Извадок од романот „Заспи мала моја, заспи“

/, Литература, Блесок бр. 148/Извадок од романот „Заспи мала моја, заспи“

Извадок од романот „Заспи мала моја, заспи“

„Морско куче е, морско куче?!“ врескав оддалеку.

„Не е, Нена, не е, штрудла е и локарда[3].“

Татко ми седеше на бродот под тендата и пушеше луле.

„Во меѓувреме да најдеме уште некоја риба“, рече тој и со некакво стапче го гмечеше тутунот во лулето. „Мама ќе направи ли чорба, а, Тања?“ велеше.

Димот од лулето му се вееше меѓу прстите и брадата, неговата темна коса му стрчеше на сите страни од морската вода. Направив гримаса.

„Таа е онаа грдата? Грдотија, грдотија, грдотија!“

И повторно се јазев по ѕидот и од него скокав во морето. Кога ручекот беше готов, јадевме прво ние децата. Тоа бевме мојата сестра и јас, и две момчиња, Матеј Валенчиќ, кој беше на моја возраст и Грега Валенчиќ, кој имаше шеснаесет години. Нивниот татко, Војко Валенчиќ, беше најдобриот пријател на татко ми. Татко ми беше понизок од него за цела глава, беше ситен и слаб и цело време зборуваше. Омилена тема му беа рибите и риболовот. Теа, мајката на Матеја и Грега, исто така имаше темен тен како мајка ми и двете готвеа во малата кујничка во бродот, а Војко и мојот татко пушеа лулиња, седеа во кабината под тендата и разговараа за рибите. Кога бевме деца, се качувавме на бродот и си ги пресоблекувавме костимите за капење, ги врзувавме околу оградата да се сушат, ползевме еден зад друг во кабината и седнувавме на дебелите перници околу споените дрвени маси. Секој добиваше мала пластична чаша на која имаше насликано сидро, парче леб и потоа јадевме чорба. Војко и татко ми одеа во „самопослугата“ по лубеница, а мама Теа и мама Тања расчистуваа по нас и на масата поставуваа исти пластични чинии со сидро, само малку поголеми. Потоа ние децата надвор јадевме лубеница, а возрасните во кабината макаа леб во чорбата и зборуваа за островот, за тоа каде би можеле следниот ден сите заедно да отпловиме. Сонцето светеше, галебите пискаа и беше многу убаво.

 

А потоа, еден ден во посета на бродот дојде чичко Јане. Чичко Јане носеше бела маица со зелен крокодил, тенок златен ланец околу вратот и камел цигари во предниот џеб. Ууууу, богатиот чичко Јане беше директно дојден од Ирак. За мене тоа значеше само едно. Неопислива радост! Подароци како неговите немаше никаде! Од Ирак или од Кувајт, за мене беше сосема сеедно. Јане секогаш мирисаше убаво, носеше убави чевли, од таквите, мокасини, платнени бели панталони и штека цигари со камила. А под мишка носеше голема кутија на која светеше натпис „Лего“ и „Барби“ и иако со сестра ми имавме неколку кукли и лего-коцки, нели поради близината со границата пазарувавме во Трст, тоа беа играчки што ни ги имаше донесено тој, стопати досега, но навистина, стопати беа подобри. Со сестра ми нестрпливо ја одлепувавме хартијата и со големите очи набљудувавме што има под неа.

„Уау!“

Добив пакет со лего-коцки, кои не беа обични лего-коцки, иако беа за поголеми деца. Се викаа „Лего-технологија“ и ако ги составиш, се добиваше вистинска подморница, која пливаше под вода. Бев пресреќна. Целосно. Сестра ми доби комплет од мали животни, кои ако ги навиеш плутаа во вода, а двете заедно добивме и бања за барбиката, зелено базенче со розови украси, мала тоалетна школка, мијалник и шкафче. Покрај сето тоа имаше и мек килим, за да може Барби по капењето да чекори по мека површина, а имаше и неколку мали крпи односно бришачи и многу, многу минијатурни шишенца, кои Барби ќе ги употребува како шампони за бањање и парфеми по бањање, кога седи на својата розова, убава масичка со пластично огледалце. Јане навистина знаеше да се развесели. Така сите бевме среќни. Татко ми, кој по долго време го гледаше својот брат Јане, беше среќен што го гледа и што е дојден на море, мама беше весела за своето ново ланче со обетка што виси, а на која имаше арапски букви, а ние двете со сестра ми бевме среќни за играчките. И бидејќи полека се стемнуваше и бидејќи бевме да го посетиме само Ровињ, туристичкиот бисер на Истра, мајка ми мене и сестра ми убаво нѐ дотера, и убаво нѐ избања, татко ми облече фармерки и уште од Копер испеглана кошула, а мајка ми за оваа пригода облече некаква црно-црвена туника со тенки прерамки и бевме подготвени да одиме да се прошетаме. Прошетката значеше дека ќе одиме до штандот со играчки, каде што ние двете ќе добиеме уште некоја ситна играчка и сите заедно ќе ги поминеме сите оние сликари, кои цртаа смешни портрети, татко ми ќе ги погледне оние малку подобрите уметнички слики, а потоа ќе седнеме некаде, каде што со сестра ми ќе пиеме сок, а возрасните веројатно ќе пијат пиво. Така мајка ми, сестра ми, татко ми и јас се качивме во малото црвено кајче, со кое татко ми нѐ донесе до пристаништето. Со рацете се држеше за јажето со кое за крајбрежјето беше прицврстен брод и на тој начин го влечеше чамчето, кое ние го нарекувавме кајче, кон крајбрежјето. Откако ние девојките излеговме од бродот на пристаништето, татко ми се врати назад кон бродот, седеше во кабината и чекаше однатре да се појави Јане, па од него да излезе на брегот. Но, Јане го немаше. Сите го чекавме. Мајка ми, јас и сестра ми на пристаништето, а татко ми на бродот. Поминаа десет минути, кога мајка ми ја крена раката во воздухот и прашално зјапаше во татко ми. Тој ги поткрена рамениците и со прстите тропна по кабината. Поминаа уште десет минути, кога татко ми уште еднаш тропна по кабината.


[3] Вид риба.

АвторИрена Светек
2023-01-06T09:58:20+00:00 декември 30th, 2022|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 148|