Критиката како дијалог

Критиката како дијалог

Ана Мартиноска честопати не се сосредоточува единствено на книгата која е предмет на нејзиниот осврт, туку прави панорамска анализа и на претходните дела на автор(к)ите со цел што подобро да ги согледа и нивниот творечки развој, и за да го смести актуелното дело во контекст на нивниот опус. Измолкнувајќи им се на клишеата во кои лесно може да падне рецензентскиот пристап, Мартиноска знае во своите текстови да даде и скица за (не само творечки, туку и човечки) портрет на автор(к)ите за кои пишува. Или пак да раскаже некоја анегдота, или да погледне наназад во времето, како што на пример во критиката за „Човечулец“ се навраќа на своите почетоци во Институтот за македонска литература, кога, по вработувањето, нејзиниот прв текст е токму за Александар Прокопиев, за една друга, тогаш тукушто испечатена, негова книга.

Несомнено е дека делата кои го привлекуваат љубопитството на авторката се оние кои се одликуваат со впечатливо ангажирано писмо кое кореспондира со времето во кое живееме, односно, како што кажува во предговорот на својата книга, тоа се книги на автор(к)и кои „отвораат нови страници во македонската литература и литературна наука, кои храбро пишуваат за нови теми“. Оттаму е и уште поголемо значењето на оваа книга, таа е поддршка на новото, на она што допрва треба да биде етаблирано, она што ги поврзува сегашноста и иднината во македонската книжевност.

„Книжевноста низ критичка визура“ не е составена само од книжевни критики; во неа има текстови и научни трудови во кои Ана Мартиноска низ критичка визура гледа на книжевни појави, феномени, па и на општествени процеси и случувања, а сите тие заедно го потврдуваат нејзиниот интерес и посветеност на книжевните, културолошките и родовите студии. Во тие текстови спаѓа „Приказната за Румена Бужаровска изгубена на релација Македонија – Хрватска – Македонија“, кој започнува со првичната инспирација: настапот на македонската (и интернационално реномирана и потврдена прозаистка) Румена Бужаровска на сплитскиот фестивал за раскажување приказни „Причигин“ во 2015 година, кој, заради сплет на околности и недоразбирања во кои се вклучени портали и социјални мрежи (а што наликува на онаа игра што ја игравме како деца и се викаше „расипан телефон“) предизвика бројни контроверзни медиумски написи. Мартиноска во текстот го истражува влијанието кое врз нас го имаат медиумите и социјалните мрежи, и лажните вести (или погрешно пренесените информации), како средство за дефокусирање на масата во кризни и критични периоди. Текстот продолжува со презентација на активизмот на Бужаровска, нејзината свесност за потребата од ангажирана литература, па оттаму се осврнува и на некои клучни прашања од родовата проблематика отворени во нејзините раскази кои ѝ донесоа успех кој ги надмина не само националните граници туку се прошири и надвор од регионалните балкански рамки достигнувајќи интернационални размери.

Во „Авторитетот на авторките – за родовиот (дис)баланс на книжевните награди во Македонија“ Мартиноска поаѓа од истражувањата презентирани во делата на Јасна Котеска („Македонско женско писмо“) и Елизабета Баковска („Сопствена соба, сопствено гето: Женското писмо во современата македонска проза“) за тоа кои се причините за недоволното присуство на женското литературно писмо во македонскиот книжевен канон, а потоа се фокусира на застапеноста на авторките меѓу добитничките на книжевните награди како една од манифестациите на литературниот канон, панорамски осврнувајќи се на некои од светските, а давајќи детален приказ на домашните: наградата на „Нова Македонија“ за најдобар расказ, наградата „Роман на годината“ на Утрински весник, годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија, како и наградите „Браќа Миладиновци„ и „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата и Рациновото признание.

„8 Март во македонската култура“ е текст кој го истражува феноменот на прославата на Денот на жената кај нас, низ историска перспектива, од некогашните форми на празнување кои пропагирале еднаквост и родова еманципација, до деградирачки прослави кои преовладуваат подледниве децении. Во историскиот преглед авторката се фокусира на улогата на жените во Македонија како активни учеснички на НОБ во текот на Втората светска војна (чиј резултат е тоа што по Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944, еднаквоста и рамноправноста на двата пола во однос на законите станала реалност), како и во обновата и изградбата на татковината. Текстот упатува на релевантните истражувања кои пресвртот во однос на карактерот на Денот на жената го лоцира во 60-тите години на 20 век, кога 8 Март ја губи својата политичка димензија и се претвора во прослава со официјален (унифициран) и спонтан карактер. Како еден вид на илустрација, одлично преточена во фикција, на овој втор вид прослава, Мартиноска го посочува и анализира расказот „Осми март“ на Румена Бужаровска, од нејзината книга „Мојот маж“. На крајот од анализата на значењето на 8 Март, Мартиноска заклучува дека ние сè уште сме далеку од родова еднаквост, и се надева дека, во контекст на промените кои допрва треба да се остварат, празнувањето на Меѓународниот ден на жената „ќе биде не само датум за сеќавање на достигнувањата во борбата за родова еднаковост, туку и можност за критичко посочување на тековните проблеми и предупредување за нужноста од феминистичка мобилизација во борбата за подобрување на културните, економските и општествените состојби во Република Македонија.“

Научниот труд „Архивирање на женската меморија во Македонија“ е поттикнат од интересот на авторката за спецификите на женската култура и усното творештво, и, како што вели самата, „овој текст е насочен кон феномените на посебен, неретко и подреден однос на усниот збор пред пишаниот, како и на женската (недоволно гласна, неслушната, често дури и премолчувана) наспроти машката (канонизирана, официјална, социјално прифатлива) страна на приказната, сеедно дали фикција или меморија, оттаму и веројатната двојна маргинализација на женската усна историја и творештво.“ Со својот пристап Мартиноска ги промовира автентичните женски гласови, и нивниот доминантен влог во усната историја, во која преку призмата на личното сеќавање и интерпретација, искуствата стекнуваат документирање кое инаку е честопати избришано, заборавено или игнорирано во поширокото сочувување на класичната историја.

„҆За да не си бидеме доволни самите на себе҅ (Игор Исаковски и европските простори на битисувањето)“ претставува омаж на еден од најдаровитите македонски автори на генерацијата од 1970те, човек кој со својот импозантен преведувачки, уредувачки, прозен и поетски опус има заслужено едно вакво прекрасно пофално слово. Текстот на Мартиноска ја следи неговата богата дејност која инспирираше и која продолжува да инспирира.

Вториот дел од книгата, „Европски книжевни светови“, е составен од сродни текстови со оние од првиот дел: критики, научни текстови, опсервации на извесни книжевни феномени. Меѓу нив спаѓа и „Славенка Дракулиќ во Македонија“, во кој се дава преглед на рецепцијата на делата на Дракулиќ во Македонија, нејзината медиумска присутност овде, меѓу другото и во контекст на кампања за подигање на свеста за донирање органи и побрзо имплементирање на Законот за трансплантација на клетки, ткива и органи во Македонија, но е воедно и анализа на нејзините дела „Телото на нејзиното тело“ и „Фрида или за болката“. Дел од творештвото на две авторки,  кои исто како и Дракулиќ потекнуваат од некогашна Југославија, и кои исто како и таа се наоѓаат вон своето родно место, се предмет на интерес на текстот „Книгата лечи подобро од докторите (Потрагата по идентитет во литературата пишувана од авторки што емигрирале од поранешна Југославија)“. Станува збор за романот „Музеј на безусловното предавање“ и есеите „Забрането читање“ на Дубравка Угрешиќ и мемоарската книга „Чернобилски јагоди“ Весна Голдсворти (родена Бјелогрлиќ). И едната и другата авторка, секоја на свој начин, низ своето пишување е свртена кон своето Јас кое се соочува со дисконтинуитет на постоењето, со еден специфичен вид на поделеност предизвикана од егзистирањето помеѓу физичкото присуство на едно место и сеќававањата и проектирањата на реалноста на друго место.

Последниот текст во книгата, „Семејното насилство како тема во новиот македонски и српски роман“ претставува компаративна анализа на романите „Одбројување“ од Фросина Пармаковска и „Лузни“ на Ѓорѓе Ќирјаниќ, но и нешто многу повеќе од тоа: потенцирање на значењето на ангажираната книжевност, повикување на будење на свеста кај авторите за нивната општествена одговорност, апел за нивно учество, преку творештвото, во позитивните геополитичките промени и во решавањето на социјалните кризи.

На сите кои ќе ја прочитаат оваа книга ќе им биде јасно дека Ана Мартиноска е доследна на свооите апели за општествена освестеност и ангажираност на оние кои се занимаваат со книжевноста: нејзината критика е ангажирана, со длабока етичност и свесност за општествената одговорност која ја има пишаниот збор. На крајот, одново би се навратил на идејата што ја има изнесено Серж Дубровски, за критиката како дијалог, идеја која е секако постара од неговото дело „Зошто нова критика“, бидејќи иста таква согледба има дадено претходно и Ролан Барт во „Критика и вистина“. Токму така ја гледам уметноста на критиката и гледањето на книжевните, па и општествени феномени, низ критичка визура, остварена во оваа книга на Ана Мартиноска: како нејзин дијалог меѓу неа и автор(к)ите и нивните дела, но и дијалог со времето во кое живееме, со општествениот контекст; тоа е дијалог на кој присуствуваме ние, кои ги читаме тие критики, дијалог кој е повик и ние да отвориме наши дијалози со книгите и со автор(к)ите во кои таа нашла свои соговорнички/соговорници.

АвторГоце Смилевски
2022-04-04T05:25:50+00:00 март 30th, 2022|Categories: Критика, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 142|