За парче чоколада, за шмрк кафе по напишан ред и за уште нешто друго

/, Литература, Блесок бр. 71-73/За парче чоколада, за шмрк кафе по напишан ред и за уште нешто друго

За парче чоколада, за шмрк кафе по напишан ред и за уште нешто друго

(Звонко Танески, „Чоколада во портфолио“, Блесок, 2010)

#1 Толкувачот е по дефиниција надворешен по однос на текстот кој го анализира, но според класичната концепција, тој треба да се приближи колку што е можно повеќе до својот автор, да се нурне во неговиот свет, да се смеша со него (2004: 131-132)1F. Па така како што Звонко Танески најде храна (конкретно чоколада) т.е. сласт за своето искуство на интеграција во друга култура (првин во чешката, а сега сè повеќе и во словачката), така и јас пронајдов една своја егзотопија при читањето на таа негова сласт. А егзотопијата на читателот е предност, не хендикеп (2004: 132)2F. Од друга страна, толкувачот на текстот е на свој начин минувач, тој настојува да постигне подобро да општат писателите и читателите (2004: 285). Зашто читањето, како впрочем и гледањето филмови, или дружењето, пиењето кафе, поделувањето на последната коцка чоколада, ти помага да сфатиш дека постоиш само во врска со другите. Сосем сам си никој, без никаква идеја за самиот себе3F. А посветувајќи се на толкувањето на другите, истакнува Цветан Тодоров, ти се нуди можност да ја конвертираш мааната во предност и така сомнежот во сопствената способност да им се допаѓаш на луѓето да го трансформираш во неверојатно способност за толкување/разбирање на другите. Колку овој текст ќе успее да покаже до кој степен се слеав со стиховите на Танески и притоа да соберам храброст да зборувам со нивниот глас, не знам. Ама, еве ги искажувам и, во исто време, и тие ме искажуваат зашто ги изразуваат моите убедувања подобро отколку што би можела тоа да го направам самата јас4F:
(да се биде гол во душата е последната голотија
која сè уште има цена –
во сè останато може да се лаже)
.
(од Интерупција на песната и животот)
Книгите ќе постојат сè додека постојата приказни кои се уверени дека мора да бидат раскажани и додека постојат читатели (и писателите се читатели) кои читајќи ги тие приказни се уверени дека тие мора да бидат допишани, ќе рече Дубравка Угрешиќ (Забрането читање. – Скопје: Сигмапрес, 2002, 203). Па така и овој поетски ракопис Чоколада во портфолио (Скопје: Културна установа БЛЕСОК, 2010, 112) е една од тие приказни кои мораат да бидат раскажани, а со нивното читање и допишани:
Книго моја, отвори се до крај
како жила полна со набабрена крв,
како бокал вино за жедни усни,
како абер за преселба
како незавршено патување,
како трагање надвор и внатре во себе,

Во тебе.
(од Отворена книга)
Ова се стихови кои се конзумираат како парче чоколада со кое се задоволува потребата за шеќер во организмот по ручекот, по испушената цигара, по љубовната страст. Ова се стихови кои жеднеат да бидат прочитани како сласт:
Може ли да асистирам во нејзината
докторска работа
како инспирација, како црв, како јанѕа,
како немир, како шмрк кафе по напишан ред?

(од Може ли?)
Ова се стихови кои насладуваат кога стануваат нечија жед, како во мотото на збирката:
Колку повеќе песни, толку помалку поезија!
Ако подаруваш стихови, подарувај жед!
Има ли доволно – жедни?
Изборот неговите стихови да се подведат токму под ознака на чоколадата е можеби заради сознанието дека границата меѓу уживањето и злото е силно манифестна токму во самата чоколада. Таа и понатаму останува цврсто упориште на конечната идеолошка неадаптибилност на другиот, колонизираниот, деиндивидуализираниот и експлоатираниот5F. Нејзината полиморфност ја доживуваме како предизвик зашто можеме да ја конзумираме и како прав, и како прелив, но и да ја грцкаме и јадеме како коцка, без притоа и да помислиме дека покрај водата и чоколадата ја има таа привилегија да се јави/егзистира во сите три агрегатни состојби. А водата е живот, нели? Тоа значи дека и чоколадата е живот? Па да, ако се има предвид дека таа нејзина полиморфност, како и нејзината податност кон топлината и нејзината страст да обојува сè што ќе допре, ја поттикнува архетипската фантазија6F. Неговата, мојата … вашата …

#b
1. Цветан Тодоров. Должности и наслади. – Скопје: Фондација за македонски јазик „Небрегово“, 2004, 131.
2. … токму Бахтин, нагласува Цветан Тодоров, воведува една категорија, еден збор малку тежок за превод од рускиот вненаходимост, кој го предадов со „егзотопија“, кој помага да се мисли тоа што го нареков „одроденост“ (2004: 131).
3. Единката не е некој што веќе постои, кој влегува потоа во врска со другите: таа е, напротив, конституирана од врски. Но времето минува, а пак идентитетот постепено се обликува. (…) Тоа е еден приближно алхемиски процес – а сите луѓе го имаат каменот на мудроста: оној што го конвертира случајот на некоја средба во неопходност на некој живот (2004: 286).
4. Види „Другите во мене“ во Должности и наслади. Ibid. 284-288.
5. Види Svetlana Slapšak. „Čokolada“ vo Ženske ikone XX veka. – Beograd: Biblioteka XX veka, 2001, 65-69.
6. Јадењето чоколада може да се поврзе со симболичкото јадење на телото со што се врзува со една еротска метафорика. Неодоливоста на чоколадата произлегува од комплицираните наративни и визуелни производи кои ги изразуваат половите и расните напрегнатости, неправди, забрани, како и цензурите на владеачките културни модели, но и духот на отпорот. На пример, војниците ја носат со себе чоколадата, вели Слапшак, и за искупување на гревовите (крај на невољите) и за евентуално купување нови гревови.

2018-08-21T17:21:03+00:00 јуни 30th, 2010|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 71-73|