Од Интернет до Гутенберг

/, Литература, Блесок бр. 16/Од Интернет до Гутенберг

Од Интернет до Гутенберг

Често мислам дека нашите општества наскоро ќе бидат поделени (или веќе се поделени) на два типа на граѓани: оние коишто само гледаат ТВ, коишто восприемаат веќе подготвени слики и со самото тоа и веќе подготвени дефиниции за светот, без каква било моќ за критички избор на информацијата што ја восприемаат, и на оние коишто знаат како да оперираат со компјутер, коишто се во можност да ја одберат и да ја анализираат информацијата. Ова повторно ќе ја востанови културната поделба од времето на Клод Фроло, помеѓу оние коишто биле во можност да ги читаат ракописите, и со самото тоа критички да се однесуваат кон религиозните, научните или философските теми, и оние коишто се образовани само преку сликите на катедралата, одбрани и изготвени од нивните господари, писменото малцинство.
Некој писател на научна фантастика би можел многу да елаборира за идниот свет во којшто мнозинствотото од пролетеријатот ќе прима само визуелна комуникација испланирана од елитата на компјутерски образувани луѓе. Постојат два типа на книги: оние за читање и оние за консултација. Книгите за читање (тоа можат да бидат романи, философски расправи, социолошки анализи, итн.) обично се читаат на начин што јас би го нарекол налик на детективска приказна. Започнувате од страницата 1, каде што авторот ви кажува дека се случило некое злосторство, ги следите сите траги за препознавање сè до крајот, и конечно откривате дека виновникот е батлерот. Крај на книгата и крај на вашето читателско искуство. Забележете дека истото се случува дури и кога читате, да речеме, дело како Декартовото „Дискурс на методот“. Авторот бара од вас да ја отворите книгата на првата страница, да следите серија прашања коишто тој ги предлага, за да видите како стигнува до одредени заклучоци. Секако, еден научник којшто веќе ја знае таа книга, може да ја препрочитува со скокање од една на друга страница, обидувајќи се да ја издвои можната поврзаност помеѓу едно тврдење во првото со некое тврдење во последното поглавие… Исто така, научникот може да одлучи да го издвои, да речеме, секое појавување на зборот Ерусалим во обемниот опус на Тома Аквински, прескокнувајќи илјадници страници за да го восредоточи своето внимание само на пасусите коишто се однесуваат на Ерусалим… Но, ова се начини на читање коишто за лаикот се неприродни. Потоа, постојат книги за консултација, како на пример прирачници и енциклопедии. Понекогаш е неопходно прирачниците да се читаат од почеток до крај, но кога некому материјата му е доволно позната, може прирачникот само да го консултира, избирајќи одредени поглавија или пасуси. Кога бев во средно школо, морав да ги читам моите учебници по математика линеарно, од почеток до крај; денес, ако ми треба прецизна дефиниција на некој логаритам, јас учебникот само го консултирам. Го чувам на полица, не за да го читам и препрочитувам секој ден, туку за да го отворам еднаш во десет години, за да го консултирам околу нешто одредено. Енциклопедиите ги сметаме за книги коишто секогаш служат за консултација, а никогаш за читање од почеток до крај. Обично земаме одреден том од некоја енциклопедија за да научи или да се потсети кога умрел Наполеон или пак која е формулата за сулфурна киселина. Научниците ги користат енциклопедиите на многу пософистициран начин. На пример, ако сакам да откријам дали било можно да се сретнат Кант и Наполеон, треба да го земам томовите К и Н од мојата енциклопедија: откривам дека Наполеон бил роден во 1769 и умрел во 1821, а Кант бил роден во 1724 и умрел во 1804, кога Наполеон веќе бил император. Не е невозможно дека овие двајца луѓе се сретнале. Најверојатно би требало да ја консултирам биографијата на Кант, или на Наполеон – но во кусата биографија на Наполеон, којшто се сретнал со многу луѓе, оваа возможна средба со Кант можеби е изоставена, додека во Кантовата биографија средбата со Наполеон би требало да биде забележана. Накусо, би требало да пролистам многу книги на многу од полиците во мојата библиотека, би требало да направам многу белешки за подоцна да ги споредам сите собрани податоци, и така натаму. Всушност, сево ова од мене ќе бара тежок физички напор. Но, со хипертекстот можам лесно да се движам низ целата енциклопедија. Можам да го поврзам настанот што се случил на почетокот со серија на слични настани разместени насекаде низ текстот, можам да го споредам почетокот со крајот, можам да побарам список на сите зборови што почнуваат на А, можам да побарам листа на сите случаи во коишто името на Наполеон е поврзано со името на Кант, можам да ги споредувам датумите на нивните раѓања и нивните умирања – накусо, можам да ја завршам целата работа за неколку секунди или за неколку минути. Хипертекстот секако дека ќе ги направи застарени енциклопедиите и прирачниците. На неколку CD-ROM-ови (наскоро најверојатно на само еден) е можно да се складираат повеќе информации отколку во целата енциклопедија Британика, со таа предност што овој медиум пружа можност за вкрстени референци и нелинеарно пребарување на информациите. Самиот копмакт диск, заедно со компјутерот, ќе завземе една петтина од просторот потребен за енциклопедијата. Енциклопедијата не може да се пренесува како што може дискот, ниту пак може лесно да се обновуваат податоците во неа. Денес зафатените полици од метри и метри од енциклопедијата, и во мојата куќа и во јавните библиотеки, би можеле да исчезнат, и тоа во скора иднина, и нема да има причина за поплака поради нивното исчезнување. Дали хипертекстуалниот диск може да ги замени книгите за читање? Ова прашање всушност покрива два различни проблеми и би можшело да се постави во форма на две прашања.
(I). Прво, практично: Дали некоја електронска поддршка може да ги замени книгите за читање?
(II). Второ, теоретско и естетско: Дали хипертекстуалните и мултимедијалните CD-ROM-ови можат да ја видоизменат самата природа на книгите за читање, какви што се романите или збирките поезија?
Прво ќе одговорам на првото прашање. Книгите ќе останат незаменливи не само за литературата, туку и за секоја пригода во којашто некој сака да чита внимателно, не само да прима информации туку и да ги анализира и да размислува за нив. Не е исто да се чита од компјутерски екран и од книга. Помислете на процесот при учење на нова компјутерска програма. Обично, програмата е во состојба на екранот да ги прикаже сите потребни инструкции. Но, корисниците коишто сакаат да ја научат програмата најчесто или ги печатат напатствијата и ги читаат како да се во форма на книга, или пак купуваат печатен прирачник (дозволете ми да го подвлечам фактот дека моментно сите помошни програми за објаснување на програмите се дефинитивно напишани од неодговорни и тавтолошки идиоти, додека комерцијалните прирачници ги пишуваат умни луѓе). Можно е да се замисли визуелна програма којашто многу добро објаснува како да се испечати и да се вкоричи книга, но за да се добијат инструкции како се пишува (или како се користи) компјутерска програма, потребен ни е печатен прирачник. По поминати не повеќе од 12 часа пред компјутерскиот екран, очите ми се како две тениски топки, и чувствувам потреба да седнам во некоја удобна фотелја и да читам весник, а можеби и добра песна. Мислам дека компјутерите шират нова форма на писменост но дека не се во можност да ги задоволат сите интелектуални потреби коишто ги стимулираат.
Во моментите на оптимизам сонувам за компјутерска генерација на којашто, обврзана да чита од компјутерскиот екран, читањето и` станува блиско, но во одреден момент се чувствува незадоволна и бара поинаков, поопуштен начин за читање, којшто пак, се остварува низ поинакви побарувања од читателот.
За време на симпозиумот за иднината на книгите, одржан на универзитетот во Сан Марино (записите се сега објавени кај Бреполс), Реги Дибреј (Regis Debray) се осврна на фактот: хебрејската цивилизација е цивилизација базирана врз Книга; овој факт не е одделив од фактот дека тоа е номадска цивилизација. Мислам дека оваа забелешка е многу важна. Египтјаните можеле да ги клесаат своите записи на камени обелисци, Мојсеј не можел. Ако сакате да го минете Црвеното Море, еден свиток е многу попрактичен инструмент за забележување на мудроста. Патем речено, уште една номадска цивилизација, арапската, е базирана на една книга, и претпочита пишување наместо слики. Но, книгите имаат свои предности и во однос на компјутерите. Дури и ако е испечатена на модерна рециклирана хартија, којашто отприлика трае само 70 години, книгата е многу потрајна од магнетните носачи на информации. Кон ова треба да се додаде дека на нив не влијаат недостигот на енергија и падовите на напонот, а и многу се поотпорни на удари. Сега за сега, книгите сè уште претставуваат поекономски, пофлексибилен, пери-носи начин за транспорт на информации по многу ниска цена. Компјутерската комуникација патува пред тебе, книгите патуваат со тебе и со твоја брзина, но ако се насукаш на пуст остров, книгата може да ти служи а копмјутерот ќе немаш каде да го приклучиш. Дури и ако твојот компјутер има соларни батерии, нема да ти биде лесно читањето додека лежиш на некоја импровизирана лежалка. Книгите сè уште се најдобри придружници при насукување, или за Денот-по-атомската-експлозија. За образовни цели, некоја книга за читање може да биде трансформирана во хипертекстуален CD-ROM. Некој научник можеби ќе треба да знае, да кажеме, колку пати зборот добар се појавува во Изгубениот рај. Сепак, денес постојат нови хипертекстуални поетики според кои дури и книга за читање, дури и песна може да биде трансформирана во хипертекст. На ова место се префрлуваме на второто прашање, бидејќи проблемот веќе не е практичен: се однесува на самата природа на процесот на читање. Замислена на хипертекстуален начин, дури и една детективска приказна може да биде структуирана на отворен начин, така што читателите можат да избираат насоки во читањето, односно, да ја градат приказната на свој начин – дури и да одлучат дека виновник може и мора да биде детективот, а не батлерот.

АвторУмберто Еко
2018-08-21T17:22:02+00:00 август 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 16|