Топло тивко место

/, Литература, Блесок бр. 65/Топло тивко место

Топло тивко место

10 март 2009, 22:50

Долго одложував да го почнам дневников за Апокалипса. Не сакав да мешам проза и веб кодови, проза и тендерски спецификации, проза и апликации… А сите овие вториве ме притискаа да ги направам. Дури и му спомнав на Примож дека доцнам, дека го пробивам рокот, дека уште не сум почнал со пишување. Не сакаше да крене раце од мене. Па еве, почнав. Ми дојдоа слики за топло тивко место. Иако напишав неколку песни последниве денови (а некои можеби ќе закачам и овде) нешто ме повлече кон проза. Малку проза, ништо претенциозно, ништо значајно. Малку автотерапевтска проза. Да избистрам мисли и да си дадам здив.
На 5 март ми пишал Ханс. Пораката ја видов дури вечерва. Заскитала низ ебаните џанк фолдери. Ханс пишува дека Тристан Виндторн ненадејно умрел. И дека е тажен. Ханс. Толку. Зјапам во мониторов и сè си мислам дека не треба да мислам. Дека треба да треснам едно остро дилит и да му се јавам на Тристан. Да го прашам што прави, дали ќе се гледаме во Норвешка или во Македонија. Или на некое трето место? На некое топло тивко место… А знам дека Ханс е во право. Тристан го нема и ние сме тажни. Толку. Што повеќе, кога човек ќе размисли?
Ми се одвртуваат наназад деновиве. Што имам јас да запишам? Што ми се случи? Што, навистина, некого би го интересирало? Гола вода. Ветер и магла, што би рекол Џовани во идната книга поезија. Ми го прати финалниот ракопис вчера вечер. Го исчитав, малку зборевме и на телефон. Побарав уште песни. Ми прати и од тие кои ги исфрлил. Првата ме доби веднаш. Ќе треба да ја преработиме книгата, да ја пресклопиме. Ќе биде уште една добра книга. Добар ми е Џовани. Сакам да објавувам добри книги. Макар и да не се продаваат како ѓубрињата кои ми ги пикаат под нос. Нека. Оние спецификации, апликации и другите дрндупки ќе покријат уште некоја книга. Само едно ме плаши: ќе знам ли да им се израдувам, онака, од џигер и со голтка во уста? Во февруари објавив две: третата книга хаику на Јосип, втората книга поезија на Саш. Толку други тракатанци имав за средување што не стигнав ни да ги погледнам како што треба. Книгата на Саш има ѕуцки на корицата. Се карав со печатарот неколку денови, после едноставно му кажав што му следи ако не се оправи. Требаше тоа да му го кажам уште првиот момент, тибам финиот… А Саш е фина. Седиме во Круг другиот ден попладнето, пиеме полека, и она вели: „Ма океј е, Игор, ќе поминеме и вака“. Многу е фина. Јас на нејзино место ќе барав нов издавач. Сериозно. Иако и некои од моите книги излегоа со грешки на кориците, со грешки во печатот. Срце ме боли кога ќе помислам. А дека ќе има некое второ издание на некоја од нив – нешто не верувам. Но, којзнае, сè бива, па и тоа… И Љупчо, кој направи две долги фотосесии за насловната на „Аквариумот на Барби“ од Саш, и тој е фин. Додуша, со него пиевме доцна навечер, светлото и не беше некое, ама и тој рече било океј. Ете ти. Само мене не ми е океј. Јебга.
После ме однесоа на некое друго место. Ме изнесоа од Круг, а освен таму и во Џетро, ретко каде седнувам. А и ретко воопшто седнувам некаде. Пијам дома, пијам понекогаш и пијам по малку. Тивок сум. Топло ми е овде, дома. Сеедно што работам ко стока, понекогаш нешто од тоа и успева. На другото место беше тутка, музиката беше труба. Џејмито беше океј. Ги испив сите пари што ги имав и кога ги запалија светлата за фајронт тргнав дома. Баш ко пред 10-15-20 години. Само што сега дома значи баш дома. И што знам дека не сум сам. И секогаш кога ќе се вратам од надвор ги ѕиркам девојките, им ги местам покривачите, гаснам телевизори, кревам книги. Така спијат моите три девојки, со еден куп реквизити, спремни за секоја трошка сон. И кога ќе ги видам така заспани, некако се смирувам. Некако е полесно.

Со Калина го средуваме долниот стан неколку дена. Во него поминавме убави години. Многу го сакаме тој стан. Таму Сара прооде. Таму ја направив Babylonia. Таму… И овде е добро. И има повеќе простор. Но и таму и овде местата се топли и тивки. Наши. Не знам што би правел без нејзе. Да не ја најдев Калина, сега можеби ќе бев у пет пички мајчини. Алкос, наркос, пропаднат, што знам јас… Треба почесто да се потсетувам на тоа. И да му се радувам на ова што го имам. Тибам будалиот…

Е, кога се вратив дома после светлата на фајронтот, напишав песна. Ретко ми се случува веднаш да знам дали ми е песната добра или не, колку длаби и колку кажува. Ама, ете, ми се посреќува во последниве 2-3 години, сè почесто уште на прва знам дали ќе ја биде. Оваа ја бидна. Сама се напиша. Којзнае каде во мене спиела и колку ме чекала. Следниот ден станав рано, некако како замелушен, како после цела ноќ секс. Наакан од светлина, топлини… Од една песна. Ни џејмито од минатата ноќ не го памтев. Само песната. „Добро“. Така се вика.
Во последно време станувам рано. После ми е чудно кога во еден попладне мислам дека е пет. Спијам по 3-4 саати, ретко сонувам, се будам наспан. Веќе десетина дена. Единствено паметно што почнав да правам пред спиење е што престанав да се прашувам што сум сработил во денот. Самото нека си се сработи, да го таквам… Ми треба да се олабавам, тоа и од хеликоптер се гледа.
Некаде читав дека воркохолизмот е сличен на алкохолизмот. Жими газов. Ниеднаш не сум полетал од работа. Од алкохолот, да. Не којзнае колку често, ама да. Со оглед на тоа колку имам испиено до сега, јас сум всушност добар и искусен летач.
Подобро ќе биде да си наточам една отколку да дрндам за пиењето.

Си точам, преку мраз, земам шише студена вода. Годи. Лизга. А кашлам ко магаре, веќе три седмици. Ништо не помага. Ни цигари, ни студена вода, ни антибиотици… Денеска лекарката ме фукна на инхалација. Тоа малку помогна. Ама после бев целиот замелушен. Којзнае што имаше смешано во тоа растворот, ама бев ко збичен. И возев точак, полека, како да лебдев. А ветер бричи, север-северозапад. Се пика под кожа. Јас бавен. Долго време не погледнав на саат. Стигнав кај Брицо, седнав на шиш, го слушав што зборува, и пак не гледав на саат. А обично гледам, зашто Брицо е талент. На секои минута-две нешто ќе сецне, тук-таму, а во меѓувреме гестикулира додека раскажува. Така, моите поткаструвања знаат да потраат, ако не го контролирам. Денеска го оставив. Се изнамуабети. После ми беше мило што го почестив малку време. Зашто, всушност, се почестив себе. Внатре беше топло, пријатно. Во паузите меѓу неговите зборови, слушав како ветрот надвор завива. Се гледав во огледалото. Бевме во примирје, јас и Исаковски. Се трпевме.

2018-08-21T17:21:08+00:00 април 29th, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 65|