Од Интернет до Гутенберг

/, Литература, Блесок бр. 16/Од Интернет до Гутенберг

Од Интернет до Гутенберг

Ова не е нова идеја. Пред откривањето на компјутерот, поетите и раскажувачите имаат сонувано за потполно отворен текст којшто читателите би можеле бескрајно да го пре-пишуваат на различни начини. Тоа е идејата на Le Livre, според описот на Маларме; Џојс го замислувал Финегановото бдеење како текст којшто би можел да биде читан од идеален читател којшто страда од идеална несоница. Во шеесеттите, Макс Сапорта (Max Saporta) напиша и објави роман чиишто страници можеа да се разместуваат и така да создаваат различни приказни. Нани Балестрини (Nanni Balestrini) на еден од првите компјутери му зададе неповрзана листа од стихови коишто машината ги спојуваше на различни начини и така создаваше различни песни; Рејмон Кено (Raymond Queneau) измисли комбинаториски алгоритам со чијашто помош беше возможно да се создадат, од еден конечен склоп на редови, милијарди песни. Многу современи музичари имаат создадено силни композиции, и со нивна манипулација некој може да компонира различни музички изведби.
Како што веројатно веќе видовте, дури и овде се сретнуваме со два различни проблеми.
(I) Првиот е идеја за физички пренослив текст. Таков текст би требало да создаде слика за апсолутна слобода на читателот, но ова е само слика, илузија на слободата. Единствената машинерија којашто некому дозволува создавање на бескрајни текстови постои веќе со милениуми, и се вика азбука. Со намален број на букви некој може да создаде, навистина, милијарди текстови, а токму тоа и е сторено од Хомера па наваму. Стимулативен текст (stimulus-text), којшто ни дава не букви, или зборови, туку претходно веќе засновани групи на зборови, или пак на страници, не нè ослободува да измислиме што и да сакаме. Ние сме слободни да се движиме само во ограничен број насоки зацртани од претходно веќе засновани текстуални грамади. Но јас, како читател, ја имам оваа слобода дури и кога читам класичен детективски роман. Никој не ми брани да замислам поинаков крај. Кај еден роман каде што двајцата љубовници умираат јас, како читател, можам или да плачам врз нивната судбина или да замислам поинаков крај, каде што тие преживуваат и живеат среќно сè до смртта. На некој начин, јас, како читател, се чувствувам многу послободен со физички ограничен текст, околу којшто можам да размислувам со години, отколку со некој пренеслив текст во којшто се забранети само некои манипулации.
(II) Оваа можност нè води до вториот проблем којшто се однесува на текст којшто е физички завршен и ограничен, но којшто може да биде толкуван на безброј, или на барем многу начини. Ова, всушност, е целта на секој поет и раскажувач. Но текстот што може да поддржи многу толкувања не е текст којшто може да го поддржи секое толкување. Мислам дека се соочуваме со три различни идеи за хипертекстот. Како прво, треба да направиме внимателна дистинкција помеѓу системите и текстовите. Еден систем (на пример лингвистичкиот) е целост од можности прикажани преку дадениот природен јазик. Секоја лингвистичка единица може да биде толкувана во споредба со други лингвистички или семиотички единици, зборот според дефиницијата, настанот со пример, природен вид со слика, и така натаму и така наваму. Системот е можеби завршен но е неограничен. Низ спирално движење би можеле да се движите до бесконечност. Во оваа смисла, сигурно е дека сите возможни книги се содржат во еден добар речник и една добра граматика. Ако можете да се послужите со Webster, би можеле да ги напишете и Изгубениот рај и Уликс. Секако, сфатено на овој начин, хипертекстот од секој читател може да направи автор. Дајте му го истиот хипертекст на Шекспир и на некој ученик, и тие ги имаат истите шанси за создавање на Ромео и Јулија. Сепак, текстот не е лингвистички или енциклопедиски систем. Одреден текст ги намалува конечните или бесконечните можности на системот за да создаде затворен универзум. Финегановото бдеење е секако текст отворен за многу толкувања, но сигурно е дека никогаш нема да ви понуди демонстрација на Ферматовата теорема, ниту пак комплетната биографија на Вуди Ален. Ова се чини тривијално, но суштинската грешка на неодговорните деконструктивисти лежи во верувањето дека со текстот можете да правите сè што ќе посакате. Ова е очигледно неточно. Текстуалниот хипертекст е завршен и ограничен, иако е отворен за безбројни и оригинални разгледувања.
Хипертекстот може многу добро да функционира со системите, тие не можат да функционираат со текстовите. Системите се ограничени но бескрајни. Текстовите се ограничени и завршени, дури и ако дозволуваат голем број на можни толкувања (но тие не го оправдуваат секое можно толкување). Сепак, постои и трета можност. Можеме да ги разгледаме хипертекстовите, коишто се неограничени и бескрајни. Секој корисник може нешто да додаде, и така можете да вметнете приказна слична на бескрајна џез импровизација. На ова место, класичниот поим за авторство секако исчезнува, а ние имаме нов начин за вметнување на слободна креативност. Како автор на Отворено работење (Open Work) не ми останува ништо друго освен да ја поздравам оваа можност. Сепак, постои разлика помеѓу вметнувањето на активноста за создавање текстови и постоењето на создадените текстови. Би требало да имаме нова култура во којашто ќе се постои разлика помеѓу создавањето на бесконечни текстови и толкувањето на прецизните и конечни текстови. Тоа е она што се случува во нашата сегашна култура, во којашто ние различно ја оценуваме снимената изведба на Петтата Бетовенова и новата делница во некој џем сешн во Њу Орлинс.
Ние маршираме кон полиберализирано општество во коешто слободната креативност ќе коегзистира со текстуалната интерпретација. Ова ми се допаѓа. Ги имаме и двете, фала му на Господа. Менувањето на ТВ канали е активност којашто нема ништо заедничко со гледањето филм. Хипертекстуалниот уред којшто ни овозможува да измислуваме нови текстови нема ништо заедничко со нашата способност да толкуваме веќе-постоечки текстови.
Има, сепак, уште една конфузија помеѓу и во врска со две различни прашања: (а) дали компјутерите ќе ги направат книгите застарени? И (б) дали компјутерите ќе ги направат застарени пишаните и печатените материјали?
Да претпоставиме дека компјутерите ќе ги истиснат книгите до исчезнување. Ова нема да значи исчезнување на печатениот материјал. Компјутер создава нови модуси за продукција и дистрибуција на печатени документи. За еден текст да се пре-прочита и точно да се поправи, освен ако не е некое кусо писмо, треба да се испечати, потоа да се пре-прочита, потоа да се поправи во компјутерот и повторно да се препечати. Не верувам дека некој е способен да напише текст од неколку стотици страни и да го поправи а да не го испечати барем еднаш. Сме го виделе тоа – ако случајно некој се надевал дека компјутерите, а посебно одделите за текст, ќе придонесат во спасувањето на дрвата – тоа се само слатки сништа. Компјутерите го засилуваат производството на печатен материјал. Можеме да замислуваме култура во којашто нема да има книги, а луѓето ќе одат наоколу со тони и тони невкоричени листови хартија. Ова ќе биде многу тешко, и ќе создаде нов проблем за библиотеките. Луѓето имаат желба да комуницираат едни со други. Во прастарите заедници комуникацијата се одвивала усно; во покомплексните општества постои обид за комуникација преку печатење. Повеќето од книгите коишто се изложени во некој книжарница би требало да бидат дефинирани како продукти на Vanity Presses (Нарцистички Изданија), дури и ако се објавени од универзитетски центри. Но, со компјутерската технологија навлегуваме во нова ера на Самиздатот. Луѓето можат да комуницираат директно, без уделот на издавачките куќи. Многу луѓе едноставно не сакаат да објавуваат, едноставно сакаат да комуницираат едни со други. Денес тоа го прават преку е-пошта или преку Интернет. Ова ќе донесе големи поволности за книгите, за книжевната цивилизација и за книжевниот пазар. Погледнете ги книжарниците. Има премногу книги. Јас добивам премногу книги секоја недела. Ако компјутерската мрежа придонесе во намалувањето на количеството на објавени книги, тоа ќе биде врвен културен напредок.
Една од најчестите забелешки против псевдо-писменоста на компјутерите е дека младите луѓе сè повеќе се навикнуваат да зборуваат низ куси шифрирани формули: dir, help, diskcopy, error 67 (компјутерски команди коишто во обичниот јазик имаат поинакви значења, заб. прев.) и така натаму. Една од формулите за завршување на разговорот на мрежата е cul8r (од see you later, се гледаме после, заб. прев.). Дали ова е сè уште писменост?
Јас сум собирач на стари книги, и се чувствувам прекрасно кога читам некој од оние наслови од седумнаесеттиот век за чијшто испис е потребна една страница а понекогаш и повеќе. Тие наслови личат на насловите на филмовите на Лина Вертмилер (Lina Wertmöller). Воведите се долги по неколку страници. Овие книги започнуваат со комлицирани изрази на почит коишто го величаат идеалниот адресант, обично императорот или папата, и се протегаат на страници и страници објаснувајќи ги во многу бароктен стил целите и доблестите на текстот што следува. Ако барконите писатели ги прочитаат нашите современи научни книги ќе бидат вџашени од ужас. Воведите се долги по една страница, накусо истакнувајќи ја темата на книгата, заблагодарувајќи се на некоја национална или меѓународна фондација за обемната парична помош, накусо објаснувајќи дека книгата е овозможена од љубовта и разбирањето на сопругата или сопругот и неколкуте деца, и благодарност за секрeтарката којашто трпеливо го исчукала ракописот. Низ тие неколку линии, ние потполно ги разбираме академските маки, стотиците ноќи минати во подвлекување на фотокопии, безбројните смрзнати хамбургери изедени набрзина…
Туку, ајде да претпоставам дека во блиска иднина ќе имаме три реда коишто велат „Ж/д, Смит, Рокфелер“ (со значење: „Им благодарам на мојата жена и на моите деца; оваа книга беше трпеливо прегледана од професор Смит, и овозможена од фондацијата Рокфелер“).
Тоа би било елоквентно колку и барокниот вовед. Тоа е проблем на реториката и на поврзувањето со одредена реторика. Мислам дека во следните години страсните љубовни пораки ќе бидат праќани во форма на куси инструкции во програмскиот јазик Basic, во формата „ако… тогаш“ (“if… then”), за на тој начин да ги пренесат пораките од типот „Те љубам, затоа не можам да живеам со тебе“, (прекрасен стих од Емили Дикинсон).
Покрај тоа, најдоброто од англиската маниристичка книжевност беше излистана – ако добро се сеќавам – во некој програмски јазик: 2B OR/NOT 2B (од: To be or not to be, Шекспир, да се биде или не, заб. прев.).
Постои едно чудно мислење според коешто колку повеќе кажуваш во една вербална комуникација, толку повеќе си длабокомислен и разбирлив. Маларме ни кажа дека е доволно да се изговори “une fleur” за да се долови универзумот на парфемите, облиците, и мислите. Многу често, во поезијата, се случува со помалку зборови да се искажат повеќе нешта. Три реда на Паскал кажуваат повеќе од 300 страници исполнети со долги и здодевни расправи за моралот и метафизиката. Потрагата по нова и жива писменост не смее да биде потрага по пре-информатичкиот квантитет. Непријателите на писменоста се кријат на друго место.
До сега се обидував да покажам дека надоаѓањето на новите технолошки уреди не мора задолжително да ги истисне старите уреди. Автомобилот се движи побрзо од велосипедот, но автомобилите не ги истиснаа велосипедите, исто како што не постои можност за технолошко подобрување на велосипедите. Идејата дека новата технологија ја поништува претходната технологија е премногу упростена. По откритието на Дожер (Daugerre, творец на првата фотографија, во 1838, заб. прев.), сликарите веќе не се чувствувале обврзани да делуваат како занаетчии обврзани да ја пренесуваат реалноста онаква каква што мислиме дека е. Но тоа не значи дека изумот на Дожер го поттикнал само апстрактното сликарство. Постои цела традиција во модерното сликарство којашто не би можела да постои без фотографскиот модел; како пример можеме да го наведеме хипер-реализмот. Реалноста е видена од окото на сликарот низ фотографско око.
Сигурно е дека откритието на киното и на стрипот ја ослободи од некои традиционални наративни обврски. Но, ако постои нешто како пост-модерна литература, постои само затоа што во голем дел претрпела влијание од стриповите и од филмот. Од истата причина, мене денес не ми треба некој огромен и тежок портрет насликан од некој скромен уметник; на мојата сакана можам да ѝ пратам светкава и верна фотографија. Сепак, оваа промена во социјалната функција на сликарството не направи тоа да биде застарено, освен што денес насликаните портрети ја немаат истата практична намена за портретирање на одредена личност (истото може да се направи подобро и поефтино кај секој фотограф), туку за славење на важните личности, така што нарачувањето, плаќањето и излагањето на таквите портрети добива аристократски конотации.
Ова значи дека во историјата на културата никогаш не се случило еднo нешто да убие некое друго нешто. Некое нешто има во корен променето некое друго нешто. Го цитирав Меклуан, според којшто Визуелната галаксија ја има заменето Гутенберговата галаксија. Сведоци сме дека неколку децении подоцна ова веќе не е точно. Меклуан изјави дека живееме во ново електронско Глобално село. Сигурно е дека живееме во нова електронска заедница којашто е доволно глобална, но ова не е село – ако под село некој подразбира населба во којашто луѓето се во директен контакт едни со други. Вистинските проблеми на електронска заедница се следните: (1) Осаменост. Новиот граѓанин на оваа заедница е слободен да измислува нови текстови, да го отфрли традиционалното сфаќање на авторството, да ги избрише традиционалните поделби помеѓу авторот и читателот, но ризикот се состои во тоа што – контактирајќи со целиот свет преку една галактичка мрежа – поединецот се чувствува осамен… (2) Преплавеност со информации и неможност да се одбере и да се отфрли. Имам навика да кажам дека неделното издание на NYT (New York Times) е тип на весник во којшто можете да најдете сè што можело да се испечати. Неговите 500 страници ви кажуваат сè што сакате да знаете за настаните од минатата недела како и за идеите за идните настани. Како и да е, една цела недела нема да ви биде доволна да го прочитате неделното издание на NYT. Постои ли разлика помеѓу весникот којшто кажува сè а не можеш да го прочиташ и весникот којшто не кажува ништо; постои ли разлика помеѓу NYT и Правда? И покрај ова, читателот на NYT сепак може да направи разлика помеѓу книжевен осврт, ТВ програма, додаток за недвижнини, и така натаму. Интернет корисникот ја нема таа можност. Денес сме во неможност да направиме разлика, барем не на прв поглед, помеѓу веродостојните и неразумните извори. Ни треба нова форма на критичка подготвеност, сè уште неузнаена уметност на избирање и отфрлање на информации; накусо, ни треба нова мудрост.
Ни треба нов вид на образование. Дозволете ми да кажам дека при ова книгите сè уште ќе го водат главниот збор. Како што ви треба печатен прирачник за да можете да се движите низ Интернет, така ќе ни требаат и ново-печатени прирачници за критичко оценување на светската мрежа. Дозволете ми да го заклучам ова предавање со воодушевување за завршениот и конечен свет којшто книгите ни го пружаат. Да претпоставиме дека ја читате Војна и мир од Толстој: очајно посакувате Наташа да не ја прифати придружбата на мизерниот измамник Анатолиј; очајно посакувате една прекрасна личност каква што е онаа на принцот Андреј да не умре, та тој и Наташа да живеат засекогаш среќно. Кога би ја имале Војна и мир на хипертекстуален и интерактивен CD-ROM, би можеле да напишете своја приказна, во согласност со вашите желби, би можеле да измислите безбројни Војни и мирови, каде што Пјер Безухов успева да го убие Наполеон, или пак, според вашите убедувања, Наполеон дефинитивно ќе го порази генерал Кутузов. Е, а со книгата ова не ќе можете да го сторите. Принудени сте да ги прифатите законите на Судбината, и да сфатите дека не можете да ја измените. Хипертекстуалните и интерактивните романи ни дозволуваат да ја вежбаме својата слобода и креативност, и се надевам дека овој тип на креативна активност ќе биде застапен во идните школи. Но напишаната Војна и мир не нè соочува со неограничените можности на Слободата, туку со суровите закони на Нужноста. За да бидеме слободни личности, ќе мораме да ја научиме лекцијата за Животот и Смртта, а книгите се единствените што сè уште можат да ни ја дадат оваа мудрост.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторУмберто Еко
2018-08-21T17:22:02+00:00 август 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 16|