Нивните разговори

/, Литература, Блесок бр. 99/Нивните разговори

Нивните разговори

Писма
Врски
Илузии
Лаги
Свестувањa
Другарствa
Љубов:
Разделби
Болки
Вини

Сонце, извини што ти ѕвонев, скроз заборавив дека си на работа, на работа си така? Ме загрижуваш! Јави ми се… Леле не знаеш колку сум мамурен. Не знаеш што се ми се издеси вчера… Т.е. ни јас не знам точно. Знаеш дека морав да ги завршам цртежите за постерот и заглавив дома не можев да излезам и некаде накај 9, ми ѕвони телефонот и гледам Цаци, убеден дека ќе ме убедува да излезам, зашто попладнето дознав дека Соња и Кико се плеснале конечно (фала богу!!!!!) и претпоставував дека пак ја откачиле за излегување. И кревам слушалка и ми вика: „Стрипче, можеш ли те молам да излезеш на кратко?“, викам „еј Цаци извини, многу сум у гужви, ви кажав!“ и ми вика „ОК, извини, ајде чао“ и ми спушта. И стојам јас така со телефонот во рака и си викам мора некој да умрел, зашто ја знаеш Славица наша, ако ѝ речеш „не“ за излегување, следуваат беседи за твојата старост и бајатост од минимум десет минути. И си викам, ај ќе ѝ се јавам, барем на едно цигарче ќе ја видам и ѝ се јавувам, ѝ викам да дојде накај мене, излагам, седнуваме на клупа доле и ќути. Викам Цаци, добро си? Вика да, да, извини, не можам. Викам се десило нешто? Треба да тепаме некој? Одма го викам Иван, со торбичка ќе го мава, демек да ја насмеам, ништо! Си викам дефинитивно е сериозно. И ѝ викам: ти треба гушкање? Ќути. И ѝ се приближив, ја гушнав и седевме така едно пет-шест минути, она ќути, ја ќутам. Свашта помислив, милион сценарија: некој од нејзините умрел, ја избркале од работа, ја опљачкале, ја силувале… си правам планови во глава кого да викам ако треба да се убива некој, кај да ја сместиме ако ѝ се запалил станот, што да ѝ речам ако ѝ умрел некој и одеднаш се врти и ме пољубува. Стојам збунет така, јас како статуа, она како тинејџерка, ми ги мокри усните со нејзините усни, лицето со нејзините солзи. Ја тргам отсечно и илјадници ствари ми се мотаат низ глава, и ми се измолкнува од раце и пак ме пољубува. И јас со сите мисли во главава, за неа, за Маја, за твојот муабет за неа и Горјан… После не знам колку време се тргам и ѝ викам: „Цаци, што ти е… Маја…“ и почнува да липа, вика: „Кико и Соња конечно се заедно“ и истрчува, а јас стојам како скаменет, стојам така десет минути, статуа и не знам што се случува и ме освестува телефонот, едвај го ставам на уво, Маја. Вика мора да збориме. Јас ќутам, вика идам накај тебе, јас спуштам слушалка. Доаѓа после некое време јас уште стојам. Ми вика што ти е. Јас ќутам. Вика „Знаеш, така?“ Почнува да плаче. Па да се кикоти. „Не сакав да дознаеш од други. Уствари не сакав никако да дознаеш. Извини… Не сакав да те повредам. Знаеш дека отсекогаш нешто фалеше. Ни ти ни јас не сме среќни. Со него беше поинаку. Мислам дека сум заљубена во него. Нема да направам ништо веќе, извини. Се надевам дека не ме мразиш.“ Следно што се сеќавам е како пијам со некој тип, појма немам кој. Па уште две-три слики. Мислам дека и тебе те видов. Те видов? Мислам дека и ѝ ѕвонев на Цаци… Да, сум ѝ ѕвонел еве гледам на телефонот… Кој знае што сум рекол… Можеби не кренала… Сабајле се будам, не знам кај сум. Гледам девојка една прави кафе. Си викам Стриперу, кретену, што си направил. Вика јас сум Билјана. Не се сеќаваш на вчера, така? Станот бил на дечко ѝ, некој си Дарко, вика многу сум бил пијан, сум зборел неповрзано за некоја Маја и некоја Цаци. Сум се степал со некој, сум ѝ се пуштал на некоја девојка, сум скршил чаша од шанк и сум се заканил дека ако не ми дадат шише вотка ќе го запалам барот… сум плачел и сум се дерел – умрел, умрел… дечко ѝ и она ме смириле и ме донеле кај него.
Те молам јави ми се кога ќе можеш. Појма немам што се случува… Ако добро сфаќам – Маја ми раскина зашто била заљубена во Горјан, Цаци ми е лута, не знам точно зошто, Кико и Соња се сплеткале конечно, ама не ми е јасно што има тоа врска со мене… кој умрел? Што се случува???
О, боже… Јави ми се!!!

АвторФросина Стојковска
2018-08-21T17:20:42+00:00 ноември 9th, 2014|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 99|