КОМУ ВЕЌЕ МУ Е ГАЈЛЕ ЗА СЕМЕЈНОТО СТЕБЛО?

/, Литература, Блесок бр. 149/КОМУ ВЕЌЕ МУ Е ГАЈЛЕ ЗА СЕМЕЈНОТО СТЕБЛО?

КОМУ ВЕЌЕ МУ Е ГАЈЛЕ ЗА СЕМЕЈНОТО СТЕБЛО?

Оља Савичевиќ Иванчевиќ, Лета со Марија, Фрактура, 2022 година.

Дека Оља Савичевиќ Иванчевиќ во нејзиниот нов роман зборува за жена е јасно уште од самиот наслов, но таа тоа го прави на еден сосема впечатлив и инспиративен начин. Тематските склопови и идејните рамки на „Лета со Марија“ го опфаќаат животот на жените од едно семејство во едно мало далматинско гратче чие име до крајот не го дознаваме. Како што на овие простори од колено на колено се пренесувало машкото име, така и во нивното семејство името Марија се пренесувало со различни варијанти на прекари – Мара, Маре, Маријета, Мери, Мерица, Марица, Маријица, Марјуча, Маша, Мала Марија, Голема Марија, Убава Марија наречена Божена, баба Марија, Вујна Марија, Стрина Марија.

Марија, на еден многу личен начин, беше она што ги поврзуваше повеќе од презимето, коешто и онака е машка работа, ѝ рекоа, а таа веќе и самата го беше сфатила тоа. (10)

За „вечното ќеркинство“, Савичевиќ Иванчевиќ зборува од испреплетени временски перспективи, па овие одредници се развлечени и вклучуваат приказни од периодот од 1921 до 2021 година. Првите реченици на „Лета со Марија“, како што истакнува авторката во благодарноста на самиот крај, се напишани летото 2017 година на Корчула, а последната дури летото 2022 година на истото место и остров. Романот е поделен на два дела, кои авторката ги насловила како „Летен распуст“ и „Бабино лето“. Во првиот читаме за женски приказни од различни временски периоди од минатиот век, а во вториот во разговор меѓу мајка и ќерка, во 2021 година, се сумирани сите семејни дијагнози раскажани до тоа време, и формално се заокружува целината. Временски фрагментиран и разделен по поглавја, овој роман лесно може да се опише како збирка приказни. И во тој суд нема многу да погрешиме.

„Лета со Марија“ ја нагласува тематската полифонија на женските (автобиографски) записи во насока на семејните хроники, сеќавањата од детството и растењето, со континуиран осврт на заборавените предци-ќерки и односот на општеството кон нив низ времето. Савичевиќ Иванчевиќ избира два цитати, два епитафи за воведот на својот роман. Едната е стих од нејзината песна „Век“, а другата е онаа на Маргерит Дирас: „Мајките остануваат најчудните, најлудите луѓе што сме ги сретнале, ние, нивните деца.“ Се разбира, и двете се тесно поврзани со смисловната суштина на романот – генеалогија со акцент на поврзаноста помеѓу мајката и ќерката, сфатена и на буквално и на одредено симболичко ниво. Авторката им дава глас на приказните од минатото кои никогаш претходно не биле спомнати; ова е роман на кој би можеле да гледаме како архивирање на она што си го кажале жените, мајките, сопругите и ќерките – нивните разговори се дел од традицијата на женските собири и врз основа на нив се гледа како се живеело и колку сè е сменето. Сите Марии, Мариоли и Мариња уште од детството се борат со својата женскост и во текот на целиот живот тоа им е главната пречка, но „Лета со Марија“ не го покажува нивното предавање, напротив. Тие се своеглави и тврдоглави и продолжуваат да се борат со сите предизвици што ќе им се најдат на патот.

Со илустрација на односот(ите) помеѓу мајката и ќерката, авторката ги изложува најчувствителните места во општествената перцепција на тој однос. Генерацискиот редослед на мајчинска грижа во овој роман се отсликува и во следните прашања кои доаѓаат откако Мариола ќе порасне и ќе стане мајка: Дали ќерките ги наследуваат своите мајки во сите сегменти на постоењето, дали живеат со континуираниот товар на преиспитување на својата улога којашто често им се наметнува како единствена суштинска за нив и други варијации на таа тема. Низ пет генерации, нивните судбини се поврзуваат и условуваат една со друга, исто како трите прамени коса во плетенка што ја краси корицата на романот дизајниран од Иван Станишиќ. Условеностите се определени, прво според родовиот идентитет, потоа националниот идентитет, но и со оној што го наметнува патријархалниот архетип на односот меѓу мајката и ќерката.

Марија, хероината на сите наши времиња

Насловот на овој роман во свеста на читателот може да го доведе „Лето со Моника“, познатиот филм на Ингмар Бергман од 1953 година. Иако би помислиле дека референцата комуницира со споменатиот филм само на ниво на сличност на насловот, сепак има (нешто) повеќе. Идејата, мотивот и атмосферата на летото во кое се сместени приказните се важни детерминанти кои се во спротивност со судбините на сите Марии во книгата. „Лета(та) со Марија“ ја ослободуваат својата магија со оживување на мирисите на Медитеранот, мешавина од морскиот ветер, морето покрај јаворите, мирисите на жените, дивите тесни заливи; истото го доживуваме и во „Лето со Моника“. Нивните приватни драми се претставени одблиску, во крпен план, а летото е неопходна илузија и контрапункт на животите кои не се толку „магични, меки и убави“. Исто така, кај Савичевиќ Иванчевиќ како и кај Бергман – големите и малите приказни, личните и историските – интимните раскинувања, женските трагедии, средбите – влегуваат во она што би можеле да го наречеме сиров материјал, суштината со која се започнува со создавањето. „Лета со Марија“, исто како и „Лето со Моника“ на Бергман, е дело што го зајакнува фокусот на женската перспектива од која се гледа светот. Затоа, конечно кога ќе се стаса до поентата, треба да го пофалиме насловот кој многу убаво го доловува сврзното ткиво на самото дело и ја сумира атмосферата присутна во него.

Савичевиќ Иванчевиќ користи прво и трето лице како главна наративна техника, со што ги поврзува нараторите и ликовите фокализатори и ни овозможува истовремено објективно да ги видиме презентираните ситуации од животот на жените, но и емотивно да бидеме вклучени во нивните судбини. , потенцијално идентификувајќи се со нив. На овој начин, овој роман критички се осврнува на својата тема, која е концентрирана во искуствата на неколку жени низ чии приказни одекнале војни, умирачки, падови и триумфи на нациите, како и пандемии. Затоа уште поинтересен е изборот на авторката да ги напише поглавјата од романот кои се временски сместени во далечното минато – 20-тите, 50-тите и 60-тите години на 20 век – користејќи дијалект, локализми и хумор, користејќи поедноставен стил отколку во помалку хумористичните современи поглавја, кои се повеќе исполнети со вознемиреност, но секако се во чекор со општата состојба на свеста на светот во тоа време. Со ваквиот пристап кон јазикот, авторката успеала да го пренесе автентичното животно искуство на пет жени од различни генерации. И не само тоа, туку таа покажува и колку многу се променило во тие сто години. Од Марија-предците кои поминале децении во кујни и соби, до нивните потомци кои на многу начини придонеле за еманципација и давање глас на сите тие заборавени жени. Пишувајќи за проблемите со кои се соочувале претходниците на семејството, Савичевиќ Иванчевиќ зборува и за чекорите напред кога станува збор за видливоста на женското име и дело со текот на времето. Сето тоа е врамено низ ликот на семејното стебло каде нема место за жени.

АвторИвана Голијанин
2023-03-17T05:10:56+00:00 март 12th, 2023|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 149|