Друг вид
Последниот ден го дочека
во броење до пет
(Броиш до пет
и те нема веќе!)
Се обидоа да те уверат
дека е тоа патот до невидливоста
Затоа претеруваш
поместувајќи ги границите
на јасните инструкции
(седум осум девет
претчувството ја заменува тишината)
и празен е креветот
Каква суровост на бројките –
мрмориш несвесен
за насмевката или
за што и да е важно
Нема ништо
освен потиштеноста
и силното чувство
дека за расплетот
што сите го бараат е потребен
друг вид херој
Поинаков човек
Стапицата на залудноста главно не успеваме да ја избегнеме. Би бил потребен поинаков човек за нови околности. Порано или подоцна се гледаш како висиш наглавечки, без решенија и иднина, ослободен од потребата да имаш какви било амбиции. Сè помалку чувствуваш и беспомошност е сè што преостанува. Секое ново будење е спознавање за пропуштеното. Твоите шанси од самиот почеток се рамни на нула. Тагата што си ја задолжил со раѓањето не исчезнала. Никогаш не те оставила, не си ѝ побегнал. Само понекогаш, уморна од самата себеси, би отишла на спиење и би спиела долго, таман доволно да ја заборавиш, да се опуштиш и да го спуштиш гардот. Одморена би се истегнала, би зевнала неколкупати и повторно, којзнае по кој пат, би го струполила пеколот врз тебе. Уште една љубов издивнува на рацете и работата пропаднала таман кога си помислил дека можеби поинаку е можно. Раката што ја вложуваш во сè што чиниш веќе не е доволна. Никогаш не ни била. Но барем купувала време и заблуди. Ништо не може да се поправи и сè е како што изгледа. Грди се чашите на масите и тишината е бескраен простор за останување без воздух.