Несоница

Несоница

Несоница
Разговор
На едно дрво
Чудесно е што се будиме заедно…
Приспивна за мачката
Бензинска пумпа
Рибата
Заливот

[На мојот роденден]

Кога е одлив како сега колку е бистра водата.
Бели, ронливи ребра од глинест варовник се креваат и блескаат
и чамците се суви, колците суви како кибрит.
Впивлива, наместо да биде впиена,
водата во заливот ништо не навлажнува,
со боја на плински пламен вклучен на најниско.
Мириса како да се претвора во гас: да бев Бодлер
веројатно ќе чуев како се претвора во звуци на маримба.
Малиот окер багер што работи на крајот на пристаништето
веќе ги свири сувите совршено ексцентрични синкопи.
Птиците се несекојдневно големи. Пеликаните се уриваат
во овој необичен гас непотребно тешко,
ми се чини, како казми,
ретко кревајќи се со каков било улов,
и си заминуваат со хумористично туркање со лактите.
Црно-белите морски птици-грабливки лебдат
на некои неопипливи струи
и си ги отвораат опашките како ножици на кривините
или ги напнуваат како јадци, сè дури не затреперат.
Смрдливите бродови-ловци на сунѓери постојано се враќаат
со послушниот изглед на ретривери,
наежени со дрвенести куки и харпуни
и украсени со туфни од сунѓери.
Има ограда од жица долж пристаништето,
каде што, сјајни како мали ралници,
сино-сивите опашки од ајкули се закачени да се сушат
за кинескиот угостителски занает.
Некои од белите чамчиња уште се на куп
едно врз друго, или лежат на страна, продупчени,
а уште непоправени, ако некогаш и бидат, од последното невреме,
како искинати, отворени, неодговорени писма.
Заливот е посеан со стари преписки.
Клик. Клик. Продолжува багерот,
и крева мокар залак глинест варовник.
Сета неуредна активност продолжува,
ужасна но ведра.

АвторЕлизабет Бишоп
2018-08-21T17:21:18+00:00 април 14th, 2007|Categories: Поезија, Блесок бр. 53|