и за бесмислените американски војни, за демистификацијата на американската историја и за неговото смело поигрување со митовите. Артур Пен ги создаде незаборавните „Бони и Клајд“, „Леворакиот револверист“, „Ноќни движења“, „Големиот мал човек“, „Алисиниот ресторан“, „Чудотворка“, „Потера без милост“ и многу други.
А во целата таа посвета на безвремената уметност интересна беше вклопеноста со фотографиите од познатата „Магнум“ агенција која 60 години ја испишува нашата визуелна меморија, а која во далечните 1940-ти години ја основаа Анри Картие-Бресон и Роберт Капа. Низ овие фотографии навистина оживеаја легендите и на еден поинаков начин, како што впрочем тоа „Магнум“ спонтано го прави, беа ревидирани митовите. Сето ова беше дотолку поинтересно ако се направи паралела со она што Берлин им го нуди на посетителите во својот современ филмски музеј сместен на самиот Потсдамер плац. Во него сè е дигитализирано и направено со најмодерна технологија, но недостигаат многу нешта за да ја добие и вистинската суштина, бидејќи низ германскиот филм, на што овој музеј во најголем дел му е посветен, тоа не може да се направи. Токму во склоп на сето тоа, се чини дека Берлин се обидува да ја спои уметничката и современа историја, да ги ревидира светските митови и да се фокусира и отвори кон различните култури и нивното наследство кое во склад со неговата свртеност кон иднината (во секој поглед) треба да му ја донесе и потребната содржина.

2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 53|