Низ минатото, Берлин ја испишува сегашната историја

/, Галерија, Блесок бр. 53/Низ минатото, Берлин ја испишува сегашната историја

Низ минатото, Берлин ја испишува сегашната историја

„Белешки за еден скандал“ – интригантна игра со женската психа

#7 Интересно е дека уште на самото отворање овој фестивал постави големи стандарди кога беше прикажан францускиот филм „Живот во розово“ на Оливие Дан посветен на животната приказна на француската икона Едит Пјаф. Овој филм беше во конкуренција, а она што е најважно е дека тој плени со својата автентичност и интензитет со кој навлегува длабоко во интимниот и уметнички свет на една од најпрепознатливите светски шансониерки. Животот на Едит Пјаф бил многу драматичен, тежок и несреќен, а нејзината улога фантастично ја одигра младата Марион Котилар која дефинитивно ја заслужуваше „Златната мечка“, што за жал ѝ припадна на актерката Нина Хос од германскиот исклучително слаб и неубедлив филм „Јела“.
#8 Еден од најубавите филмови на фестивалот, дефинитивно, беше „Белешки за еден скандал“ на Ричард Еир, во кој брилираат Џуди Денч и Кејт Бланшет. „Белешки за еден скандал“ говори многу дискретно и индиректно за хомосексуалноста, која како тема беше многу присутна на фестивалот, но низ комплицираниот однос на едно исфорсирано пријателство кое треба да ги сокрие вистинските намери. Ричард Еир го води фантастично филмот низ лавиринтите на страста, на недозволеното, на проблематичните семејни односи, но и на посесивноста и опсесијата, на очајот и страшното чувство на невозвратеност. Еден од поубавите филмови беше и „Писмата од Иво Џима“ на Клинт Иствуд, кој заедно со претходниот беа во официјална селекција, но надвор од конкуренција за награди. „Писмата од Иво Џима“, кој нè навраќа на легендарната борба на Пацификот и кој всушност е вториот филм на Иствуд на оваа тема (првиот е американската верзија „Знамињата на нашите татковци“), #9 е филм кој успева низ една сосем необична визура да проговори за јапонската традиција. Со други зборови, покрај тоа што Клинт Иствуд се навраќа на оваа борба (во која загинаа 20.000 Јапонци и 7.000 Американци) од јапонската страна, тој се обидува низ нивните писма кои никогаш не стигнале таму каде што биле упатени да направи профил на војниците предводени од извонредниот генерал Курибајаши (кого го глумеше Кен Ватанабе), но и да проговори за многу нешта кои на свој начин го исцртуваат јапонскиот менталитет и традиција.
#10 Публиката најдобро го прифати филмот на Сем Гарбарски од Белгија, пред сè поради луцидноста на приказната насловена „Ирина палм“, а во која играат Маријана Фејтфул и Мики Манојловиќ. Иако „Ирина палм“ беше еден од послабите филмови, сепак, публиката но и критиката беа одушевени од приказната за возрасната жена која со голема посветеност ќе се нафати на работата во еден секс-клуб за да дојде до пари за операција на внукот. Тоа е навистина топла и многу симпатична приказна, полна со хумор, со откаченост, досетлива и искрена, но филм кој нема никакви уметнички дострели.
#11 Таков одѕив апсолутно немаше единствениот филм од Југоисточна Европа, чешкиот „Го служев англискиот крал“ на Јиржи Менцел, иако тоа беше едно од најквалитетните остварувања оваа година. Менцел покажа дека и по 15 години пауза не загубил ништо од својата ироничност и острина со која повторно филмуваше едно од делата на неговиот омилен писател, Бохумил Храбал и повторно ја освои наградата на критиката „Фипресци“. „Го служев англискиот крал“ е амбициозен филм посветен на историјата на 20 век, но филм кој низ очите на еден неквалификуван келнер многу суптилно, ведро и точно ќе ја исцрта и ќе си поигра со „откачената“ страна на европската историја.

„Форум“ и „Панорама“ го носат киното на иднината

#12 Сè што недостигаше во главната програма можеше да се види во програмите „Панорама“, која ја носи инвенцијата, уметничкиот пристап, имагинативноста и изненадувањето, а во документарниот дел и рефлексијата на социјалните процеси, како и во програмата „Форум“, која го носи киното на иднината. Во овие две програми преовладуваа многу интересни филмови кои со естетските граници си играа подеднакво како и со наративните. Канадскиот филм „Трејсините фрагменти“ на Брус Мекдоналд целиот беше направен низ слики кои во различни големини цело време одеа низ екранот, за да ни раскаже една многу болна приказна за девојката која не припаѓа никаде, низ нејзините фасцинантни монолози и страшните но честопати логични решенија за да побегне од сопствената стварност. „Интервју“ на Стив Бушеми беше направен како римејк на филмот на холандскиот режисер Тео Ван Гог, кој беше убиен пред две години, и сигурно ја донесе најнеочекуваната приказна, интелигентна и остроумна за интервјуто на политичкиот новинар со една филмска ѕвезда, во кој одлични улоги даваат Стив Бушеми и Сиена Милер. Канадската драма „Далеку од неа“ на младата Сара Поли говореше за Алцхајмеровата болест, но на еден навистина неочекуван начин во кој ја откривате шокантната итнимна вистина после заедничкиот 45-годишен живот. Џули Делпи во своето речиси потполно авторско дело „Два дена во Париз“ прави една забавна, но многу точно доловена паралела меѓу Европа и Америка која на одличен начин говори за стереотипите, за предрасудите, за стравот и културниот шок.
#13 Едноставно, Берлинскиот фестивал успеваше на импресивен начин да ја допре историјата, но и сегашноста со сите нејзини импликации, со целиот страв и изолација, со сите недоразбирања и очекувања. Некако се издвоија темите поврзани со војната, но не со битките, со убивањата, туку теми поврзани со луѓето и со сето она што низ историјата го добиле или загубиле, за илузиите, за заблудите, за бесмислата. Иако во денешната ера на глобализација можеби нема војна, сепак исчезнуваат цели култури, ќе рече директорот на фестивалот Дитер Колсик. Исчезнува многу нешто пред нашите очи, а ние не можеме ништо да направиме. Филмовите ги покажаа и многу отворено проговорија за современите закани за кои воопшто не сме свесни, иако последиците понекогаш се исти.

2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 53|