Веќе не се будите во иста соба.
И она што е невидливо не е исто.
И во навиката на будење има измени.
Предметите со кои се поистоветувате
не ви се подеднакво туѓи.
Секој облик бара посебен одлив на свеста.
Гладта за препознавање е отворен процес:
Финеганово бдеење.
Овошјето од еден обичен плакат
го поместува тлото под душникот
го лизга ровко и несопирливо
и ве пренесува во детството
– небаре тоа е на едниот, а
вие на другиот крај
небаре сте биле еден без друг
вие, кои не сте смееле –
повторно ја доживувате возбудата
на окото и моливот
кога сте цртале гроздови, круши и јаболка
и сте го наслушнале разговорот
меѓу мечтата и раката во којашто
се влевал еросот на иднината.
Детството се враќа на тајна врата
и открива вишок живот, вишок минато:
она од што не можете да се откажете.
И повеќе не се прашувате зошто
стварноста не е доволна за да се сонува
и што е тоа кое не е јаве
а постои!