Извадок од романот „Заспи мала моја, заспи“

/, Литература, Блесок бр. 148/Извадок од романот „Заспи мала моја, заспи“

Извадок од романот „Заспи мала моја, заспи“

„Брале“, рече, пред да се појави главата на Јане од кабината. „Ооо“, уште еднаш рече татко ми, „тука си.“

Јане имаше облечено бела кошула со некакви џебови, на јаката имаше четири мали копчиња, на кои би можело да се закачи долниот дел од кошулата, ако му станеше навистина многу, многу жешко. Околу вратот имаше врзано зелен џемпер во маслинеста боја, а неговите панталони исто како и кошулата беа бели, со мали џебови, кои беа во тон со оние на кошулата. На нозете имаше обуено морнарско сини, платнени чевли, кои обично ги носеа повозрасните Италијанци низ дваесетметарските бродови. На раката носеше нов часовник, кој го покажуваше времето од далечниот Ирак. Кога татко ми ја заклучи вратата од кабината, Јане внимателно почна да чекори по кајчето, а потоа сите заедно полека се доближивме до крајбрежјето. Татко ми со рацете го вгнезди на пристаништето, а Јане се држеше за јажето над својата глава. Кога татко ми стана, за да скокне на пристаништето, кајчето заедно со Јане некако се поткрена. Колку што повеќе го влечеше јажето, толку повеќе чамецот се креваше и креваше, а Јане со грбот уште повеќе паѓаше кон морето.

„Спушти го јажето!“ врескаше татко ми, а Јане со рацете се влечеше за јажето, како да се работеше за неговиот живот.

Ги ококори очите и вчудовидено зјапаше во нас, додека цврсто се држеше за јажето. Сега и мајка ми почна да вика.

„Спушти го јажето! Спушти го јажето!“

И тогаш можевме да забележиме како нашиот Јане со брзина на полжав и со сѐ уште ококорени очи се лизна во најголемото ѓубре на пристаништето. Се слушна „плас!“ и Јане исчезна под алгите и целиот отпад што беше таму. Некое време беше тивко, а потоа со сестра ми речиси ќе се помочавме од смеење.

Мама Тања зборуваше: „Тишина, Даре помогни му, гледаш дека не може да излезе од таму“, а татко ми исто така се смееше, така што луѓето што поминуваа покрај нас почнуваа да застануваат и да го набљудуваат мојот чичко од Ирак колку е убаво облечен и како пловеше намирисан по ровињските свињарии и колнеше како никогаш досега.

По неколку дена Јане се врати во Љубљана, а ние се вративме во Копер. Татко ми го заврза бродот од едната страна на бетонскиот дел на дното од морето, а од другата страна за пристаништето. Мајка ми ги пакуваше нашите алишта и кога сѐ стави во долгиот бел автомобил, со сестра ми седнавме на задното седиште и го чекавме татко ми, за да го заклучи бродот и да седне зад воланот.

Кога дојде, мајка ми Тања му рече: „Ете, Дарко, дојде и крајот на летото“.

Татко ми го запали моторот, автомобилот како малку да се поткрена и нашата крнтија, како што го нарекувавме, нѐ однесе на неколку метри од зградата. Тоа беше моето последно лето пред почетокот на основното училиште.

Превод од словенечки: Драгана Евтимова

АвторИрена Светек
2023-01-06T09:58:20+00:00 декември 30th, 2022|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 148|