Силјан Штркот уште еднаш ја облетува Македонија

/, Блесок бр. 15/Силјан Штркот уште еднаш ја облетува Македонија

Силјан Штркот уште еднаш ја облетува Македонија

2.
7.

Е, друго ти беше било
Во штркова ера
Иако, право да ви кажам,
И не знаевме кога и како дошла таа
(Тогаш немаше телевизија
Да ни каже дека сме влегле
Во среќната иднина).
Што да ви расправам, на,
Едночудо далдисан народ имаше
И едночудо сништа се сонеа тогаш:
И куцо и сакато, и ќоро и ќелаво,
И штрци и нештрци
– Сите до еден учествуваа
на Олимпијадата во сонување
та до ден-денешен не е разјаснето
дали воопшто имаше јаве
Како што за денешново не е разјаснето
дали воопшто се сонува.

Фројд и Јунг, и другите
Одгатнувачи на сонови
Страдаа од хронична мигрена
Беа, што се вели, ајле шашардисани
И во прилепските крчми
Испија цели бунари кафе без шеќер
И немерени бочви расолница
Ама без фајде: кажи ми да ти кажам
излезе целата работа,
без почеток и крај.
Без глава и опашка.
Џабе си ги собуваа лачените чевли
И му правеа темане
На битолскиот оџа.
И тој ништо не знаеше за сонот и јавето
А знаеше дека не сака многу буричкање
Во рисјански сонови
Чунки од еден сон
две востанија се кревале!

Ја на сон, ја на јаве
Тики, еве вака, како на кадро
Како ѕуницата што се покажува
Мечка кога се жени
Се покажа и Елиманс
„Прочуен со богатство,
Со сребро и злато,
и во него има храм,
Кој бил многу богат“
И во него „златни предмети,
Оклопи и оружје,
Оставени од Александар,
Синот на Филипа, македонскиот цар,
Кој прв се зацари над Египет“.

Одисеј и Парис ја прекинаа партијата шах
И седнаа да го дочитаат писанието Мојсиево
распнаа дузина географски мапи
да не би да биде полесно
Да го најдат патот до златното руно.
ја ќе го најдат, ја нема да го најдат.

АвторРисто Лазаров
2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Поезија, Блесок бр. 15|