Топло тивко место

/, Литература, Блесок бр. 65/Топло тивко место

Топло тивко место

Кај Жабарот нарачав чај додека околу мене фрчеа ќебапи и пива. Не ми посака душа. Роберт си нарача Бадел бренди (еј, од кога тоа не сум го видел!) и божем ќе се договаравме за промоцијата на книгата на Саш. А се договоривме кога книгата ја ставив на маса. Толку. Ама, добро ни дојде, си направивме домаќински муабети. Неговите деца се помали, тој допрва треба да го решава станбеното прашање. Од сето тоа, ми се вратија многу филмови. Исаковски, си викам после, па ти си океј, што се измачуваш со грижи? Ама, ај, примирјето е слатко додека трае.

Веќе десетина дена, секој ден освен недела, одам на терапија за грбот. Пукна по средина кога носејќи кеси се свртев кон Калина. Ниту кесите беа тешки, ниту нагло се свртев. Ама, ко Орфеј, ја ебав работата. Среќа што овојпат бељата ме снајде мене, а не мојата Евридика. И ете ме мене, на терапија, масажи, курци-палци. Се оправам, полека… Тоа што бааги дремам пред машина не помага којзнае колку, ама види го првиот пасус па ќе видиш и дека не сум имал некој избор.
Во Македонија ечат рекламни кампањи за избори. Локални и претседателски. Фрик шоу со бонус програма. Не гледам ТВ. Не читам весници, освен стрипови и култура. Ама, џабе се бранам кога цел град е преплавен со факин фул сајз билборди, големи ко куќа. Кај и да се свртиш, те демнат. Ко во анимираните филмчиња Ноди: Ноди добива наградно патување, и сите му се умилкуваат, во г’з му се пикаат. И сите викаат „Избери ме мене, мене! Мене избери ме!“. Така и околу мене: фаци милион а лик некако не гледам. Штета. Сè ми се чини дека направиле лоши избори за избориве. Еден од ликовите ми дојде и на врата. Ми донесе брошура со својата програма. На гости ми беше Кате, се немавме видено сто недели. А имаме маса работи за завршување. Некои и дента ги завршивме. Другите можат и да почекаат, ќе им дојде време. Откако ја испратив, дојде Фари да го смени бојлерот во кујната долу. Па дојде Виктор за да правиме понуда за некој e-commerce сајт. Па дојде Бобан, оној печатарот на книгата на Саш. И кога сите ги решив, седнав да ја погледнам брошурата. Ме изненади гестот. Тие од СДСМ секогаш се дигнати. А еве ги сега како тропаат по врати. И, ја гледам јас брошурата, пушам и чадам ко локомотива… И вика внатре: младина, иднина, дрндрндрн. Па си викам, ало бе еј, па што кој мој ти се кандидираш кога младина = иднина. Кандидирајте некој млад. Ама вистински млад. А и другиве не се нешто поарни. Тие не тропаат по врати. Оставаат во сандачиња. Типов што сака да ми биде градоначалник, пратил екипа да наполни сандачиња. Мислиш брошури ставале? Неее, тоа е толку, ова, passé… Во сандачето ме чекаше аудио ЦД и мрсно скапа честитка за осми факин март. „Мене, а бе мене избери ме…!“ Децата му видоа аир на цедето. Сара го пушти и со Лина танцуваа некои полуиндијански-полуабориџински танци. Којзнае во што ги погодија тоа љубовните поп тралалајки. А фанови се на U2, веќе неколку месеци рокаат гитари по дневна. Ако не се Ирците, тогаш се Stones. Како и да е, подобро од кое било цеде со детски песни. Особено кога ќе помислам колку детски фестивали имаме во Македонија, и колку болно-амбициозни родители кои сакаат од своите неталентирани деца да направат ѕвезди… Ма, што болно-амбициозни? Тие се едноставно болни. Точка.
Кога сум кај децата, ми паѓа на памет Ивце-Пивце, мојот стар радиски колега кој сега има дневна емисија на Телма ТВ. Се вози Ивце со некое дете и му поставува прашања. Се возат на задно седиште од некое мало ауто и си прават муабет. После го носи малото да си избере подарок. Па во Мекдоналдс. Или обратно, сеедно. Ај, си викам, симпатично е што шпара за студио и светло, а и со малово ауто не трошат многу бензин. Ама, пази заеб! Кумата на моите девојки, Башо, решила внукот да го однесе кај Ивце-Пивце во емисија. И, оп – тарифа! Илјадарка за учество… Тибам, кај отиде светов? Па за кој мој ги имаш сите тие силни спонзори, за децата ли да ти плаќаат? Следно е дека Дедо Мраз ќе почне да штрајкува и да бара бенефициран работен стаж. Јас барам на тие деца да им се плати, а не да им се наплати. Зашто, ебеш емисија за деца во која деца нема. Така, ѝ објаснив на Сара зошто нема да оди кај Ивце-Пивце за својот роденден. Јас ќе се мотам со неа низ град и ќе јадеме негде. Она повеќе сака пилешко на жар отколку хамбургер – „Тато, а бе ова некако гумено ми е“, ми рече кога првпат ја однесов во Мекдоналдс. После посака уште еднаш, беше уште погумено, и сега од далеку го заобиколува. Сака конкретно месо, и да е добро спремено.
Пред три дена имаше настап, Сара играорката. Се нацртавме сите, цела свита во Дом на АРМ. Помина и тоа. Сара беше задоволна. Сите ѝ честитавме. Кога завршија честитките, кога ја соблече носијата, ме погледна со очите кои се исти како моите (или барем јас така ги гледам) и ми рече „Тато, сега не сакам да јадам дома, сакам надвор да јадеме“. И, седнавме во Пивница. Калина ѝ нарача пилешко, јас мрцнав една пица со кулен, стуткавме неколку пива и ете, прославивме и осми март. Пивница беше единственото место кое не беше накрцано. Напротив, имаше еден куп слободни маси, сè беше в ред. Освен што се заседовме па после трчавме дома за да стигнеме во шест. Имав договорено луѓе да го гледаат долниот стан. Бидна и тоа, го издадовме на 17 дена. Лудо, ама не сум ни јас поарен. После нè сретнува Драган на улица, со Калина му кажуваме за 17-те дена, и вели: „Па издавај го на ноќ, ебате, хахаха!“ Јас се уфурав у тој филм, и му викам „Ќе си направам и рецепција!“, а он додава „Со пешкири и постелнина, здиплени, на купчиња“. Додека одиме натаму со Калина, ја прашувам „Од кај му текна на купчињата, ебате беља…?“
Станот треба да се среди. Денеска купив аспиратор за ВЦ, филтер за кујнски аспиратор, квака за влезна врата, дрн ова, дрн она. Два саати поминав со алати во раце. Сè повеќе ја користам левата. Откако пред година или две (еј, како понекогаш се губам во годиниве, чудо едно!) го скршив зглобот на десната рака, сè повеќе работам и со лева. Така сум послободен, знам дека не зависам од само една дланка. И ми беше добро да го правам тоа. Додека Калина го средуваше шанкот, бев готов да ѝ речам „Жено, ако згусти, го знам и овој занает“, ама ништо не реков. Прво, зашто знам уште неколку занаети. Второ, зашто веќе одамна е згустено, ама ние некако се снаоѓаме. Не знам како, може помага тоа што работиме ко скотови…

Додека јас така си чепкам по најсвежите сеќавања, ете писмо од Елфи, девојката на Тристан. Вели дека тргнал во болница на тестирање и дека едноставно паднал. После откриле дека му експлодирала аортата. Голем беше Тристан, и како физичка појава. Така се заминува, пријателе, мој брате Викингу, во експлозија. Ќе те преведам, како што и планирав. Само биографската белешка ќе ти ја дополнам. Ќе ти ја додадам 2009 како цифра. Нема лутиш, тоа е тоа. Поздрави ја екипата таму горе. Чувајте ми топло тивко место. Да клацкаме нозе од облаци.

11.03.2009 00:47

2018-08-21T17:21:08+00:00 април 29th, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 65|