(од истоимената збирка поезија)
Мојата генерација не милува историја.
По софиските улици таа го заборави
мртвото тело на Ѓорче Петров.
Мојата генерација претпочита географија.
На мапата од светот таа ги откри
Манитоба, Перт и Висконсин.
По незасеаните ниви на своите татковци
моите врсници ги ништеа скакулците
пишувајќи презриви хаику стихови
за интимни женски делови.
Мојата генерација ја наоѓам
само по статистиките наместо
по институциите.
Не лути ми се тато, и јас се подизгубив
од многу гледање вести.
Морав да бидам во тек
за секое утро да знам
во која земја се будам.