имам прекрасна ќерка
денеска во својот кабриолет
ја водам во град на саем
над нас небо за излет
крај патот
луѓе со цврсти вилици
џвакаат гуми
и креваат шапки во поздрав
имам прекрасно девојче
ја замесив од светло месо
од сопственото здравје
ноќе кога спиеме на перницата
нејзината златна коса
во црната моја се плетка
а дење среќни се спуштаме до плажата
денеска во својот кабриолет
ја водам на саем првпат
ќе ѝ купам сè што ќе посака
шарени златни и бескорисни нешта
само да ѝ ја слушнам смеата
заедно ќе пееме на враќање
една песна за птица
ви велам, имам најмила ќерка
ја возам полека да го види
светот кој за неа го склопив
од најсјајни градови
а улицата по која некогаш
се спуштав до морето
за неа ја продолжив до бескрај