Силјан Штркот уште еднаш ја облетува Македонија

/, Блесок бр. 15/Силјан Штркот уште еднаш ја облетува Македонија

Силјан Штркот уште еднаш ја облетува Македонија

2.
7.

Како што е веќе запишано,
„Македонците и при својата
Голема сиромаштија
покажаа голема добродушност“
И преку можностите даваа доброволно
Па за Божигроб не тргнавме со празни раце
Дуовникот и јас со него аџии да се сториме.
Што молење му удрив на Дуовникот
да се чини мукает, да прави себап
да ме поведе и мене на Божигроб
Па после, што ќе ни даде Господ – тоа!
Де ваму, де таму, де трт, де мрт,
И најпосле се најдовме двајцата
на Солунското пристаниште
Да чекаме гемија за на Божигроб.
А не се велело џабе солунски диреци!
Тоа куќи, сараи, многу убаи,
Да те види око, ум да ти штукне!
Тоа згради високи,
Сите повисоки од прилепцкиот Монопол!
Тоа чудесни азбавчиња и ѓулбавчиња,
Насадени со најлични цвеќиња!
галиба ангело ми седи на рамена
А јас гледам ли гледам
До каде втасува Белото море!
што од страв пред качувањето на гемијата
што од мака оти така заврши
Словенската опсада на Солун
И што мнозина нашинци коски оставија тука.
Во кафенето кај Беаз-Куле
Испивме по две-три лути солунски ракии
А маслинските си ги јадевме сосе коски.
Две-три маси од нашата
Како да седеше Григор Прличев –
Многу ми личеше човекот на нашиот Омир
Иако и косата и мустаците му беа побелени.
Си беше нарачал сладолед
На, олкаи топки, како охридски јаболка,
И си решаваше крстозборки
А кога ќе се загледаше во морето
Како да ја мереше тагата на сите Македонци
Како да ги слушаше нивните дамари
како да длабеше до корените дедови и прадедови
Како да го одгатнуваше мирисот на новото време.
Ме сети дека му се радувам
И ми мавна со бело крпче
Кога потем го пулев од гемијата.
Крпчето прличево и ден-денеска
За најлично знаме си го имам
За знаме на сите мечтаења и копнеења.
Пред да се качиме на гемијата
Дуовникот ми покажа
Едно друго кафене, бааги поголемо
Со билијардо, со домина и табли на масите.
Тука навраќаат само нашинци, рече –
Анархисти, социјалисти, автономисти,
Федералисти, и други исти, исти, исти
Но веќе се стемнуваше
И не можев никого да препознаам.
Во рок-темница исплови нашата гемија
Од солунското пристаниште
Кога уште неседнати на местата
Дочувме силна пукотница
Од кафенето каде што се збираат нашинците –
Беше тоа вториот атентат врз Јанета Сандански.

Јас сефте се качив на гемија
И се сварив како бел џигер
Од стравои и од с’клети
што е право, право е –
Првата ноќ ја преседов во нужникот
И низ едно мало тркалесто пенџерче
Ги броев ѕвездите
Тогаш ми се стори видение:
Гола мома танцува осамена на брановите.
Ако шушнеше болва в гаќи,
Та и јас да шушнев првата вечер на гемијата.
Е, олан, минаа денови, ноќи
Кога наеднаш зафрчеа ја источни,
Ја северни демони и силни ветришта.
С’ски го беа фатиле најмалото киклопче,
Чинам Аргеј се викаше –
Му ја расипале дремката по гозбата
Па беснееше, дивееше, искреше,
Фрлаше големи камења, стени во морето.
Гемијат наша се тетеравеше
Како црпка од лејка на брановите,
Демоните фрчеа, господ да ги фрчне
Киклопчето дивееше, диви вепри да го јадат!
В миг ми исчезна видението,
Ја снема момата гола што танцуваше на брановите
Се преврте, потона гемијата
Мори мајко, мила мајчице,
Јас Силјан, твој, гален и аџамија,
Зарем на рибите мезе да им бидам?!
Тоа момата што танцуваше на брановите
да ми ти било шќтица
што ја стиснав цврсто, цврсто,
само што не ја скршив во прегратката,
Јас и Таа – внуци танталови.
Кога се разбудив
Сполај ти господи,
Веќе бев на суво
Со штицата во прегратка.
Да имав радио, А бре Македонче,
сетики ќе чуев дека во друго море
потонала големата гемија „Титаник“
А на Балканот се отворија војни, војни
Рани гнојни
И почна поделбата на Македонија.
Ете така, со штица и без радиовести
Влегов во штркова ера.

АвторРисто Лазаров
2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Поезија, Блесок бр. 15|