ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

/, Галерија, Блесок бр. 119/ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?


Уметноста низ призмата на парите?

До средината на минатиот век, тогаш современата уметност и уметноста на претходните генерации воопшто не била дел од уметничкиот пазар, ниту пак била поврзана со светот на парите и финансиските шпекулации на начин и до степен кој го сведочиме денес. Вистински бум во употребата на банкнотите како тема и иконографија, но и редимејд објект се следи од генерацијата на поп-уметници. Меѓу нив се Рој Лихтенштајн со својата литографска едиција „Банкнота од десет долари“ (Ten Dollar Bill, 1956), но секако најзначаен е Енди Ворхол, кој почнувајќи од раните 1960-ти не само што ги тематизира туку го подигнува на сосем друго ниво односот на уметноста, мултипликацијата и парите. Можеме да се сетиме само на неколку интересни примери на рекомбинирање на доларите во неговите рани цртежи и рачно сликани платна (One Dollar Bill, 1962), мултипликати во сито-печат (200 One Dollar Bills, 1962), фиктивните банкноти (Art Cash, 1971) и потпишаните оригинални банкноти, а посебно важна како пресвртница е неговата изјава дека „способноста за бизнис е најфасцинантен вид на уметност“.[8]

Во 2011 година, Ханс-Петер Фелдман залепи 100.000 долари на галериските ѕидови во Музејот Гугенхајм во Њујорк[9], дело кое е речиси буквален цитат на славната изјава на Ворхол, според кого наместо да купите слика од 200.000 долари подобро е да ги земете тие пари и да ги закачите на ѕид.[10]

Но, дури и при еден ваков блиц преглед не можам да не ги споменами Роберт Морис со неговиот „Мозок“, облепен со долари (Brain, 1963-64), Силдо Меирељес со делото „Нулa долари“ (Zero Dollar, 1978/84), Марк Ломбарди и неговите дијаграми со изложување на патот на парите и мрежи на моќта, Јозеф Бојс и неговиот концепт за креативниот капитал, Комар и Меламид со нивните проекти и компанијата за „Купување и продавање на души“ (Komar & Melamid Inc. NY, We Buy and Sell Souls, 1979), меѓу кои и трансакцијата за душата на Ворхол во 1979 година.

Тука се и бројните интервенции врз вистински банкноти, преку кои уметниците го промислуваат, коментираат и критикуваат монетарниот систем, политиката, уметноста и врските помеѓу корпорациите и економијата, од наједноставните поп-интервенции со замена на ликовите на претседателите, како кај Џејмс Чарлс и Акира Берд, или како во впечатливото дело на Халил Алтиндере, „Танц со табуа“ (Dance with Taboos, 1997), до оние на браќата Џејк и Динос Чепмен со монструозни цртежи врз фунтите (Currency Project, 2007) изведени на Frieze Art Fair во Лондон во 2007 година, како и бројни примери на автори кои не се толку познати, како на пример, Доналд и Ира Фарнсворт, и нивната серија „Артноти“ (Art Notes). Или пак, Марк Вагнер со неговите надреални сцени (како во серијата Washington at Large), колажи кои од 1999 година наваму минуциозно ги изработува со детали од доларите.
Како и да е, во уметноста не случајно се јавува овој мотив и неговата експлоатација експоненцијално се зголемува, можеби и поради една од клучните конфронтации кои произлегуваат од дилемата за степнот на „уметничка“ ингениозност на креаторите на сложените финансиски инструменти во современиот неолиберален систем кој избегнува секаква регулација – домен некогаш резервиран за просторот на уметноста.


8. Andy Warhol, The Philosophy of Andy Warhol: (From A to B and Back Again), (New York: Harcourt Brace Jovanovich, 1975), 92.
9. Ова дело на Фелдман и делото на Вилфредо Прието „Еден милион долари“ (One Million Dollars, 2002), ми се особено важни бидејќи се дел од серијата евидентирани синхроницитети со нереализирани дела,работно наречена Afterboard. Повеќе за ова и подетално за делата кои го обработуваат финансискиот систем, во некоја следна пригода.
10. “I like money on the wall. Say you were going to buy a $200,000 painting. I think you should take that money, tie it up, and hang it on the wall.” — Andy Warhol, 1975.https://www.moma.org/collection/works/34818

АвторВладимир Јанчевски
ПреводВладимир Јанчевски
2018-09-25T09:27:28+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 119|