Инсценирање на реалноста со намера да се открие историската парадигма

/, Галерија, Блесок бр. 74/Инсценирање на реалноста со намера да се открие историската парадигма

Инсценирање на реалноста со намера да се открие историската парадигма

Со помош на овие три специфични примери се обидовме да го демонстрираме начинот на кој Керекес ги миксира симболичките нивоа, еднаш на ниво на коментар и на алогична кадровска композиција, другпат на ниво на мизансцен (преден, среден и заден план) или пак на ниво на визуелен симбол како своебитен иконичен коментар.
Останатите начини на инсценирање се градени прилично традиционално. Се работи на пример за сцена на инсценирано готвење без состојки на празна тава за време на подготовката на храната за мртвите другари или пак буквално – за реконструирање на приказната во која готвачот се скрива од непријателските тенкови во нива со пченка, или пак случајот со експлозијата на котелот со гулаш зад унгарскиот воен готвач кој „ништо не претчувствува“. Ефективно визуелните оживувања напати го одвлекуваат вниманието од целосното значење, кое благодарение на игривата форма на претставување и на ирониската опуштеност небаре ги заобиколува етичките параметри скриени под трагиката на поединечните приказни. Можеме само да констатираме: колку луѓе, толку вкусови. Колку што е готвењето доловено автентично и инсценираните реконструкции неавтентично, толку секое освежување е директно зависно од раскажуваната приказна.
Во секој случај не можеме на Керекес да му го оспориме и извесниот стремеж за создавање еклектички стил во начинот на документарното режисерско работење. Освен инсценирањето и реконструкциите, тој се стреми да даде издржани поенти, инвенционално го користи контрапунктот во рамките на кадровските пасажи, се труди да создава дијалог меѓу архивското и автентичното, на пример со помош на инструментот каков што е – цитатот. На пример, при споредбата на кадарот од архивот, каде што припадниците на германската армија ја креваат рампата со кадарот снимен во сегашноста. Немоќните старци, поранешни војници на Wehrmacht не успеваат ниту да ја поткренат рампата. Керекес многу често отворено стапува во дијалог со своите протагонисти, иако само од позиција на глас од другата страна на камерата со што интерактивно влијае врз начинот на изведувањето, бидејќи на ликовите им ги „подметнува“ сопствените вредносни судови: Дали според Вас рецептите се заповеди?“ и слично. На друго место заедно со протагонистот и на негов имплус ќе зареагира вешто и импровизирано ќе се исповеда при филмувањето на незаинтересираните учесници, припадници на израелските сили за време на купувањето храна во супермаркетот.
Флексибилната режија, стилското надградување, колажот и еклектичкото варирање на постапките го згустуваат просторот на филмот со многузначни симболи со што доаѓа до замаглување на еднозначното изразување на документарната порака. Керекес дури и премногу се сосредоточува врз создавањето на „мисловен’ тип на филм, кој смета имено на емоционалното вовлекување на гледачот во дејството. Позајмува не само од документаристичката, туку пред сè од играната традиција при што настанува полемична дискусија меѓу времињата. Меѓу времето на конфликтот сфатен историски и времето на споменувањето – значи во контекст на сегашното сфаќање на настанот од минатото. Полемично изградениот карактер на филмскиот документ во кој автентичното се транспортира од минатото во сегашноста со помош на постапките на инсценација на реалноста, остава голем простор за субјективно вреднување на настаните од страна на гледачот. Обединувачки принцип на филмот Како се готви историјата не е врската меѓу вистината доловена документарно и автентичноста во историската смисла на зборот. Овој филм го обединува принципот заснован врз парадигматскиот однос меѓу субјективните приказни што го тематизираат готвењето за време на војните и над-националниот карактер на подготовка на јадењето како една од човечките активности што во војната се здобива со специфична смисла и карактер. Затоа Керекес премалку го интересираат причините и последиците на воениот бес, тој не е заинтересиран да вреднува, попрво го согледува конкретниот настан означен на некаков начин од војната како и неговите реперкусии врз поединецот во односот кон јадењето, кон храната, кон готвењето, а со тоа и во односот кон преживувањето. За тоа дека исхраната во армијата е суштински дел од секоја војна сведочат многуте дополнувачки мини-приказни. На еврејските приврзаници на отпорот им успеало кон крајот на Втората светска војна да го затрујат лебот наменет за заробените германски единици; храната стана причина за нападот врз руските војници во Чеченија; гладот за време на опколувањето на Сталинград беше константа присутна насекаде; коцката шеќер успеа да предизвика омраза кон безчувствителниот окупатор; печурките од туршија собирани на територијата на преземената област постанаа воен сувенир и сл. Од овој – на прв поглед – банален агол може современикот непосредно да ги согледа аспектите на војната и мотивите на дејствувањата на припадниците на армиите врз основа на јадењето. Керекес успева во рамките на темата ефективно да тематизира и аспекти какви што се на пример: јунаштвото, несмелоста, омразата, предавството, одмаздата, националните интереси, односот на државата кон припадниците на својот или на некој друг народ, национализмот, но исто така и наивноста и примитивизмот на редовните војници, која во повеќе наврати кулминирала со воени злосторства.
Керекес и на тој начин се обидува поединечните епизоди да ги иронизира за да го олесни патосот на „завојуваните“ страни во извештаите. Токму хуморот му помага во тоа да не потпадне во сериозноста на трагичната тема. Тоа може да се види и во дванаесетте готвачки рецепти што ќе се појават директно во сликата во форма на пишан превод (титулки) при што нивното претставување е напати прилично цинично со оглед на содржината која во нив е констатирана. На режисерот сигурно не можеме да му го оспориме огромниот стремеж за презентирање на што поразбирливо доловени теми. Тој нема амбиција да ги напаѓа големите историски прилики, туку во голема мера се сосредоточува врз трагедијата на малиот човек, кој во влечкањето на историјата и под притисок на воената машинерија се нашол во ситуација да го подготвува можеби она најбаналното, а воедно и она најважното – доброто јадење.

АвторМартин Палух
2018-08-21T17:21:01+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 74|