ШТО СÈ МОЖЕ ДА СЕ СПАКУВА ВО ЕДЕН КУФЕР?

/, Литература, Блесок бр. 141/ШТО СÈ МОЖЕ ДА СЕ СПАКУВА ВО ЕДЕН КУФЕР?

ШТО СÈ МОЖЕ ДА СЕ СПАКУВА ВО ЕДЕН КУФЕР?

Најинтимната страна на егзилот е врзана за куферот.
Дубравка Угрешиќ

 

Некаде кон крајот на јуни оваа година, се одржа промоција на најновата стихозбирка (седма по ред) на Лидија Димковска под наслов Гранична состојба. Песните интерпретирани на промоцијата од самата авторка звучеа моќно, потресно, провокативно, ангажирано… Впрочем, како и средбата со секое ново остварување на Димковска – поетско или прозно, сеедно. Во миговите кога го започнував овој текст, стигна веста за доделената престижна награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата токму на оваа книга стихови. За несомнените високи естетски квалитети на најновата поетска книга на Димковска, покрај жирито на доделената награда, веќе се изјаснија со свои рецензии и: Гоце Смилевски, Искра Гешовска, Александра Јуруковска, Атанас Вангелов, Сашо Огненовски… Сите тие се согласни во оценката дека се работи за песни на храброст и непомирливост, на искреност и на бескомпромисност, за песни кои тематизираат некои актуелни, горливи проблеми на денешницата кои предупредуваат за дехуманизирање на светот и човекот.

Една од поетските константи на Лидија Димковска која наоѓа свое достојно место и во нејзината најнова стихозбирка, бидејќи е, исто така, егземпларна „гранична состојба“, е темата на егзилот, меѓу другото, носечки мотив во песната „Куфери“. Песната е наративна (впрочем, како и повеќето песни во збирката), строфична и со извонредно хармонична структура. Композициски, песната е сочинета од пет октави: во првата се говори за „ковчежето под креветот на мајка ми / што го донела од село в град“, во втората, за „куферчето под креветот на вујко ми“ со „белешки од предавањата по историја“, во третата, за „куферот под креветот во студентскиот дом“, во кој „ја чував машината за пишување ‘Љубинка’“, во четвртата, за „куферите во Аушвиц со стакло одвоени / од дофатот на посетителите“, додека, пак, петтата октава е своевидно резиме, (авто)поетички коментар и финална согледба за филозофијата на животот.

Обединувачка/стожерна нишка на песната е куферот, односно куферите. Одбирајќи ја множинската форма, авторката алудира на разнородната содржина, како и на повеќенаменската функција на куферот. Првата и најубава асоцијација за куферот е патувањето (во смисла на бодлеровскиот „повик за патување“) и авантурите што ги носи средбата со Непознатото на кое било патување (во стилот на номадизмот на Хомеровиот Одисеј). Но, трансферот, дислокацијата, мобилноста, динамичноста… како експлицитни карактеристики на патувањето можат да бидат и трауматични кога се поврзани со егзилот, доброволен или наметнат, изнуден. „Единствениот начин којшто му останува на егзилантот за да ги надмине траумите на егзилот е воопшто да не ги надминува, туку да ги живее како трајна состојба, чекалницата да ја претвори во весела животна идеологија, шизофренијата на егзилот да ја живее како норма на нормалноста и да почитува само еден бог: Куферот“ – пишува Дубравка Угрешиќ во својот мошне луциден есеј „Куфер“ (Угрешиќ 2014: 17).

Несомнениот духовит, ироничен призвук на оваа изјава има горчлив вкус, впрочем, како и песната на нашата Лидија. Куферот е бог само за мајката на лирскиот субјект: единствено во почетните стихови и не станува збор за куфер, туку за ковчеже кое алудира на складирање, чување, меморирање…, како „простор на интимност“ (Башлар); во крајна инстанца, како скришен простор што не се отвора секому или простор каде што човекот ги сокрива и ги чува своите тајни. Но исходот е повторно негативен, зашто свадбениот подарок, „чиниите во облик на риби“ кои со години чмаеле во ковчежето се наполно уништени од стоење и неупотребливост:

 

Им избледеа жабрите, им посиве морето,

кога го отворивме ковчежето

се беа веќе испоизеле меѓу себе.

АвторЛидија Капушевска-Дракулевска
2022-01-04T19:55:30+00:00 јануари 3rd, 2022|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 141|