За парче чоколада, за шмрк кафе по напишан ред и за уште нешто друго

/, Литература, Блесок бр. 71-73/За парче чоколада, за шмрк кафе по напишан ред и за уште нешто друго

За парче чоколада, за шмрк кафе по напишан ред и за уште нешто друго

Самиот поет Звонко Танески игра една двојна улога, зашто неговото јас се јавува истовремено и како предмет и како субјект. Впрочем, во мигот кога човек почнува да зборува за себеси, тој се удвојува, вели Цветан Тодоров. Објектот страда, но затоа пак субјектот е – среќен. (…) Како и секој, раскажувајќи го својот живот, јас му наложувам облик, барам причина за сè и го заборавам тоа што го растура моето раскажување (2004: 302-303). Самиот Танески веќе го укотви својот препознатлив темперамент и оригинален дух во поновите текови на македонската поезија. Но, во оваа негова најнова збирка ни се претставува со еден помалку освежен „номадизиран“ дискурс, произлезен од самите форми на егзистенцијалната, но и на духовната „преселничка“ иницијација, низ која поетот поминува последниве неколку години. Во центарот на неговата егзистенција е Братислава, а стиховите: Ако некогаш дојдеш во Братислава / запамети цврсто дека не си дома, / но има на кого да се потпреш кога ти гори под нозе, поттикнуваат една далечна алузија на познатите стихови на Матеја Матевски Кога одевме во Стамбол за која како мото пак е земено едно дистишје од
Песната на кубанските црнци на Федерико Гарсија Лорка: Кога одевме во Стамбол / а Река остануваше / по Вардара по Дунава по ветерот (…) Кога одевме во Стамбол / по полето по морето по чемерот.
Затоа, има во овие стихови и од она што Цветан Тодоров го истакнува за себе: По малку страдам како странец, често имам, исто така, полза од тоа … ми даваа(т) мал изглед на егзотизам кој треба(ше) да ме прави позанимлив (2004: 125). Формулата на Иг де Сен Виктор, која денес сè повеќе се прифаќа како кредо за апатридијата и номадството, а гласи: Човекот што ја наоѓа својата слатка татковина е само нежен почетник: оној за кого е секое тло како неговото сопствено е веќе силен: но само оној е совршен за кого целиот свет е туѓа земја (2004: 130), е онаа врз која се испишуваат и стиховите на Танески. За поетот-номад светот е едно големо, достапно и разпознатливо „семиотичко искуство“. Современиот свет постои и се восприема низ конкретнава поетска призма како богато, отворено, набрекнато и сложено писмо, но и како обично/секојдневно, реално, но и имагинарно патување и живеење во Братислава, па и во Виена, Москва, Петербург, Марибор, Венеција, Краков, Париз, Скопје …
Имагинарните патувања ги врзуваме во надуените
балони и ги подаруваме од солидарност

(од Лирскиот субјект во директен пренос изјави: Светот е џунгла)
До кога личното искуство (телото на духот)
ќе ми ги пегла кошулите
и облеката за прошетка по меридијаните?

(од Фигурки)
Сепак, наместо да се склизнува во безгрижниот ескапизам на краткотрајната утеха и сетилното задоволство, поезијата на Танески попрво се впушта во тематизација и разоткривање на внатрешниот раскол. Интимната борба или агон што се води меѓу лирското јас со неговата уникатност – независна од социјалната оствареност и успех, од една страна и од друга – т.н. социјално јас, кое го претставува слојот на збиднувањата на лирскиот субјект, кои ја определуваат неговата појавна, општествено-оформена реализација како да го манифестираат оној „одроден човек“ на Цветан Тодоров. Поетот Танески, како впрочем и човекот Танески е оној кој од позиција на странец настојува да биде асимилиран, и кој во моментот кога ја прифаќа својата натурализација, кога ја довршува својата интеграција се открива себе како „одроден човек“7F:
кога стихот е уште гол, необлечен во гардеробата
на зборовите
направете интерупција на песната и на животот.

Успешно абортирајте.
(од Интерупција на песната и животот)

Песните на Танески се напати полни со извесна доза на пародија и иронија, што овде оживуваат мошне богати, несводливи конотации како во песната Кратка историја на љубовната врска која е една извонредна минијатура: Преку Балтикот / во мрестилиштето за млади фоки / Започнавме со чешкање / Завршивме со словачкање. Воочлив и типичен елемент на оваа поезија е и смислата за самоиронија, како иманентна компонента на еден постмодерен и, пред сé, урбан сензибилитет. Сепак, поетскиот дискурс на Звонко Танески, на општ план, може да се протолкува како метафора на желбата и на жедбата по отворање и спознавање на нови духовни дијапазони, кои понекогаш се карактеризираат со „шум“ во општењето и со недоверба во јазикот, што зазира од светот на профаната комуникација. И за тоа Танески најотворено проговорува:
Си игра јазикот со своите форми,
со својата функција на дежурен полицаец,
обидувајќи се да го испита мојот хранопровод
како ги голта граматичките правила:
како бонбони, како чоколада, како роман

Лоша игра, музо!

Штотуку се бевме навикнале на лингвистичка работа
и ете ти ги литератите со својата фантазија –
да бараат пукнатини во јазикот,
да си ја продлабочуваат имагинацијата

(од Добар ловец)
Во некои од песните е мошне силен и стремежот за привидна апсолутизација на автореференцијалноста (преку личната обоеност на хронотопите), до степен на елиптичност и херметизам, каде што т.н. мета-поетски дискурс се интериоризира до толкава мера што станува структуротворен принцип и моделативна доминанта.
На ниво на мотивско-тематска опсесија, може да се подвлече дека лирскиот јунак во оваа поезија ги соопштува личните искуства и доживувања од преземените номадски походи, но притоа понира во текстот со помош на автентичната сила на својот „мистичен“ исповеден тон. Во Чоколада во портфолио ќе најдеме и многу стихови исполнети со набојот на интровертната поетичка самоанализа, која би требало да се протолкува како умешност и издржливост во процесот на обновување на интимниот допир со животот. Портфолио-то на авторот е полно со необично богати, силно-експресивни слики, кои што се развлекуваат низ горчливото „хибридно“ време барајќи го слаткиот „чоколаден“ вкус на непознатото, кое низ трепетни пулсации ќе ги отелотвори тие слики во стадиумот на творечкото мета-емпириско јас, ослободено од тегобноста на трошливата временитост, на минливоста и на привидната болка од постоењето. Интересно е да се проучи индивидуалниот поетски опит на Танески, кој проткаен и оплоден со повеќе културни традиции и текстуални модалитети, воспоставува и устоличува возбудливо доживување на конкретната темпоралност, но отвора и квалитативно нови димензии на претчувствување, на самосвест во искушеничкиот чин на битисувачкото себедоживување, како и на обликување на сопствениот фатум на флуидноста. Таквиот допир во стихозбирката Чоколада во портфолио е хетероген, мултиплициран, поставен во неидентичен простор – во еден конгломерат кајшто се вкрстуваат повеќе слоеви, тенденции и ритмови.
Токму затоа, читателскиот напор при совладувањето на поетските егзалтации на Звонко Танески би претставувал жртвен императив на творечката наслада, на која треба недвосмилено да ѝ се предадеме и заради тоа што ја претпочита средбата на културите место шокот на цивилизациите, како и заради тоа што ја посакува повеќе вредноста на единката отколку банализираната среќа на човештвото.

Купете ја книгата

#b
7. Во „одроден“ (=dépaysé) јас разбирам истовремено заминување од родна земја и нов поглед, различен, изненадувачки, кој се фрла врз земјата која ве прима – всушност, овој пат, одроден поглед. А јас ја видов таа состојба како богатство, не како осиромашеност (2004: 130).

2018-08-21T17:21:03+00:00 јуни 30th, 2010|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 71-73|