Несоница

Несоница

Несоница
Разговор
На едно дрво
Чудесно е што се будиме заедно…
Приспивна за мачката
Бензинска пумпа
Рибата
Заливот

Фатив огромна риба
и ја држев крај чамецот
половина над водата, со мојата јадица
цврсто во аголот на нејзината уста.
Не ми се опираше.
Ми се немаше опирано воопшто.
Висеше како разгровтана тежина,
исчукана и импресивна
и неубава. На места
кафената кожа ѝ висеше во ленти
како прастар тапет,
а нејзините шари од потемна кафена
беа како тапет:
облици како расцутени ружи
извалкани и избледени од староста.
Беше дамкосана со пијавици,
мали розети од бигор,
и преполна
со ситни бели морски вошки,
а одоздола ѝ висеа два-три
партали од зелени алги.
Додека жабрите ѝ го вдишуваа
ужасниот кислород
– страшните жабри,
свежи и крцкави со крв,
што можат да те исечат длабоко –
помислив на јадрото бело месо
набиено како пердуви,
коските и ковчињата,
живописните црвени и црни бои
на нејзината сјајна утроба,
и розовиот воздушен меур
како голем божур.
Ја погледнав во очи
што беа многу поголеми од моите
но поплитки, и пожолтени,
ирисите поставени и наполнети
со потемнет станиол
видлив низ леќите
на стар изгребан желатин.
Се помрднаа малку, но не
за да ми го возвратат погледот.
– Повеќе беше како навалување
на предмет кон светлината.
Го гледав со восхит намуртеното ѝ лице,
механизмот на нејзината вилица,
и тогаш видов
дека од нејзината долна усна
– ако може да се нарече усна –
мрачни, влажни, и налик на оружја,
пет стари парчиња од рибарски конец висеа,
или четири и еден завршеток од жица
со зглобот сè уште закачен,
со сите нивни пет големи јадици
зараснати цврсто во нејзината уста.
Еден зелен конец, изабен на крајот
кајшто го скинала, два подебели конци,
и еден тенок црн конец
сè уште свиткан од напорот и пукотот
кога се скинал и таа избегала.
Како медали со панделките
изабени и растреперени,
брада на мудрост од пет влакна
што се влече од нејзината болна вилица.
Ја гледав и ја гледав
и победата го исполни
малиот изнајмен чамец,
од калливата баричка
каде што нафтата беше раширила ѕуница
околу ’рѓосаниот мотор
до портокалово-’рѓосаната црпалка,
испуканите од сонце веслачки клупи,
клучевите за весла на нивните јажиња,
горните рабови на чамецот – сè додека
сè не стана ѕуница, ѕуница, ѕуница!
И ја пуштив рибата.

АвторЕлизабет Бишоп
2018-08-21T17:21:18+00:00 април 14th, 2007|Categories: Поезија, Блесок бр. 53|