ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

/, Галерија, Блесок бр. 119/ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?


Како што тоа го дефинира Радомир Константиновиќ, за него слободата не е слобода за јавност туку „слобода од јавност“[15]. Иако ова денес, во сеопштата еуфорија на истакнувањето на важноста на политичката артикулација во јавниот простор, може да се протолкува како ескапизам, слободата од јавност не значи нужно, непреземање на акција, туку слобода да се дејствува без неопходноста од површната гласност без дела пред тешката драперија на транспарентноста.

Веќе на многумина им е преку глава од прегласни празни говори кои ја затскриваат испразнетоста, психотична логореа која го потиснува и истиснува секој обид за промислена, сталожена и заокружена акција наспроти паниката на итноста.

Уметничката сцена во Македонија, под притисокот на својата изгубеност во просторот и времето, низ најчесто неоправдана ламентација за маргинализираноста, од фокус често ги губи навистина вредните и предизвикувачки „творби“, кои и покрај изгледите за крајот на тој модерен концепт, ако се сложиме, сè уште би можеле да ги наречеме уметнички.
Веројатно затоа, во целата таа конфузија која дополнително ја инхибира уметничката креативност и потребата од дебата, не треба да се испушта приликата да се зборува за дури и навидум најминималните гестови кои отвораат сериозни прашања, без оглед на нивната примарна намена.[16]

Стапица, среде дебата за ефективноста и утилитарноста

Во последните децении, под налетот на неолибералниот капитализам, уметноста се отвори кон постконцептуализмот и најразличните ангажирани практики кои ја истакнуваат општествено-политичката улога на уметноста. Во прв план се појавија повеќе тенденции кои целосно ја исклучуваат естетската димензија на уметноста, на сметка на нејзината утилитарност, политички потенцијал и моќ за директни промени во општествената стварност. Но, тоа не е ништо што е сосем ново, ако се потсетиме на решенијата кои во првите децении на XX-тиот век ги понуди еден дел од историската авангарда, како Де Стајл, Баухаус и руските конструктивисти. Тие, наместо индиректно дејствување во симболичкиот простор на уметноста, него го заменуваат со директно обликување на материјалниот свет со кој луѓето се во непосреден контакт.

Иако тензијата помеѓу овие две позиции поизразено се чувствува во последните две децении, а особено од почетокот на оваа декада, не е толку проблем за која позиција ќе се определaт авторите, туку кој е мотивот, тактиките и визијата – има бројни примери со различен исход и успех/ефективност и од првата која е идеалистичка и од другата, материјалистичка позиција.[17]


15. Radomir Konstantinović, Beket, prijatelj (Beograd: Otkrovenje, 2000), 24-25.
16. Ова се само неколку од можните прашања кои се поставуваат поттикнати од одлуката на еден пар, кој случајно е и уметничко дуо, а гестот/подарок, случајно е наменет за друг пар, кој случајно или не, се историчари на уметност, пријатели и соработници, кои во својата приватна колекција веќе имаат неколку дела на уметничката група ОПА.
17. Борис Гројс на повеќе места во различна форма зборува за оваа дилема и проблемите и предизвиците кои произлегуваат од вкрстувањето на уметноста и активизмот. Boris Groys, ”On Art Activism” (e-flux, no.56, June 2014). Http://www.e-flux.com/journal/on-art-activism/

АвторВладимир Јанчевски
ПреводВладимир Јанчевски
2018-09-25T09:27:28+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 119|