Албумот се викаше Trinity Sessions. Година, осумдесет и седма. Тоа беше вториот албум што го снимија Cowboy Junkies, а снимен е во црква во Торонто (Ontario’s Church of the Holy Trinity), со помош на само еден микрофон ставен на средина на просторијата, а бендот е распореден околу него.
Замислете ја тогаш радоста кога разбрав дека албумот повторно го снимаат, дваесетина години поискусни, на истото место. Сценариото е идентично, истата црква како студио, а Натали Мерчант, Рајан Адамс и Вик Честнат како гостинско засилување. Trinity Revisited е волшебен албум, а Свит Џејн поопојна од кога и да било, со вовед кој како да го преживеал гледањето на филмот Natural Born Killers и ни ја врати песната која гостуваше во него.
Можеби песната за Елвис ме наведе да го преслушам албумот, ама верзијата на Sweet Jane на Лу Рид ме врза за него. И немаше начин некогаш да се разделиме. И пред да знам кој е Хенк Вилијамс, ја потпевнував неговата I’m so Lonesome I could Cry.
Ветровитите херцеговски зими со тој саундтрак лесно ги менував за некоја американска прерија каква веројатно во Америка не ни постои. И бев осамен каубој со црвен хоризонт пред себе и со американско срце, во потрага по она нешто што никогаш нема да има име, ама вреди за секое скитање.