Извадок од романот „Заспи мала моја, заспи“

/, Литература, Блесок бр. 148/Извадок од романот „Заспи мала моја, заспи“

Извадок од романот „Заспи мала моја, заспи“

„Ех, детиште, ќе издивнеш…“ велеше тетка Пјерина, која токму тогаш пред зградата ја празнеше кантата со ѓубре.

„Девојче, девојче, дојди кај Пјерина, дај ми еден бакнеж“ и веќе ме креваше од велосипедот в раце.

Но, јас не бев веќе бебе, кое некогаш таа го имаше чувано, се извлекував од нејзината прегратка и бегав. Тетка Пјерина живееше неколку ката пониско од нас и беше мојата бебиситерка уште пред да тргнам во градинка. Мајка ми и татко ми најпрво требало да ме запишат во јасли, во една многу одвратна, сива зграда, каде што воспитувачките биле ужасни, кои не се грижеле за малите деца и ме оставале цел ден да лежам измочана и посрана до гуша, како што понекогаш возбудено зборуваше мојот татко, кога ќе се присетеше на тој настан. Потоа гледаше дека зјапам во него и се насмевнуваше.

„Ја крадеше тапата и го крадеше спанаќот, така ли е?“

Мојот татко беше морнар, барем така мислев. Кога сум имала две и пол години, ме кренал во рацете, со мене излегол на балконот и од деветтиот кат ми ги покажувал големите бродови што пловеле кон пристаништето.

„Ова се товарни бродови, а оние малите, кои се влечат, се реморкери[1]. Ги гледаш?“

Со прстот ми покажуваше кон морето и ми објаснуваше за контејнерите со банани и за сличните работи, кои бродовите ги носат кај нас од целиот свет. Потоа, сѐ уште држејќи ме во рацете, влегуваше во станот, во дневната соба. Имавме големи француски прозорци и ниска ограда на надворешната страна.

Внимателно се приближуваше до отворениот прозорец и велеше: „Погледни, а таму долу е нашиот брод“.

Јас го барав со погледот, но не можев да го видам.

„Каде е?“

„Оној таму, оној што има највисока катарка[2], оној таму, погледни, оној таму, оној таму.“

Ми се чинеше дека го гледам.

„Гуна“, сум рекла одушевено. „Гуна, гуна!“ Сум викнала, среќна што нешто видов.

Едрилицата уште беше на пристаништето. Требаше да се бојадиса само уште долната потпалуба. И мојот татко своерачно, со посебни бои под кормилото, напиша ГУНА. Така, со сестра ми станавме морнарки. Таа сѐ уште не знаеше да оди, но веќе ги имаше видено половина од јадранските острови. Секако, мислев дека мојот татко е морнар. Тоа дека навистина работи во компанијата „Градис“ беше сосема неточно. За мене беше вистински морнар. И тоа, секако, најдобриот од сите.

На некој начин, јас бев морско дете. И не само затоа што израснав на море и бидејќи бродот беше мојот втор дом, воопшто не беше само поради тоа. Мојата сестра, на пример, едноставно не го чувствуваше тоа. Многу подоцна ми раскажуваше дека за Копер не чувствува никаква носталгија. Со мене беше поинаку. Не знам како да го опишам тоа. Копер и морето беа дел од мене. Дури и кога отпловувавме и имаше силно невреме, тоа го прифаќав како нешто најнормално. Тогаш сестра ми малку ја смирував, која беше исплашена и цела пребледена во лицето и плачеше, а татко ми и мајка ми не можеа ништо друго да направат освен да нè затворат во кабината, да ни облечат жолти гумени чизми и скафандер и тие двајцата надвор на дождот да се справуваат со невремето. Не се плашев. Никогаш. Скокав од едрилицата на палубата и од палубата на едрилицата како некаква дивокоза. Имав морнарска маица со кратки ракави, а на главата носев бела капа со делфини. И знаев да пливам. Како вистинска ајкула од Јадранот.

„Морско куче, морско куче!“ викав и се фрлав во водата, која ми досегаше до папокот.

Ништо не можеше да ми се случи. А особено не во Сусак. Островот Сусак беше еден мал рај, како за родителите така и за децата. Бродот беше вкотвен во пристаништето, мајка ми и татко ми со пријателите Валенчиќ (кои исто така имаа брод, малата „Жуберчка“, така на шега ја нарекуваше мојот татко) седеа во ресторанот, кој имаше поглед кон заливот, а ние децата во морето со песочно дно се забавувавме како луди. Онаму каде што си игравме, морето никаде не беше многу длабоко. Дури и да беше длабоко, знаевме да пливаме и да нуркаме. Малите локални жители беа потемнети и изгорени, а и јас, исто толку изгорена колку другите, имав светла, речиси бела коса. Токму тука научив да пливам, во таа единствена тиња, на островот Сусак, каде што немаше ништо друго освен едрилици и чамци на пристаништето, малку понапред беше ресторанот „Барба“, зад аголот на големиот супермаркет или „самопослугата“ беше слаткарницата „Османи Осман“ и речиси во горното село беше малата месарница. Насекаде низ селото имаше тиња. Се лепеше по костимите за капење и ја внесувавме по целиот брод. По некое време косата ни стануваше стврдната од морската сол, но ни беше сосема сеедно. Ги лижевме водените, портокалови сладоледи со вкус на мандарини и одевме боси по пристаништето, гледавме кои од локалните деца имаат уловено поголема риба. Потоа со своите мрежи од пристаништето се обидувавме и самите нешто да уловиме. Никогаш немав трпение за ловење. Бргу се откажував и повеќе сакав да се качувам по ѕидот на пристаништето и од него да скокам во морето. Мајка ми доаѓаше од „самопослугата“ и во ќесата носеше векна леб, домати и лук. Потоа застануваше на пристаништето и од рибарот со мал чамец купуваше свежи риби.


[1] Бродови што многу бавно се движат (сите фусноти се заб. на прев.).

[2] Заоблена греда, дрвена или метална, ветрикално поставена на бродска палуба што служи за распнување на едрата, за набљудување и сл.

АвторИрена Светек
2023-01-06T09:58:20+00:00 декември 30th, 2022|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 148|