КОМУ ВЕЌЕ МУ Е ГАЈЛЕ ЗА СЕМЕЈНОТО СТЕБЛО?

/, Литература, Блесок бр. 149/КОМУ ВЕЌЕ МУ Е ГАЈЛЕ ЗА СЕМЕЈНОТО СТЕБЛО?

КОМУ ВЕЌЕ МУ Е ГАЈЛЕ ЗА СЕМЕЈНОТО СТЕБЛО?

„Кога станува збор за семејното стебло – жените навистина таму не постојат, освен како родителки на момчиња. Тоа сакав да ти го покажам, рече мама. Генеалогијата ја следи машката линија на семејството од 17 век до моментот кога на некој неуспешен медитерански или динарски субјект не му се родиле ќерки. Така, за нас, таа книга завршува со тетка Тонка и со мене како репродуктивен неуспех. Значи, тебе те нема твоето семејно стебло“. (131)

Стеблото на бугенвилија кое го засадил таткото на Мариола е уништено од хулигани, што се совпаѓа со доаѓањето на новото време во кое живее најмладата Мара, а на која не ѝ е гајле за семејното стебло. Ни се чини дека овој дел ни дава надеж за постоење на една поинаква слика за семејството од онаа што ја живееле Марија-предците и дека, на крајот, ефективно се завршува ова патување во минатото. Од Марии, кои длабоко завлегуваат во забрани, расплакани жени кренати на пиедестали затоа што родиле деца за рововите и гробни дупки, прабабата која била првиот повоен претседател на општината, а која е погребана во заедничка гробница. без име, нејзините сестри – првите поетеси во нејзиниот град кои не се потпишани под ниту една своја песна, стигнавме до пријателката на Мара која по повод училишната презентација на тема семејното стебло вели: „A family tree? Who still cares about this stuff?”

Притоа, последната изјава не треба да се сфати како израз на непочитување, туку на пркос и здраво отстапување од негативното влијание на доминантниот културен идеал на жената, што подразбира нејзина негација во генеалогијата. И тоа е она што го издвојува овој роман од голем број литературни дела во кои авторките во последните неколку години се осврнуваат на матрилинеарноста и на трансгенерациското женско искуство. „Лета со Марија“ е феминистички осмислен роман во кој низ приказната за жените, девојките, мајките, сестрите во Далмација, односот кон жената низ времето на Балканот и нивните борби за припадност во средини определени од историските и општествените околности, се покажува важен напредок во победата над сè уште присутната патријархална пранга.

Читателите кои ги следат книжевните дела на Оља Савичевиќ Иванчевиќ со овој роман уште еднаш ќе ја потврдат исклучителноста на нејзината поетика, а „Лета со Марија“ несомнено ќе ги заинтригира сите други кои ќе посегнат по него. Како заклучок, романите што го проблематизираат трансгенерациското женско искуство не се појавија вчера, ниту ќе престанат да се пишуваат, само книжевните пристапи кон темата и односот кон јазикот се она што ја разликува добрата од просечната и лошата литература. Иако во овој случај фокусот на внатрешниот свет на хероините е интензивиран, сите нивни приказни треба да се гледаат на универзално и силно феминистичко-свесно ниво. Савичевиќ Иванчевиќ пишува внимателно и без задршка и потврдува дека е една од авторките чие книжевно творештво му припаѓа на врвот на актуелната хрватска и регионална литература.

АвторИвана Голијанин
2023-03-17T05:10:56+00:00 март 12th, 2023|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 149|