Поезија – Влада Урошевиќ

/, Литература, Блесок бр. 153/Поезија – Влада Урошевиќ

Поезија – Влада Урошевиќ

ШТО САКАЛ ПОЕТОТ ДА РЕЧЕ СО ОВАА ПЕСНА
ЕДЕН ДРУГ ГРАД
ЈУЖНА ЅВЕЗДА
МАРК ШАГАЛ
ЖОЛТА КУЌА СРЕДЕ ПОЛЕ
ТАЈНАТА НА СОНУВАЧИТЕ
ПРЕЛАЖНИ ПЕЈЗАЖИ
ЧУДОВИШТА
СЛОБОДА
ОЗБОРУВАЊА
ПЕПЕРУГИ
ПОПЛАДНЕВНО КАПЕЊЕ В МОРЕ
ЛЕКСИКОНИ ОД ДЕТСТВОТО
БИБЛИОТЕКА II
АБЛАНАТАНАЛБА


АБЛАНАТАНАЛБА

Во областите на источното Средоземје наоѓани
се понекогаш амајлии од гностичкиот
период со впишан магичен палиндром:
Абланатаналба.

Ве изговарам о абла о натан о алба
букви врежани во сребро во камен во слонова коска
Вжештена сте потковица во рацете на налбат
Вртоглава спирала завртена околу заумна оска
Збор-лекарство што расте
на место
каде што била скината
полноќна отровна габа:
Абланатаналба

Знак што не значи ништо и сѐ може да значи
о натан што се чита и од лево и од десно
Сулфурна квачка што златни јајца квачи
Јајца што црна желка потоа ги закопува в песок
Збор-заштита што вреди
и тогаш
кога секоја друга
одбрана е премногу слаба:
Абланатаналба

Знаење достапно секому а сепак никому знајно
Помниш: sator arepo tenet opera rotas
Тајна што се објаснува само со друга тајност
Звуци што не сакаат со смисла да се скротат
Збор-патоказ што води
низ подземје
каде што нашите раце
само в соништа длабат:
Абланатаналба

Нож без сечило на кој му недостасува рачка
Последен оган што на работ од пустината свети
Дете што за својот страв има единствена гачка
Оној што не поседува ништо а може сѐ да вети
Збор-богатство што блеска
таму
каде што ноќта
ѕвездите ни ги граба:
Абланатаналба

Глас од ноќна земја што дење ја заобиколува свеста
Лице на мртва кралица скриено зад погребната маска
Знаменија на настани што зад хоризонтот се вестат
Порака на Хермес Трисмегист на Тот и на Абраксас
Збор-острило што сече
и таму
каде што сите други
се трошат и се абат:
Абланатаналба

Ве изговарам о абла о натан о алба
Нема ништо во вас и одеднаш сѐ има
Сиот свет содржан во една љубовна галба
Плод што мириса на лето макар што го збрчкала зима
Збор-вртиум кој еве
на неискажливото
сака да му искаже фалба:
Абланатаналба
Абланатаналба

 

Превод од македонски на англиски јазик:
Зоран Анчевски

Лектура: Дејвид Боуен

АвторВлада Урошевиќ
2024-05-12T11:54:54+00:00 мај 12th, 2024|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 153|