Предвремено будење

/, Блесок бр. 59/Предвремено будење

Предвремено будење

Предвремено будење
Исповед на дете
Weltangschauung
Мирисот на смрчките На татко ми
Топла крв
Сакате ли вода?
Вода, о да!
Големата Мајка

Не отстапувај!
Растојанието треба да го почувстуваш
како предност
и да ја опишеш
лутата сапуница на надежта
во душата што ти влегува по којзнае кој пат
те зазема како што се зазема туѓа територија
те присвојува како што се присвојува туѓо дете
и за сето време на мис-мириса.

Растојание ти треба животот да го продолжиш
тоа постојано оддалечување од она кое било
тоа земање-давање
тој непогрешлив минус
тој јасник, таа осојница.

Искачи се на врв-себе и повлечи се
во подножјето има плодни почви
јаболка кои мирисаат на магдонос и нане
поради долгиот престој во ист сад
зборови кои се припикнуваат во пазувите
-мажјаци скокотливи, полнозначни, семеносни-
глетки кои трчаат по тебе како верни загари
времиња кои те опоменуваат
обѕрни се, објави се
но не застанувај
што погоре, толку подоле
она што во себе го имаш единствено го имаш.

Зголеми го растојанието, пламни
од долгото гледање во истиот свет, овој свет
од беглиот допир со стварноста

– од нејзината развратност, од нејзината понорност
од таа скривница во сударот со измисленото
од таа родна куќа, тој нерешлив спор
меѓу сонот и јавето –

побегни толку далеку што да истинеш од желба
да се вратиш, оддалечи се толку многу
што да немаш кога, што да немаш младост
да се вратиш.

2018-08-21T17:21:11+00:00 мај 10th, 2008|Categories: Поезија, Блесок бр. 59|