СЕТО ВРЕМЕ Е СЕГА

СЕТО ВРЕМЕ Е СЕГА

Сите овие биофилиски и пантеистички предизспозиции се нагласени и во сензитивната природа на Симон Шемов и со една специфична восхит, истражувачка енергија и маѓепсаност тој и приоѓа и ја обработува. И пристапува на различни начини и секако не во смисла на фотографско-реалистично пренесување на убавините на природата, туку во разновидните форми и облици на нејзина надменост и фасцинација. Во визуелната привлечност на природата има повеќе отколку што изгледа. Тaa вклучува спирални, радијални, сферични, саќе форми и облици, напукнувања, разгранување, ленти, бранови и турбулентни шеми на проток кои се наоѓаат во природата и кои издишуваат живот. Разгранувања во артерии, дрвја, реки и молњи; турбуленции во облаци и течности; пукање на кожата, глината и кората; радијални форми кај морски суштества и ѕвезди, годови на дрвја; спирали во школки, галаксии и вирови се сите примери за овие облици кои се репетитивни и мантрични, налик на сродни траги и повторувања во космосот. Склоноста на Шемов да ги открива, и да им се восхитува на овие обрасци ќе го иницираат да ги пресоздаде во сосема нови конгломерации и агломерации, обезбедувајќи поттик за еволутивна основа. Има и математички апстрактно ниво на интерес. Би навела само еден пример, а тоа е златниот сооднос 1 : 1,618 кој се чини дека мамка кон соодносите.

Уметниците кои се придржуваат до пантеистичкиот светоглед создаваат дела кои го рефлектираат, медитираат и рифуваат за природниот свет. Шемов не само што е фасциниран, туку постојано го истражува и ја бара и онтолошката и биолошката и филозофската страна на егзистенцијалниот ред и хаос истовреме. Тој се инспирира од него, создава попистичко, фантазмагорично, опистички слики и претстави во кои на ингениозни начини ја слави природата, но истовреме од него почнува и да креира уметност, усовршувајќи се во техниката на рачна изработка на хартија од која ќе создава дела, инсталации, објекти. За среќа, тука не запира неговиот медијациски пристап, па овој маестрален автор низ минатото создаваше и акции во духот на земјишната уметност (Land Art) на различни локации низ Македонија, регирајќи критички на колонизацијата на природата од страна на човекот и безкрупулозната злоупотреба и разнишување на еко-балансот од страна на „најразумното“ и „најкогнитивно“ (докажано) битие – човекот.Овој критички рев е присутен и во неговиот последен циклус, со оглед на фактот што еколошкиот проблем станува се поалармантен.

За уметникот пантеист, та оттука и за Шемов, природата не е само слатки суштества и прекрасни пејсажи; наместо тоа, таа е природата во сета нејзина само-создадена различност, од сурови елементи и преферирани форми до математичките принципи кои лежат во нив. За пантеистот, уметничките потфати се аналогни на научните со тоа што и двете бараат да дознаат повеќе за природниот свет. Можеби тоа е научно веродостојна природа.  Или можеби е потрага по повторно откривање на математичките равенки или креативни принципи кои лежат во основата на природните форми и ги применуваат во создавањето на сосема нови феномени кои се предизвикувачи на природниот свет.[3]

Како една од најраните вери, пантеизмот ја става својата најголема вредност на Природата и Космосот, а интересот за него, не само за световната природа  е втората феноменолошка пунктуација во творештвото на Симон Шемов. Природниот свет е фундаментален свет и ја заслужува нашата најголема почит. Верувањето во вроденото единство на сите нешта е централно за пантеизмот. Целиот космос е единствен ентитет кој настанал во исто време. Целиот живот на Земјата е неделив, исто како и природата. Сите суштества заслужуваат ист степен на почит во пантеизмот бидејќи сите тие се значајни космички јазли. Разгонетнувањето на тие космички јазли за Шемов е предизвик и инспирација која води кон прашување за причините за постанокот на универзумот, на светот, на телата и живите суштества, вклучително и луѓето, за редот и хаосот кои владеат по некој природен тек, и за бесконечноста како незамислива гранична одредница која финално ќе ги одреди димензиите – време и простор, како и интер/акцијата.

Фасцинација од универзумот

Генезата на космосот е клучна информација во разоткривањето на мистериите на нашиот свет и нашето сопствено место во него, оттука овие дискурси го интересираат и Шемов, кој е постојан истражувач, кој се обидува да најде баланс помеѓу уметноста и науката. Истражувачите кои мислат дека Големата експлозија или флуктуацијата на вакуумот го предизвикала нашиот универзум, дошле до некои прилично бизарни сценарија за потеклото на светот. Не треба да изненадува што „најголемите научно-фантастични приказни се во науката за физиката“, како што вели Морис Клајн.[4]


[3]Harrison, Paul . “Pantheist art: the primacy of nature”. Pan. Issue no.9. Autumn, 2022. 2.

[4]Kline, Morris. Mathematics and the Search for Knowledge. New York: Oxford University Press, 1985.

АвторАна Франговска
2023-10-01T12:34:53+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Изложба, Галерија, Блесок бр. 151|