Критиката како дијалог

Критиката како дијалог

(кон „Книжевноста низ критичка визура“ од Ана Мартиноска, издание на Институтот за македонска литература, Скопје, 2021)

Веќе подолго време актуелни се прашањата за улогата, влијанието и значењето на книжевната критиката. Навраќајќи им се на текстовите на Ана Мартиноска, сега собрани во форма на книга под наслов „Книжевноста низ критичка визура“, неколку години откако ги имам прочитано по интернет порталите, во списанијата зборниците во кои првично беа објавувани, сфаќам колку е потребна критиката денес.  И затоа што јас, поттикнат токму од ерудитивните анализи на Мартиноска, ги имам исчитано повеќето од делата на кои се има осврнато, и затоа што знам уште многу луѓе на кои на ист начин таа има влијаено. Едноставно, некои дела кои биле интерес на нејзината интерпретација, без нејзините препораки и толкувања, би имале далеку помалубројна читателска публика. Овие текстови на Мартиноска се значајни не само за нас, читателите упатени на исчитување на нови дела, туку и за самите автор(к)и на делата. Секако, затоа што тие критики ним им обезбедиле нови читатели, но пред сè затоа што токму преку критиката автор(к)ите се соочуваат со самите себе, со она што го работат,  со книжевноста како вокација, или, кажано со зборовите на Серж Дубровски: „критичарот го претставува писателот кој му е потребен на писателот, затоа што пишувањето повикува пишување, како што секој чин на свеста бара неговиот субјект да стане свесен за него и некој друг човек да го ҅преземе҆ признавајќи го. Сама по себе, книжевноста претставува неодоллива потреба, која критиката доаѓа да ја задоволи, по тој дијалог во кој секој станува оној кој е соочувајќи се со другиот.“ На тој начин, низ соочувањето со критиката, и самите автор(к)и стануваат оние кои се, оние кои ќе бидат – критиката на Мартиноска го одржува (и поддржува) нивното творечко Јас, и во сегашно и во идно време, и во делата кои ги создале, и оние кои допрва ќе ги создадат.

Авторката во предговорот „Интимна листа на омилена литература“ го открива начинот на кој настанала книгата: и покрај нејзиниот ангажман на обемни научни проекти во Институтот за македонска литература, нејзиното читателско и критичарско љубопитство ја водело кон откривање и толкување на дела кои не биле поврзани со конкретните научни истражувања. На тој начин настанала низ годините, дел по дел, текст по текст, и оваа книга, како остварување на, како што вели авторката, нејзината  „желба на едно место да направам своја интимна листа на омилена лектира, но едновремено тоа да биде и репрезентативен избор на трудови посветени на некои  од најактуелните имиња од македонската и од европската книжевна сцена.“

„Книжевноста низ критичка визура“ е поделена на два дела, „Македонска прозна читанка“ и „Европски книжевни светови“,  чии наслови доволно говорат за начинот на кој сосем природно дошло до ваквото групирање на текстовите. Првиот дел од книгата започнува со критички осврт на најновата книга на Елизабета Баковска, авторка која својот исклучителен и разнороден талент го има докажано и во поезијата, и во уметноста на романот, и во расказот, и во книжевната теорија, и во преведот. Овојпат станува збор за збирка кратки раскази, „Во главата слушам песна (лирски рефрени)“, книга, како што вели Мартиноска, за деликатни емотивни состојби и за суштински теми, потенцирајќи ги „литерарната и естетската, но и емпатичната и општочовечка димензија“ на прозата на Баковска. Следната критика, за романот „Шрапнел“ од Игор Анѓелков, го акцентира непретенциозниот прозен пристап на авторот, како и неговиот непосреден стил, но и неговата способност во својот роман да се фати во костец со нашата стварност, да го изнесе на виделина она што ни се случува овде и сега, низ една специфична средба на реализмот и метафикцијата. Книгата продолжува со критики за романот „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски, кој Мартиноска го определува како „веројатно прв македонски квир роман“, но пред сè и најважно од сè, роман „за борбата да бидеш свој“; за книгата интервјуа „Ехо на слободата“ од Ана Јовковска, која Мартиноска ја карактеризира како „редок спој на урбаното, уметничкото и умственото“; за книгата современи бајки „Човечулец“ на Александар Прокопиев, и реобликуваните ликови на  Палчо, Ловецот и лошата кралица, змијулчето, орелскиот цар, трите лебедици, ставени во нови контексти. Потоа Мартиноска нè води низ суровоста на современиот свет во расказите „Чист хероин“ на Дејан Крстевски; го толкува судирот со општеството низ стремежот за остварување на сопствените врвни научни потенцијали на Марија Склодовска Кири од драмскиот текст „Блескавата љубов на Марија С. К.“ од Мимоза Ристова; ни ја приближува итарпејовската шегобијност и проникливиот хумор од збирката раскази „Пирамида. Лавиринт“ на Христо Петрески; ја потврдува автентичната раскажувачка умешност остварена во романот „Единаесет жени“ од Снежана Младеновска Анѓелков (определувајќи го како  „прекрасно женско-женско писмо, без наводници и како такво заслужува почесно место во родово сензитивната историја на македонскиот роман“); ги анализира начините на кои Весна Дамчевска во „Од собата до Холивуд (Сликата на жената уметник во биографскиот филм)“ ги деконструира доминантните слики (односот со мажот, нивната сексуалност, мајчинството, телото како репрезент на женскост и неговата деструкција, женскиот номадизам и потиснувањето на креативните потенцијали) во неколку филмови; се фокусира на табу темите („менталните болести, семејното насилство и женската сексуалност, сите во рамки на изразено конзервативната балканска средина“) во романот „Одбројување“ на Фросина Пармаковска; ги толкува текстовите од „Поетски (ре)визии (Студии, огледи и осврти за поезијата)“ на Владимир Мартиновски како „ревизија на естетското и етичкото, митското и мистичното, светото и духовното, на Истокот и Западот, на музиката, сликарството и другите уметности, на интеркултурните проникнувања.“

АвторГоце Смилевски
2022-04-04T05:25:50+00:00 март 30th, 2022|Categories: Критика, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 142|