Поезија – Влада Урошевиќ

/, Литература, Блесок бр. 153/Поезија – Влада Урошевиќ

Поезија – Влада Урошевиќ

ШТО САКАЛ ПОЕТОТ ДА РЕЧЕ СО ОВАА ПЕСНА
ЕДЕН ДРУГ ГРАД
ЈУЖНА ЅВЕЗДА
МАРК ШАГАЛ
ЖОЛТА КУЌА СРЕДЕ ПОЛЕ
ТАЈНАТА НА СОНУВАЧИТЕ
ПРЕЛАЖНИ ПЕЈЗАЖИ
ЧУДОВИШТА
СЛОБОДА
ОЗБОРУВАЊА
ПЕПЕРУГИ
ПОПЛАДНЕВНО КАПЕЊЕ В МОРЕ
ЛЕКСИКОНИ ОД ДЕТСТВОТО
БИБЛИОТЕКА II
АБЛАНАТАНАЛБА


ШТО САКАЛ ПОЕТОТ ДА РЕЧЕ
СО ОВАА ПЕСНА

Што сакал поетот всушност да рече?
Дека песната не е песна
туку шума Дека листот хартија е молња
и дека моливот на масата
станува рудник на јаглен
секоја вечер

Што сакал поетот всушност да рече?
Дека вечерта не е вечер
туку поплава во која тонат куќи
Дека куќите се гнезда
и дека жената станува птица
откако ќе се свлече

Што сакал поетот всушност да рече?
Дека птицата не е птица
туку цвет фрлен в небо
Дека небото е капка вода
и дека реката е животно
што лази место да тече

Што сакал поетот всушност да рече?
Дека животното не е животно
туку облак што плови над море
Дека морето е хоризонт што спие
и дека може да го разбуди
само остров или глечер

Што сакал поетот всушност да рече?
Дека глечерот не е глечер
туку прозорец што кон вселената гледа
Дека вселената е дете
а земјата во неговите раце
распукан костен на зимска жар печен

Што сакал поетот всушност да рече?
Дека костенот е земја
Земјата животно Животното куќа
Куќата рудник Рудникот молив
Моливот збор а зборот мудрец
на кој значењата му излегуваат на пречек

АвторВлада Урошевиќ
2024-05-12T11:54:54+00:00 мај 12th, 2024|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 153|